(ВИДЕО) Се гледа крајот на рокот, но не и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид

October 1, 2023
4 mins read

Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што е предвидено и со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони

Веќе контроверзниот проект, сепак, има и светли точки. На делницата Кичево-Охрид е изграден вијадукт со најдолг распон меѓу два столба во Македонија (165 метри), а во неговата изведба учествувал младиот и талентиран градежен инженер Филип Трајковски од Демир Хисар

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година. Без тендер, директно е договорено да го гради кинеската компанија „Синохидро“. Директно биле договарани и други работи – оние што ги слушнавме во прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, кој тогаш беше во опозиција. „Да не е многу, а? Да не се претера новинарството?“, прашува екс-премиерот Никола Груевски додека разговара со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски.

Педесет и седумте километри автопат требаше да чинат 374 милиони евра и да бидат завршени за околу четири години. „Очекуваме раздвижување на економијата во регионите каде што ќе се градат патиштата“, рече Груевски на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот во февруари 2014 година.

По три години, во мај 2017, беше објавен напредок. „Колку што разбрав, речиси половина од градбата е завршена“, демонстративно пред камерите го праша Груевски тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. „Да. Преку 45 проценти е прогресот завршен“, му одговори тој.

По еден месец од оваа изјава во тунелот на Пресека, владата на ВМРО-ДПМНЕ си замина. На власт дојде СДСМ и по извесно време објави дека поради пропусти, пред сè, во поектирањето, изградбата ќе голтне дополнителни милиони и години.

„Најпрво е потребно да се изврши допроектирање на сите работи што претходно ги спомнав и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот“,

изјави Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски (март 2018 г.).

Изградбата беше пролонгирана до јуни 2021 година, а „Синохидро“ доби нов рок и дополнителни пари што сега се вкупно 598 милиони евра.

„Кичево – Охрид, крајот на 2023 година. Правиме максимални напори.“

– Имате рок што е утврден?

„Да, тој е со закон утврден.“

рече во интервју за „ТВ 21“ актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски (октомври 2022 г.).

Крајот на 2023 година се гледа но, според состојбата на терен, не и крајот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР ВО КОНТРОВЕРЗНИОТ ПРОЕКТ

На автопатот Кичево – Охрид има храбро архитектонско решение за кое проектантите ретко се одлучуваат. Се работи за вијадукт – градба што се разликува од мост по тоа што под неа не тече река, туку има суводолица. Но, овој вијадукт е уникатен – има најдолг распон меѓу два столба во Македонија – 165 метри.

Вијадуктот „Лавчани“ / Фото: „360 степени“

„На почеток тука ова што го гледате немаше ништо туку беше еден куп земја. Неколку месеци се боревме со тоа како да направиме пристапни патишта за да ја отпочнеме изградбата на темелите“,

вели Филип Трајковски – градежен инженер.

Во изведбата на Вијадуктот, крстен по блиското село Лавчани, учествувал градежниот инженер Филип Трајковски – млад професионалец, вљубеник во градежништвото. Компанијата „Гранит“ во која е вработен е еден од подизведувачите.  

Филип Трајковски – градежен инженер / фото: „360 степени“

Автопатот се гради речиси десет години, колку што трае и досегашната кариера на Трајковски. Тој сè уште не бил дипломиран кога го ангажирале во 2015 година.

„Додека студиравме, не ми ни паѓаше на памет дека јас би можел да изведувам ваков мост, иако во тоа време веќе се изведуваа два на Демир Капија – Смоквица. Таму лично бевме преку Градежниот факултет, ги посетивме. Тоа премногу ме фасцинира и го чекав денот кога јас би почнал да работам на таков вијадукт и тоа се случи многу брзо, за моја среќа. Од прилика за нецела година од посетата на тој вијадукт, јас бев назначен да работам на овој вијадукт“,

вели Трајковски.

Изведбата на вијадуктот почнала во 2016 година и траела пет години.

„Отсекогаш ме воодушевувал фактот што зад секоја градба стои човечката креативност и вештина, како од идеа да се стигне до реализација, како и фактот дека резултатите од градежништвото се секогаш видливи, иако на почеток се само еден куп хартија од цртежи и пресметки“,

вели Трајковски.

Овој автопат поминува низ специфичен терен, па има повеќе интересни архитектонски решенија. За разлика од вијадуктот што има најдолг распон меѓу два столба, кај селото Добреноец е мостот што има најголема вкупна должина од сите мостови на автопатот Кичево-Охрид. Долг е 520 метри, а највисокиот столб е висок 59 метри.

Мостот кај Добреноец / фото: „360 степени“

Долго трае, но изградбата и на овој автопат некогаш ќе заврши. Трајковски би сакал да ја продолжи својата кариера работејќи на слични инфраструктурни проекти.

„Мислам дека многу ќе ми фали кога овој проект ќе заврши. Кога би требало конкретно да изберам што би работел во иднина и што е мојот предизвик, мислам дека тоа повторно би бил делот на изградба на мостови односно некој висечки мост со големи распони“,   

вели Трајковски.

Изведбата на вијадуктот е завршена, но тоа не значи дека тој е во целост готов. Во тек се финалните работи. Дента кога снимавме се поставуваше заштитна ограда. На друг дел од автопатот се асфалтираше.

Примерот со мостот е меѓу светлите точки во контроверзниот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид кој се реализира предолго и чини прескапо.

Напредокот во изградбата на автопатот Кичево – Охрид на некои делници е многу бавен / фото: „360 степени“

ВЛАСТА БЕЗ КОНКРЕТНИ ОДГОВОРИ

Во 2020 година Институтот за демократија објави анализа, според која, за автотатот ќе бидат потрошени речиси двојно повеќе пари од првично планираното, односно над 10 милиони евра за километар. Досега се поторшени 421 милион евра, велат од Транспорт.

На терен речиси целосно готови се тунелите кај превојот Пресека. За голем дел од останатите делници впечатокот е дека има уште многу работа додека оттука да почнат да минуваат возила.

Еден од тунелите кај Пресека / фото: „360 степени“

Министерот за транспорт и врски го најдовме на дневен настан. Го прашавме дали и натаму очекува автопатот Кичево – Охрид да биде завршен до крајот на годината.

„Ние ќе направиме сè, ги правиме сите координации и притисоци за изведувачите на терен да ја завршат својата задача бидејќи институциите својата задача си ја завршија“,

изјави Благој Бичварски – министер за транспорт и врски.

Бочварски вели дека автопатот ќе биде пуштан во употреба делница по делница.

Благој Бочварски – министер за транспорт и врски / фото „360 степени“

„Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот во Охрид и е пуштена во сообраќај, така што продолжуваме секој дел што ќе биде приспособен, согласно стандарди и процедури да биде безбеден, да биде пуштен во сообраќај.“

360°: Која е таа делница?

„Ќе почне од Охрид кон Подмоље, асфалтирање на третиот слој, и продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево“,

додава Бочварски.

Но, Бочварски не е прецизен дали 31 декември годинава освен законски, останува и рок во пракса за завршување на целиот автопат. Според нашиот увид на терен, тоа изгледа нереално. А, договорот на државата со „Синохидро“ на 12 ноември годинава ќе направи една деценија од потпишувањето.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Дали Груби ја ветил коцкарската индустрија на Черепот, близок до Пригожин и Москва, мафијаш во притвор?!

Следно

БЕСА нема да гласа за уставни измени: Прво формулација албански јазик наместо 20 отсто, па потоа

Latest from Blog

Над 20 000 ученици дел од „Генералка викенд“

Над 20.000 ученици и повеќе од 1.000 наставници од основните и средните училишта се приклучија на националната еко-акција „Генералка викенд“, низ практични експерименти, часови и работилници посветени на заштита на животната средина

Заврши изборната кампања пред утрешните парламентарни избори во Албанија

Со повик за масовна поддршка и убеденост во победа на неделните парламентарни избори, со синоќешните масовни митинзи во Тирана, партиите ја заокружија едномесечната интензивна изборна кампања. Владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама,

Денвер Нагетс во продолжение ја совлада Оклахома Сити Тандер и поведе со 2-1 во плејофот на НБА

ИСТАНБУЛ (АА) – Во полуфиналето на Западната конференција на НБА лигата, Денвер Нагетс на домашен терен ја совладаа Оклахома Сити Тандер со 113-104 во продолжението и поведе со 2-1 во серијата, известува

Со 2,28 промили управувал мотоцикл и излетал од патот во Струга, полицијата го привела

На 09.05.2025 во 06.35 часот полициски службеници од ОВР Струга на улицата „Боро Калајџиески“ во Струга, го лишиле од слобода И.М.(36) од Струга. Тој претходно, пред казино лоцирано во населбата „Плитишта“ во

Во изминатите пет години, преку „Генералка викенд“ се собрани над 1.000 тони отпад

Започна новото издание на „Генералка викенд“ – иницијатива за масовно чистење на отпадот што несовесни граѓани го оставаат низ природата. Илјадници волонтери од сите општини низ земјата се вклучени во акцијата, која
Go toTop