(ВИДЕО) Пред четири години загинаа 16 луѓе кај Ласкарци, сè уште никој не е прогласен за крив

February 14, 2023
6 mins read

Судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци се уште е пред Кривичниот суд во Скопје, што значи дека не донесена ниту првостепена пресуда

Изминативе недели се води битка со вештачењата. Оние на обвинителството покажуваат дека во еден момент возачот кочел, но сопирачките не му биле исправни што довело до потешки последици, поради што на обвинителна клупа се уште пет лица покрај шоферот. Вештачењата на одбраната, како и неодамна завршеното супервештачење, се на линија дека немало обид за кочење. А ако немало кочење, неважно е во каква состојба биле кочниците при конкретниот настан

На 13 февруари, пред четири години, цела држава разбра каде е Ласкарци. Нива во атарот на селото беше местото каде што принудно запре попладневниот автобус Скопје – Гостивар на компанијата „Дурмо турс“, откако возачот загуби контрола над возилото патувајќи по блискиот автопат.

Од 55 патници во автобусот, 16 го загубија животот, а уште 37 завршија со потешки или полесни повреди.

Уште на првата годишнина од несреќата, преживеаните и роднините на жртвите кажаа што им преостанало да посакуваат.

(од лево кон десно): Мерсел Незири (повреден во несреќата), Љуљзим Далипи (повреден во несреќата) и Митко Аврамоски (татко на починатиот Бобан Аврамоски)

Се надевам дека никогаш нема да се повтори и веруваме дека наскоро ќе излезат и причините и виновниците и правдата на виделина“,

изјави Мерсел Незири, повреден во несреќата, во февруари 2020 година.

„Се надеваме дека вистинските и главните виновници ќе ја добијат казната што ја заслужуваат за овој настан“,

изјави Љуљзим Далипи, повреден во несреќата, во февруари 2020 година.

„Предлагаме овој кривичноправен настан, кај што ги загубивме нашите најмили, да се преквалификува во кривично дело убиство“,

изјави Митко Аврамоски, татко на починатиот Бобан Аврамоски, во февруари 2020 година.

Последниот соговорник, Митко Аврамовски, кого го снимавме во 2020 година, не ја дочека посакуваната правда по загубата на синот единец во автобусот на „Дурмо турс“. Почина од срцев удар во 2021 година, на 55 години.

По три и пол месеци имаше обвинение, а по три и пол години судење нема пресуда

Денес, февруари 2023 година, сè уште ја нема посакуваната правда. Судењето и понатаму е пред првостепениот суд.

Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски (февруари 2023 г.)

„Ова што се случува тука е срамота за нашево судство… 13 февруари 2023 година, четврта година откако се случи сообраќајната незгода“,

изјави Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски.

За несреќата што се случи кај Ласкарци на 13 февруари 2019 година, на Обвинителството му беа потребни само три и пол месеци за да направи увиди, распити, вештачења и да поднесе обвинение против шест лица на 1 јули 2019 година.

Првото рочиште се одржа на 5 септември 2019 г., кога на обвинителна клупа се најдоа газдата на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бејлули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Дурмиш Бејлули.

По речиси две години судење, на 11 ноември 2021 година, Кривичниот суд нарача супервештачење по барање на дел од обвинетите. Клучна причина е тоа што вештачењето на Обвинителството покажува обид на возачот да кочи, додека одбраната на останатите обвинети покрај шоферот, го тврди спротивното.

Супервештачењето е готово по дури една година и два месеци, на 27 декември 2022 година.

Временска низа на клучните датуми во случајот „Ласкарци“

Кога вештаците се постручни од супервештаците

Машинското и сообраќајното вештачење на Обвинителството и последователните супервештачења во најголем дел се совпаѓаат, освен во една клучна работа.

И во двата документи е неспорно дека автобусот се движел со брзина од 99 километри на час по средната лента, кога поради претпоставена возачка грешка или невнимание при повисока брзина од дозволената, автобусот бил насочен преку левата лента кон заштитната ограда. Врз основа на вештачењето на тахографот, патем направено по барање на Обвинителството, и двата документи заклучуваат дека во оваа фаза автобусот ја намалувал брзината за околу 1 метар во секунда за секунда, што одговара на моторно кочење, а не и на обид за активирање на кочниците.

Во втората фаза, откако автобусот ја соборува левата банкина во насока Скопје – Тетово, го преминува земјениот дел и прави контакт со задниот дел од левата оградата на патот кој води во спротивна насока, од Тетово кон Скопје. И тука, двата документи заклучуваат дека нема кочење, бидејќи автобусот успорувал со само 0,3 метри во секунда за секунда.

Приказ на забавувањето на автобусот, согласно вештањето на тахографската лента

За третата фаза, односно траекторијата на автобусот откако влегол во патот во спротивна насока, па сè до контактот со десната банкина, и во двата документи се заклучува дека автобусот забавувал со многу позначителни 3 метри во секунда за секунда. Но, оттука почнуваат суштинските разлики во толкувањето на истите факти.

Во вештачењата на Обвинителството се тврди дека забавувањето на автобусот од 3 метри во секунда за секунда се должи на обид за кочење од возачот. Но, за тоа нема траги на асфалтот бидејќи, како што покажува машинското вештачење, кочниците имале коефициент на сопирање од најмногу 36 %, а законскиот минимум е 45 % (проценти).

„Оваа состојба е тешка неисправност во системот за кочење. Истата морала да биде откриена при одржувањето и техничките прегледи и отстранета“,

пишува на страницата број 29, на вештачењето на Машинскиот дел изработено од Машинскиот факултет – Скопје.

За потсетување, последните технички прегледи автобусот на „Дурмо турс“ ги минал во станица која е во сопственост токму на газдата на „Дурмо турс“. Во вештачењето на Обвинителството се нотираат и нефункционалност на АБС-системот, голема разлика во коефициентот на сопирање меѓу левата и десна погонска оска, неправилности при техничкиот преглед.

Според Обвинителството, кочниците немале удел за почетокот на несреќата. Но, имале удел во нејзиниот развој и во последиците – 16 мртви и 37 повредени. Тоа е и основата за одговорноста на сите останати покрај возачот.

Супервештаците, кои не спорат ниту еден од параметрите за забавувањето на автобусот, носат поинаков заклучок. Според нив, забавувањето од 3 метри во секунда за секунда се должи на отпор од патот, моторот, трансмисијата, отпорот на тркалање, но не и на обид за кочење.

Па, заклучуваат, иако системот за сопирање имал недостатоци, тоа не е важно штом возачот не кочел.

„Во однос на системот за сопирање на автобусот, вештите лица се на мислење дека на системот за сопирање на автобусот постоеле недостатоци… но, со оглед дека не постојат докази за активирање на системот за сопирање… констатираните недостатоци не биле причина за настанувањето на незгодата.“,

пишува на страница 72 на супервештачењето на Машинскиот дел, изработено од Бирото за судски вештачења.

Ваквите ставови во супервештачeњето, според Обвинителството, а и според роднините на жртвите, одат во насока – целата одговорност да остане само кај возачот.

Тензијата во и надвор од судницата дополнително порасна кога обвинителот доби можност вкрстено да ги испрашува супервештаците.

Се сомневаме дека почнаа игри да се прават бидејќи вештото лице покажа на изминатите две рочишта дека нема благе везе со предметот што е вештачен од страната на Бирото за судски вештачења. Сами сте сведоци на најосновните прашања на јавниот обвинител, не знае да одговори. Никогаш во животот немал ваков предмет да вештачи. Две години има лиценца за вештачење, не знае да чита тахографски ленти, па како ние да веруваме оштетени дека тоа вештачење што го направило Бирото и тоа вешто лице, се релевантни, издржано и професионално направени“,

изјави на 7 февруари Благојче Трпевски, татко на загинатиот Јовица.

На машинското вештачење на Обвинителството се потпишани пет доктори на науки кои се или професори или доценти на Машинскиот факултет, плус еден стручен соработник. Бидејќи најдобрите во земјата веќе учествуваа во првичните вештачења, на машинското супервештачење се потпишани луѓе со пониски титули – еден доктор на науки, двајца магистри и еден дипломиран машински инженер.

Сомнежи за супервештакот, сомнежи за супервештачењето

Токму докторот на науки потпишан на супервештачењето, Зекирија Зекири, кој е и шеф на тимот, е причината за одложувањето на последните две рочишта. По двете за него непријатни судења, се разболе. Обвинителот инсистира да го испрашува токму него.

Денот кога му се влоши здравјето, ТВ Алсат објави дека Зекири со години има партиски активности за ДУИ. А кадар на ДУИ го води и Бирото за судски вештачења.

„Ви гарантирам дека никој не се јавил на телефон, ниту адвокатите, ниту сопственикот на „Дурмо турс“, а особено не директорот на Бирото за судски вештачења. Јас сум само надворешен соработник. Веќе две години имам лиценца од оваа област“,

изјави Зекирија Зекири за ТВ Алсат на 7 февруари 2023 година.

Сообраќајното вештачење и супервештачење го правела иста институција – Бирото за судски вештачења. Дури и за неупатен набљудувач, зачудува што супервештачењето заклучува дека нема кочење иако ги користи истите факти и наоди со кои првичното вештачење на Обвинителството заклучува дека има кочење.

Рочиште за случајот „Ласкарци“

Со овие дилеми, судењето за „Ласкарци“ треба да продолжи на 16 февруари. Но, неговото одржување нема да зависи од присуството на вештакот Зекирија Зекири, на чие испрашување инсистира обвинителот Дарко Јакимовски. Судијката Диана Груевска-Илиевска одлучи дека ако не се појави Зекири, тогаш обвинителот ќе треба да продолжи да ги испрашува другите вештаци од неговиот тим.

Невладината организација „Сите за правично судење“, која со години прави мониторинг на судења во земјава, го проблематизираше тој пристап. Извршниот директор Дарко Аврамовски вели дека во судница не би требало да се одговара групно.

Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“

„Ова е особено чувствително кога станува збор за вкрстеното испитување, каде што треба да се поставуваат и наведувачки прашања, со цел да може да се дискредитира сведокот, односно вештакот, а со тоа и самото изготвено вештачење. Тоа е можеби и единствениот начин како вие ќе успеете да докажете дека има некакви пропусти во некое од вештачењата и кое од тие вештачења судот треба да ги земе како порелевантни за донесување на одлука во случајот“,

вели Дарко Аврамовски, извршен директор на коалицијата „Сите за правично судење“.

Дали е фер и правично, и за обвинетите и за оштетените, што сè уште нема ниту првостепена пресуда за смртта на 16 луѓе? Дали е разумно случај со таква тежина веќе четврта година да се влече во основен суд?

Веројатно нема човек што на овие прашања би одговорил „Да“. Но, ете, тој одговор е реалност за сите на кои настанот кај Ласкарци трајно им ги промени животите.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Нагелсман: Меси и Мбапе се опасни само во еден случај

Следно

(ВИДЕО) Тројца убиени и петмина повредени во вооружен напад во универзитетски кампус во Мичиген, САД

Latest from Blog

Истанбулскиот форум ‘Џиханума’ од 13 до 15 декември ќе ги разгледува современите прашања на исламскиот свет

ИСТАНБУЛ (АА) – Во организација на Здружението за солидарност и соработка „Џиханума“ во Истанбул од 13 до 15 декември ќе се одржи Истанбулски форум на кој ќе се дискутира за предизвиците и

Седницата на Собранието на Србија е прекината поради физички конфликт меѓу пратениците

БЕЛГРАД (АА) – Седницата на Народното собрание на Србија денес накратко беше прекината по тензиите и турканиците меѓу опозицијата и претставниците на владејачката коалиција, известува Анадолу. Претставниците на Собранието на Србија денес

Андоновски: До јануари 2025 година ќе имаме нацрт закон за сајбер безбедност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, присуствуваше на првата средба на работна група за подготовка на првиот закон за безбедност на информациско-комуникациски системи или попознат како закон за сајбер безбедност. Министерот појасни

Таравари: „Албанскиот јазик не е еднаков со македонскиот, наша цел треба да биде повлекувањето на 20%“

Никој не се охрабрува да го повлече Законот за употреба на јазиците бидејќи „ВРЕДИ“ е гаранција дека Албанскиот јазик ќе се употребува како што се употребувало досега во институциите и регионите каде

Меѓународна изложба во МСУ – „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“

Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот. Во поставката „Војна
Go toTop