(ВИДЕО) Сојуз на глуви: Татко претседател, ќерка генерален секретар, старосватица секретарка, кум…

May 30, 2023
6 mins read

Членови на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица обвинуваат дека организацијата ја има запоседнато едно семејство. За обвинувањата за непотизам, кој се финансира со јавни пари, знае и министерката за труд

На прашањата на „360 степени“ за роднинските врски во врвот на Сојузот на глуви одговара генералната секретарка Лиза Велкоска, ќерка на претседателот на Сојузот, Томица Стојановски

На вториот кат од просториите на „Даре Џамбаз“ во Скопје се наоѓа седиштето на националниот Сојуз на глуви и наглуви. Не овде, туку во нашата редакција дојдоа негови членови за крајно претпазливо да алармираат за непотизам и недомаќинско трошење на државни пари. Колку темата е сензитивна за оваа заедница, говори и фактот што и толкувачот од знаковен јазик бараше анонимност, па синхронизацијата на сведоштвата дополнително ја направија колеги од „360 степени“.

„Во Сојузот, непотизмот е на високо ниво, почнувајќи од највисоките функции: генерален сектретар – ќерка и претседател на Национален сојуз – татко. Тука почнува целата работа, потоа тоа се прелева на Извршниот одбор, каде сите се под палка на генералниот секретар“,

вели за „360 степени“ член на Националниот сојуз на глуви и наглуви, познат на нашата редакција.

Претседател на Сојузот на глуви и наглуви е Томица Стојановски, а генерален секретар Лиза Велкоска. Така е наведено на официјалната веб-страница. Но, со едноставно пребарување на „Фејсбук“ се открива дека моминското презиме на Лиза е Стојановска. Вака се сфаќа дека Лиза Стојановска Велкоска – генерален секретар во Сојузот, е ќерка на Томица Стојановски – претседател на истиот Сојуз, но на веб-страницата, моминското презиме на генералната секретарка не е наведено. Генералната секретарка е лице што слуша, што статутот на Сојузот го дозволува.

„360°: Добар ден Лиза, е сега не знам, дали Велкоска или Стојановска, бидејќи на официјалниот сајт на Сојузот на глуви сте Лиза Велкоска, меѓутоа на социјалните мрежи сте Лиза Стојановска Велкоска.

Ја сум Лиза Велкоска, без В. Тоа ми е презиме што го носам пред 10 години, бидејќи оттогаш нели сум во брак и тоа е презимето коешто го носам, Велкоска.

360°: Го преземавте презимето од сопругот.

Од сопругот така.

360°: Не ги задржавте двете?

Не, не“,

вели генералната секретарка на Сојузот за „360 степени“,

Лиза Велкоска – генерален секретар на Националниот сојуз на глуви и наглуви

Како вработена во Сојузот, таа уште во 2018 со протест бара разрешување на тогашниот претседател – претходникот на нејзиниот татко.

Потоа, се случуваат промени и на чело на Сојузот доаѓа нејзиниoт татко. Но, набрзо се повторуваат превирања.

На изборите на почетокот на годинава Томица Стојановски повторно е избран за претседател. Според Статутот на Сојузот – и претседателот и генералниот секретар имаат право на месечен надомест, чија висина ја утврдува Извршниот одбор. Ова раководно тело, пак, е составено од 9 члена.

„Сега најново, од изборите кои се одржаа во јануари, избрани се 9 членови на Извршниот одбор, од кои едниот е претседателот на Сојузот, односно таткото, едно лице кое е испратен претседател од Куманово, чиј син вработен е секретар (н.з. во Куманово). Велес – исто делегат чиј зет е делегат. Гевгелија, исто, снаата на делегатот е сeкретарка во тамошното здружение, Гостивар исто – ќерката вработена секретар… Сите овие се под ингеренции на генералната секретарка од националниот Сојуз“,

вели за „360 степени“ член на Националниот сојуз на глуви и наглуви, познат на редакцијата.

Слични се обвинувањата и за Собранието, кое брои 24 члена, чии имиња не се наведени на веб-страницата. Ова е највисок раководен орган на Сојузот – ги избира останатите раководни органи и носи програма за работа и финансиски план.

„Во Собранието на Сојузот членуваат повеќето роднини на генералниот секретар – прв братучед на нејзиниот сопруг, уште еден братучед, кум, за толку сме сигурни. Сите овие се дел од Собранието, всушност, целото Собрание е составено под ингеренции на генералниот секретар“,

вели за „360 степени“ член на Националниот сојуз на глуви и наглуви.

Сојузот на глуви и наглуви секоја година од државата добива 10 милиони денари или 160 000 евра. Тоа се пари од даноците на игри на среќа. Од нив,еден милион денари или 16 000 евра, се слеваат во фолклорното здружение „Традиција“.

„Кумот формира фолклорно здружение, на кое основачи се мајка на генерален секретар, татко на генерален секретар, кум, кума и семеен пријател“,

сведочи за „360 степени“ член на Сојузот.

За непотизмот, никој не се осудува јавно зборува, велат нашите соговорници.

„Сакаме сериозно да почнеме да работиме, не не почитуваат. За нас обичните членови, што немаме роднинска врска, притисок отсекогаш има. Тоа значи директни закани на видео повици од претседателот на националниот сојуз… Се заканува, на пример, дека не сака наш член во Извршен одбор, не сакаат некој што ги разбира работите, туку некои што помалку разбираат, што не читаат како што треба. Нив тоа им одговара, да не делат“,

кажа еден од нашите соговорници.

„Фолклорот е најневажната работа што се случува во Сојузот. Глувите имаат реално многу поголеми проблеми со кои се соочуваат. Нам ни треба, на пример, собрание, едукација, семинари да се прават, работилници, затоа што целта е сите ние да станеме многу посвесни, да бидеме еднакви во општеството“,

вели друг член на Сојузот.

Националниот сојуз има локални ограноци во повеќе градови, од кои најголем е скопскиот. Ситуацијата од републичкиот се пресликува и подолу.

„Пример, секретарка сега на Град Скопје е старосватица на генералната секретарка на Националниот сојуз“,

посочи еден од нашите соговорници.

Конфликтот на интереси е споменат во Статутот на Сојузот, но наведено е дека одговорноста се утврдува со посебен акт. Кој е тој акт – не се знае, ниту дали досега некој понел одговорност за случувањата во овој мандат.

Сојузот има околу 7 000 членови. Зошто токму една фамилија и блиски луѓе на неа треба да доминираат во раководните органи ја прашавме лично генералната секретарка – Лиза Велкоска.

360°: Вие сте генерална секретарка на Сoјузот каде вашиотт атко е претседател, кумот ви член, старосватицата  е дел од општинската организација на Град Скопје. Како го коментирате ова?

Велкоска: Вака сега. Јас сум во Сојузот вработена уште од далечната 2013, јас поточно не сум вработена јас во Сојузот, како што велите вие нели, заедно со таткото. Јас сум вработена во Советот на инвалидски организации, скратено НСИОМ, тоа е апсолутно посебна организација, каде што таму имам договор за вработување со трето лице коешто е раководител… Јас работам за потребите на Сојузот на глуви и наглуви и апсолутно не сум вработена кај мојот татко, како што се шири во јавноста.

360°: По Статутот и да не сте вработена тука имате право на месечен надомест од Сојузот на глуви. Дали добивате и колку изнесува таа сума?

Велкоска: Вака сега. Да, јас сум изгласа од самото Собрание уште во месец септември 2018 година. Изгласана сум од Собранието како највисок орган. Како секретар оттогаш до ден-денес, нормално, сите коишто имаме дополнителна фунција и одговорност, со таа функција имам, со одлука на членовите на Собрание, имам месечен надоместок, помалку во износ од 8 000 денари“.

Генералната секретарка вели дека фолклорот е многу важна активност за членовите на Сојузот на глуви. Тие еднаш годишно настапуваат надвор од државата, а годишен концерт имаат и дома. Според неа тоа е покажување на одредена култура, но и приказ на невозможното, глуви да се покажат на сцена и да не претстават и во странство. Генсекот на Сојузот и покрај обвинувањата се чини нема намера да се повлече од местото.

„360°: Дали како минимален чекор за доведување на работите во нормала, би се повлекле од позицијата во Советот. Вие или вашиот татко.

Па вака сега. Во однос на тоа сакам да кажам. Мојот родител, јас сум Велкоска веќе 10 години, јас имам свое семејство, живеам во посебно семејство 10 години наназад. Друго сакам да кажам, мојот родител не е избран од мене,  немам статутарно никакво право јас како поединец да го изберам и да му кажам да денес ти си тука, утре не си. Јас ги спроведувам долуките според Статутот на Сојузот, донесени од највисокиот орган, а тоа е Собранието.

360°: Собранието е составено од 24 члена, од повеќе градови во државата. Кој ги избира секретарите на останатите здруженија по градовите?

Тоа сакав да ви кажам. Собранието го сочинуваат 24 члена, имаме статутарно 18 здруженија со коишто соработува, тие 18 здруженија делегираат, имавме избори сега неодамна пред…

360°: Да скратиме. Тие делегирааат претставници.

Така.

360°: Но, вие како генерален секретар  сте таа којашто координира и ја следи работата на секретарите на општинските здруженија. Значи сте во координација со сите.

Ние не се мешаме во тоа кој претставник ќе изберат матичното здружение. Немаме право да се мешаме.

360°: Да сумираме, значи не гледате проблем во тоа што во ист Сојуз…

Апсолутно не гледам никакво судир на интерес. Тоа е поткрепено со документи и докази“,

вели Велкоска.

За непотистичкото стебло во Сојузот алармирано е и ресорното Министерство. Тренчевска вели дека и за 2023 година, сумата што Сојузот ќе ја добие е вкупно десет милиони денари. Парите се исплаќаат врз основа на претходно поднесена програма за работа, а по истекот на годината се реферира како се потрошени.

360°: Има ли некакви критериуми за што може да добијат пари, а за што не. Дали ги прашувате на пример дали е најнеопходно за фолклорно здружение да се дадат пари?

Ние ја оценуваме програмата. Не можеме да се мешаме во потребите на националните сојузи, затоа што таа програма се усвојува на највисокиот орган на националниот сојуз, на Собранието.

360°: И со години една одбрана група на луѓе одлучуваат да им се префрлаат на нив средства.

Тоа е, сепак, работа на Собранието, на членството.

360°: Ме интересира кои се механизмите?

Владата не смее да се меша во работата на здруженијата на граѓани“,

вели министерката Јована Тренчевска во разговор за „360 степени“.

Јована Тренчевска – министерка за труд и социјална политика

Дополнително, Тренчевска најавува финансиска ревизија на работењето на Сојузот преку комисија од министерството.

Сојузот на глуви и наглуви последен пат бил под лупа на Државниот завод за ревизија во 2016 година, пред да се смени раководството со сегашниот состав. Ревизоритеизразиле неповолно мислење за тогашната состојба на Сојузот. Работите се чини не се променети – барем не на подобро.

„Нашите барања се да престане непотизмот и Владата да води сметка за трошењето на парите на сојузите, можеби да се промени Законот за здруженијата, каде што ќе се променат и статутите со тоа што нема да се вработуваат повеќе блиски членови на фамилиите. Сојузот  е како наш втор дом. Таму се обраќаме за секој наш проблем, за секоја наша потреба. Наместо се повеќе да се запознаваме, да се дружиме и да бидеме во нашата заедница, ние се повеќе и повеќе се оттуѓуваме“,

порача нашиот трет соговорник.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Што е проблемот што рускиот имот само се замрзнува, а не се запленува

Следно

Италијанската полиција приведе малолетник осомничен за поддршка на терористичката организација ДАЕШ

Latest from Blog

Слепиот послушник и потрчко на Заев сега на услуга на Филипче, Аврамовска Мадиќ ги изготви славните измени на КЗ за спас на криминалците од СДС и ДУИ

Во СДС ништо не е сменето. И покрај смените на хартија на два претседатели, со СДС сè уште владее Зоран Заев. Тоа се гледа и од последниот избор за претседател на СДС,

Шилегов со песната „Во бестрага“ го коментираше новото раководство на СДСМ

Екс градоначалникот на Град Скопје и дел од СДСМ, Петре Шилегов на својот Фејсбук профил објави реакција по повод Централниот конгрес на СДСМ каде е избрано ново раководство. Тој ја објави песната
Go toTop