(ВИДЕО) Никој не го слуша Омбудсманот за прислушувањето

November 12, 2023
4 mins read

Народниот правобранител, според закон, е едно од надзорните тела над следењето на комуникациите и работата на Агенцијата за национална безбедност, но во пракса тоа не функционира

Улогата на Омбудсманот во надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор беше главна тема на конференција, коорганизирана од Народниот правобранител и ДЦАФ, која се одржа во Скопје. На конференцијата немаше претставник на Агенцијата за национална безбедност. Биле поканети, но не одговориле

Надзор над следењето на комуникациите и над работата на Агенцијата за национална безбедност е законска надлежност на Народниот правобранител. Оваа институција е набројана меѓу надзорните тела во Законот за АНБ и во Законот за следење на комуникациите, во чиј член 56 конкретно пишува:

„Народниот правобранител на Република Македонија врши надзор над законитоста на преземените активности при спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од аспект на заштита на човековите права и слободи“,

стои во член 56 од Законот за следење на комуникациите.

Законската основа и обврска за омбудсманот се јасни, но…

Насер Зибери – Народен правобранител на РСМ

„Морам да признаам дека нашето искуство на ова поле е многу скромно, да не речам – не постои. Бев непријатно изненаден кога на повик на претседателот на Комисијата за надзор над работата на ОТА да ги споделиме нашите искуства во надзорот над безбедносните структури, на еден колегиум одржан во нашата институција, кога побарав што досега е направено на ова поле, едноставниот одговор беше – ништо“,

вели Насер Зибери – Народен правобранител на РС Македонија.

Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ беше коорганизатор на конференција во Скопје на која беше осветлена надзорната улога што треба да ја има Народниот правобранител.

Ханс Борн – Женевски центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ

„Омбудсманот има тешка улога. Тој, на некој начин, е мост меѓу овие два света – од една страна – тајниот свет, а од друга страна – јавниот свет. Преку вашиот мандат, граѓаните можат да се пожалат и со тоа може да ја исполните улогата на витална организација“,

вели Ханс Борн – Женевски центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ.

Во дебатата беа споделени искуствата од други земји. На пример, Финска има посебен народен правобранител за разузнавање, кој лично учествуваше на конференцијата. Институцијата е воспоставена во 2019 година и во неа има четворица вработени.

Кимо Хаконен – Народен правобранител за разузнавање, Финска

„Во мојата канцеларија го имаме истиот пристап до информации и истото влијание (како традиционалниот правобранител), но исто така имаме и специјален пристап до информации. Специјален значи со влијание кое „обичниот омбудсман“ го нема. Во Финска безбедносните институции имаат обврска тековно да нè информираат за нивните одлуки што се однесуваат на користењето различни методи на собирање разузнавачки информации“,  

рече Кимо Хаконен – Народен правобранител за разузнавање, Финска.

Србија беше посочена како добар пример во еден период. За време на мандатот на Саша Јанковиќ како народен правобранител од 2007 до 2017 година е направена првата опсежна контрола над безбедносно-разузнавачките институции која подоцна е истакнувана како добра пракса на европско ниво.  

Лука Глушац – Институт за филозофија и социјална теорија, Универзитет во Белград

„Во тој период омбудсманот ги искористи сите алатки што му стојат на располагање во насока на справување со индивидуални поплаки, спроведувајќи истраги, нешто што е многу важно. Исто така, ги користеше информациите од медиумите за да иницира истраги, а користеше и анонимни поплаки како основа за покренување истраги“,

рече Лука Глушац – Институт за филозофија и социјална теорија, Универзитет во Белград.

Во Хрватска, пак, народниот правобранител, во однос на безбедносните служби, има добиено неколку поплаки кои главно се однесуваат на работничките права. Службите не сакале да му одговорат на омбудсманот писмено, туку инсистирале на лична средба за да објаснат што се случило. Поранешната народна правобранителка на Хрватска, Лора Видовиќ, вели дека случаите се различни во различни сектори од безбедносно-разузнавачкиот систем.

Лора Видовиќ – поранешна народна правобранителка на Хрватска

„Разликата е во политичката димензија на еден проблем. Кога се соочувавме со поплаки кои се однесуваат на третманот на полицијата кон граѓанин кој не бил добро третиран кога поминувал улица, или пак при негово апсење, соработката со МВР и полицијата генерално беше многу добра – одговараа на нашите документи, понекогаш ќе беа суштински, некогаш не, некогаш ќе се повлечеа, ќе ги имплементираа нашите препораки. Но, вистинската промена дојде кога почнувавме да проучуваме случаи на лош полициски третман кои офаќаа миграцијата и правата на мигрантите“,

вели Лора Видовиќ – поранешна народна правобранителка на Хрватска.

Според пратеникот Љупчо Пренџов, претседател на Комисија за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, потребно е да се продлабочи соработката меѓу Собранието и Народниот правобранител.

Љупчо Пренџов – претседател на Комисија за надзор над работата на АР и АНБ

„Ова е одлична можност да ја прошириме нашата соработка бидејќи тој се грижи за човековите права и слободи во рамки на системот, а како што кажавме, општоприфатено е дека честопати службите, не само во Македонија, туку секаде, знаат да го преминат прагот на човековите права односно нивното доследно почитување. Сметам дека во иднина треба да се направи една потесна соработка на разменување и информации и на конкретни предмети помеѓу Народниот правобранител и Собранието“,

рече Љупчо Пренџов – претседател на Комисија за надзор над работата на АР и АНБ.

Амбасадорката на Швајцарија, земја која покрај Холандија, Шведска и Европската Унија, е донатор во програмата на ДЦАФ за реформи во безбедносно-разузнавачкиот сектор во Македонија, го нагласи мандатот на Народниот правобранител да врши надзор врз спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.

Вероник Улман – амбасадорка на Швајцарија

„Како независна и непристрасна институција има одговорност да обезбеди јасна и праведна перспектива на системот за надзор. Ќе ја надополни задачата на претстојниот Совет за граѓански надзор и на парламентарните комисии. 25 годишнината од воспоставувањето на канцеларијата на омбудсманот во земјата е добра можност да се нагласи проминентната улога на институцијата во зајакнувањето на демократскиот надзор над овој сектор“,

рече Вероник Улман – амбасадорка на Швајцарија.

Претседателот Стево Пендаровски оцени дека народниот правобранител е институција која е најблиску до суштината на она што се нарекува граѓанска контрола над власта и на еден од нејзините најсензитивни делови – безбедносните служби. 

Стево Пендаровски – претседател на РСМ

„Фактот дека оваа институција има овластување да бара одговори од институциите на власта по претставки на граѓаните вклучително и да врши увид во класифицираните информации, со какви главно работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта, не само основа за медиумски извештаи, туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест“,

смета Стево Пендаровски – претседател на РС Македонија.

Омбудсманот Насер Зибери, во финалето на конференцијата, посочи дека и по 25 години од основањето, оваа институција нема акредитација со статус А во Европската мрежа на национални институции за човекови права. За тоа потребно е исполнување на критериумите за финансиска, просторна и кадровска независност. Македонскиот омбудсман не исполнува ниту еден од нив. Зибери решението го гледа во законски измени.

„Во моментов во Собранието се наоѓа предлогот за измени во Законот за народен правобранител. Се надевам дека брзо ќе им биде поделен на пратеничките групи за да го разгледаат кадешто повеќето од овие прашања ги затвораме“,

додаде Зибери.

На конференцијата немаше претставник на Агенцијата за национална безбедност. Биле поканети, но не одговориле.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

150 милијарди против климата

Следно

Украина тврди дека ја вратила контролата врз село на границата со Русија

Latest from Blog

На повеќе патни правци активна забрана за сообраќај на камиони, слаби врнежи од снег во Гостивар и Дебар

АМСМ вечерва информира дека укинати се забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци Деве Баир – Крива Паланка, Делчево – г.п. Делчево и Македонски Брод – Прилеп, преку планинскиот

Голем дел од општина Карпош без електрична енергија поради испад во трафостаница

Поради испад во трафостаница, поголем дел од општина Карпош остана без електрична енергија. Засегнати се населбите Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе, како и делови од Влае и Злокуќани.

СДСМ: Инфлацијата расте и го јаде стандардот на граѓаните

„Последните податоци од Државниот завод за статистика уште еднаш го потврдуваат она што секојдневно граѓаните го чувствуваат – поголеми цени, поголеми трошоци за живот и економската несигурност“, велат во СДСМ. Според партијата,

Се истражуваат причините за пожарот во куќата во Крива Паланка во кој починаа сопружници

Сѐ уште трае постапката за испитување на причините за пожарот во Крива Паланка во кој животот го загубија двајца сопружници на возраст од 87 и 85 години. Од Јавното обвинителство информираат дека

Студентски протести во Белград, Ниш и Нови Сад

Неколку илјади студенти на Техничките факултети на Универзитетот во Белград денеска со блокада на Уставниот суд протестираат со цел да укажат на кршењето на Уставот и да ги потсетат граѓаните на загарантираните
Go toTop