(ВИДЕО) Обвинителството почнува со распити во врска со тендерот за надзор над „Бехтел и Енка“

6 mins read

Обвинителството го отвори предметот пред половина година, по силен јавен притисок. Еден од елементите во постапката кои беа проблематизирани на јавна сцена беше тоа што компанијата „Електра солушнс“ побара и доби лиценца А за надзор за само пет работни дена, вклучувајќи го денот на поднесување и денот на издавање на лиценцата. Веднаш потоа „Електра солушнс“, како дел од конзорциумот на „ИРД Инженеринг“, беше избрана да врши надзор над изградбата на делници од автопатите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“

Документите кои „360 степени“ ги обезбеди од Министерството за транспорт и врски покажуваат дека во 2023 и 2022 година ниту една друга компанија не добила А лиценца за надзор за прв пат, за пократко време од „Електра солушнс“. А министерот за транспорт, Благој Бочварски, го тврдеше спротивното

Деновиве се навршија шест месеци откако обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистрага за постапката за избор на конзорциумот „ИРД Инженеринг“, кој прво ја преговараше цената за изградба на автопатите кои ги гради „Бехтел и Енка“, а сега треба да врши и надзор.

Обвинителството кое го води Ислам Абази презеде таков чекор поради непрекинатиот притисок од дел од јавноста и медиумите, меѓу кои и „360 степени“. Сомнеж на постапката фрлаа повеќе елементи, но во фокусот беше фирмата од победничкиот конзорциум – „Електра солушнс“.

„Таблата“ на ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција

Хронолошки, првиот „проблематичен елемент“ поврзан со „Електра солушнс“ е тоа што фирмата ја немала неопходната лиценца за надзор кога се распиша тендерот. Причината е проста – компанијата никогаш претходно не се занимавала со надзор.

Трап не лаже

Барањето за лиценца е поднесено во ек на распишаниот тендер, а надлежното, Министерството за транспорт го издало документот за само 5 работни дена, ако ги сметаме и денот на поднесување на барањето и денот на издавање на лиценцата.

АЛСАТ: Јас вадев лична карта пред извесно време и ми требаа 10 работни дена… Како може една фирма да добие лиценца, да биде надзор за четири дена?

Благој Бочварски: Значи, најпрвин, сакам да потенцирам дека надзор на изградбата на коридорот 8 коридорот 10-д е компанијата ИРД од Италија…

одговараше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во март 2023 година, при гостувањето во емисијата „Економски магазин“

На ова гостување на ТВ Алсат на крајот на март годинава, министерот Бочварски четири пати беше прашан и исто толку пати одбегна директно да одговори – дали друга компанија добила А лиценца за надзор во толку кратко време како „Електра Солушнс“.

Дел од документацијата обезбедна преку Законот за пристап до информации од јавен карактер

„360 степени“ уште тогаш се потпре на Законот за пристап до информации од јавен карактер и побара за секоја издадена А лиценца за надзор – на кој датум била побарана и на кој датум била издадена. Од Транспорт и врски користеа технички образложенија за да не ни ги дадат тие податоци, се додека барањата не ги формулиравме на начин што не можеа да ги отфрлат.

Посакуваните податоци ги добивме откако побаравме фотокопии од барањата за издавање А лиценца за надзор, кога тие биле поднесени во Министерството за транспорт и врски, а каде има и печат и датум на прием. Датумот на прием го вкрстивме со датумот на издавање на лиценците за секоја фирма поединечно кој, пак, може да се најде во регистарот на издадени лиценци достапен онлајн.

Според податоците кои ги добивме за 2023 и за 2022 година, ниту една друга компанија не добила А лиценца за надзор за толку кратко време како „Електра солушнс“.

Во тој период со лиценца А за надзор за прв пат се стекнале 13 компании. Просечно, чекале на лиценцата 11 работни дена, во што се вклучени и денот кога е поднесено барањето и денот на издавање:

Назив на фирма Број на работни денови на чекање
ГЕО ПОИНТ 21
НОМАГАС 13
ГЕОХИДРОКОНСАЛТИНГ ДООЕЛ 13
ПРЕМИУМ СЕЈФТИ СОЛУШНС 13
СЕЈКОН ДООЕЛ 12
АЛБ-АРХИТЕКТ 11
СТАТИКА-А ДООЕЛ 9
ИНВЕСТИНГ 9
ГЕОКОНТРОЛ 9
ТЕХНОКЛИМА КУМАНОВО 9
ПО^2 ИНГ 8
КВАДАР 6
ЕЛЕКТРА СОЛУШНС 5
СИНТЕК 4
Чекање во број на работни денови за издавање на А лиценца за надзор (од ден на поднесување, до ден на издавање на лиценца)

Најмногу работни денови, вкупно 21, чекала фирмата „Гео Поинт“, а уште пет фирми чекале повеќе од 10 дена. Речиси сите останати ги добиле лиценците по чекање од осум до девет работни дена, со исклучок на фирмата „Квадар“ која ја добила лиценцата за 6 дена и рекордерот „Електра солушнс“, која добила лиценца за пет работни дена, потсетуваме вклучувајќи ги и денот на поднесување и денот на издавање на лиценцата.

За споредба, за еден ден помалку од „Електра солушнс“ работа завршила само фирмата „Синтек“. Но, тие не барале лиценца, туку правеле корекција на адресата. За тоа требало четири работни дена.

Дека „Електра солушнс“ била ставена на „брза лента“ покажува уште еден пример.

Фирмата „Техноклима“ од Куманово побарала А лиценца за надзор на 23 септември 2022 година. Четири дена подоцна, на 27 септември 2022 година своето барање го поднесува и „Електра солушнс“. Спротивно на хронологијата на поднесување, прва е готова лиценцата на „Електра солушнс“ веќе на 3 октомври. „Техноклима“ ја добива лиценцата на 5 октомври.

Министерот за транспорт Благој Бочварски го соочивме со нашиот заклучок произлезен од документите кои ги добивме од неговиот ресор. Но, тој беше дециден дека имало и други фирми кои за пократко време добиле лиценци. Ова е неговиот интегрален одговор: 

Благој Бочварски, министер за транспорт и врски (лево)

„Јас веќе припремив еден податок од Министерството за транспорт  и врски кадешто најмалку пет фирми во последниве неколку месеци имаат добиено за помалку од пет дена, такви лиценци.

– Откако добила „Електра солушнс“?

Не, претходно. Така што, колку и да се обидува некој да бара во институциите некаква грешка заради брзо или бавно издавање на лиценци, тоа не може да најде бидејќи не е единствен случај и неколку пати повторив – ние сме поврзани со Комората за овластени инженери и архитекти во однос на оваа процедура. Секогаш кога пристигнува барања, ние праќаме допис до комората да ни потврдат дали тие архитекти и инженери коишто имаат овластувања се согласно процедурите и дали се соодветни на тие коишто ги издаваат од комората. Ако комората нас ни одговори за еден ден, ние можеме и за два до три дена да ги издадеме лиценците кон компаниите. Така што, констатацијата не држи дека е единствена компанија која е издадено не знам, за недела дена или… бидејќи има и пократки рокови за издавање на лиценци пред да биде издадена на оваа компанија“,

изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

„360 степени“ дополнително побара од Министерството за транспорт и врски да појасни кои се точно фирмите кои побрзо добиле лиценца од „Електра солушнс“. Побаравме и доказ кога тие фирми поднеле барање за да провериме – за колку дена ги добиле. И покрај комфорниот рок за одговор, тој не стигна.

Просечно треба пет дена само за проверки

Дел од тврдењата на Бочварски проверивме во Комората на овластени архитекти и инженери. Од таму ни одговорија дека просечно им се потребни пет дена за проверка на овластувањата на одредено лице, од моментот кога ќе им пристигне такво барање од Министерството за транспорт. Но, додаваат дека има и случаи кога им бил потребен еден работен ден, а имало и случаи кога постапката траела 30 дена. Се зависо од тоа дали членот на Комората си ја платил годишната членарина, независно дали му е важечко овластувањето.

„Во случај кога барањето за потврдување се однесува на неактивен член, Комората го известува дека е потребно да ги подмири обврските. Во зависност од брзината на неговата реакција, односно регулирање на обврските кон Комората, зависи и периодот на доставување на дописот/одговорот на Комората до Министерството“,

ни одговорија од Комората на овластени архитекти и инженери.

На наше прашање, од Комората потврдија дека имало случаи кога Министерството ургирало побрзо да одговорат на нивно барање.

Обвинителството почнува со распит

Тоа што „Електра солушнс“ добила лиценца А за надзор среде тендер и за експресно време, беше само една од „спорните“ точки. Нашите истражувања покажаа дека дел од имињата на професионалците кои треба да го вршат надзорот и кои според тендерот треба постојано да бидат на располагање на терен, се искористени за добивање и на други тендери за надзор чие спроведување е во тек во моментов. Понатаму, значителен дел од надзорните инженери со чии имиња е добиен тендерот, всушност се вработени на 40 часа во други фирми, што отвора прашање – како ќе работат нон-стоп на делниците на „Бехтел и Енка“ ако имаат друга редовна работа?

Зградата во која е сместено ОЈО за ГОКК

Овие и уште неколку други дилеми требаше да ги одгатне Јавното обвинителство. До каде се, шест месеци подоцна?

По обезбедување на севкупната документација и извршената анализа од страна на истражителите од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во наредниот период предметниот обвинител треба да започне со распит на лица инволвирани во постапката“,

одговорија за „360 степени“ од ОЈО за гонење на организиран криминал.

Додека обвинителството врши дејствија и распити, на терен веќе почна изградбата на автопатите, а со тоа и надзорот кој чини 22,3 милиони евра.

Дали и колку пари се исплатени на надзорот до овој момент – прашавме во Јавното претпријатие за државни патишта и сега и во јуни. И тогаш и сега, не добивме одговор.

Јавното претпријатие за државни патишта не е дел од „Отворени финансии“, што значи дека не може независно да им се проверат ниту приходите, ниту расходите. Тоа можат да го сторат само надзорните институции и, ако има потреба, обвинителството.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Газа порасна на 2.329

Следно

Петрески: Како претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик

Latest from Blog