(ВИДЕО) Мост „Беласица“: Пожар го затвори, конфузија кога да се отвори

June 19, 2023
5 mins read

Градоначалничката Данела Арсовска викендов најави дека денеска ќе ја добие експертизата за оштетувањата на мостот па и најави дека наскоро ќе го пушти во употреба. Човекот кој ја прави анализата, Михаил Гаревски, вели ниту е готов извештајот, ниту мостот може толку бргу да се пушти во употреба

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, пак, го спори пристапот на Михаил Гаревски. Повторува дека мора да се направи анализа и на потенцијалното оштетување на сајлите кои се главни во стабилноста на мостот. Гаревски вели – таква анализа не е можна

На 12 мај се случи голем пожар на мостот „Беласица“ – клучна сообраќајна артерија меѓу двата дела на Скопје што ги дели реката Вардар. Мостот беше веднаш затворен се додека не се истражи – дали е безбеден и, ако не, што треба да се направи за да се поправи. На 20 мај градската власт соопшти дека избрала фирма што веќе прави експертиза.

Експертизата што ќе ја направиме не би смеело да биде повеќе од дваесетина дена, но она ќе покаже дали ќе треба некоја можеби минимална санација евентуално“, 

изјави Гаревски на 20 мај 2023 г.

Поминаа не 20, туку 30 дена, а анализата не е готова.

Значи, пуштањето на мостот и крајната визуелна инспекција на централниот дел може само да се направи кога ќе стане достапен тој централен дел. А и санацијата не може да се направи ако не се тргнат цевките“,

вели Гаревски.

А иако експертизата се соочува со предизвик, градоначалничката Данела Арсовска викендов веќе отиде чекор понатаму.

„Прелиминарно, она што ќе добиеме веќе утре, не утре во понеделник. Денеска веќе ми јавија дека се готови со сите испитувања коишто се направени е дека она коешто го имаме на мостот е практично нешто коешто ќе се санира многу брзо и многу едноставно и ние сметам дека веќе од нареднава недела можеме да го пуштиме во употреба и движењето“,

рече Арсовска на гостување на ТВ Сител.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во телевизиско гостување на ТВ „Сител“ на 17.06.2023 г.

Веднаш по оваа изјава, Гаревски негираше дека извештајот ќе го поднесе денеска и дека мостот набрзо ќе биде во употреба. Па, до каде се навистина анализите и кога „Беласица“ повторно ќе ги врзува двата брега на Вардар?

Движењето по мостот „Беласица“ и понатаму е забрането, но таму повеќе ги нема полицајците кои ги одвраќаа граѓаните од намерата да поминат по него. Само декор се ‘рѓосаните железни огради и бетонски плочи бидејќи скопјани – кој пеш, кој со велосипед или мотор, безгрижно се движат по мостот.

360°: Гледам луѓе си поминуваат константно, безбеден ли е мостот за пешаци?

Гаревски: Јас мислам сосема е безбеден за пешаци, но не е сериозно и не можам да кажам се уште дали е безбеден и за возила во овие најпик часови кога практично целиот мост ќе има возила.

Професорот и поранешен директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, а сега директор на приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски, ја доби задачата од Градот Скопје да изготви анализа со која ќе се утврдат штетите на мостот и поправките што евентуално би требало да се направат.

Зошто доцни со извештајот откако самиот си постави рок од 20 дена за него. Наспроти тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска дека извештајот ќе и биде предаден денеска, Гаревски одговара – документот е при крај и ќе биде готов најдоцна до крајот на месецов. Причината, вели, се предизвиците на терен.

Значи, пуштањето на мостот и крајната визуелна инспекција на централниот дел може само да се направи кога ќе стане достапен тој централен дел, а тоа значи кога овие вагонетки ќе се оспособат да се движат, така да и ние ќе можеме да пристапиме таму, а они мора да ги оспособат за да ги тргнат цевките. А и санацијата не може да се направи ако не се тргнат цевките“,

вели Гаревски.

Професор Михаил Гаревски – Директор на Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени

Според Гаревски, она што се уште им претставува проблем нему и на неговиот тим е тешката достапност на дел од теренот – средината на мостот каде што всушност треба да се направат и најважните испитувања. Потребно е отстранување на цевките кои се наоѓаат под мостот, но „ЕСМ снабдување со топлина“ нема слух за барањата на експертите.

Кажано им е уште пред дваесетина дена дека мора да ги тргнат цевките за парно греење, за да може да се направи во централниот дел подобра визуелна инспекција и уште повеќе, да може да се санира тоа што е неопходно“,

кажа Гаревски.

За разлика од Гаревски, токму функционерката што го најми, веќе го прогласи мостот за безбеден.

Ќе треба да се направи одредена санација која се однесува на козметичко рефреширање на она коешто е опаднато во делот на бетонот, меѓутоа сериозно во суштина нема ништо коешто влијае ниту на стабилноста ниту на сигурноста, ниту на безбедноста и тоа она коешто е најважно за сите за сите нас“,

изјави Арсовска.

Поранешниот директор на ИЗИИС признава дека за конечната оценка клучна е состојбата на затегнатите челични кабли што се протегаат по должината на мостот и се задолжени за стабилноста.

Според Гаревски, постојат дилеми дали тие се ослабнати од пожарот, но според визуелните испитувања, вели, засега делува дека немаат големо оштетување. Иако ги потенцира како клучен елемент, сепак вели дека за нив не може да се направат испитувања, спротивно на тврдењата на други експерти.

360°: Професорот Марковски кажа дека ние немаме некоја лабораторија, дека треба да се пратат во странство.

Гаревски: Видете, јас не знам на што мисли он, јас 2-3 пати сум го слушнал. Колку што јас знам, а имам погледано најмалку педесетина трудови, на ваков тип на пренапрегање силата не може да се докаже по експериментален пат.“

Додека Гаревски вели дека испитувањата се можни само теоретски, а не во пракса, а градоначалничката Арсовска само што не тргнала да го пушти мостот – со дијаметрално различен став е деканот на Градежниот факултет при УКИМ, професорот Горан Марковски.

Според него, има методи да се провери состојбата на сајлите, но тие може да се спроведат со помош на лаборатории што ги нема во земјава. А, треба и време.

Мостот не е играчка па да измислуваме разни теории и приказни за да се залажуваме или било што па да донесуваме погрешни заклучоци. Постојат, и тоа го тврдам од почетокот, во странство – институции и лаборатории кои можат да утврдат со голема веројатност колкава температура е пристигната до каблите“,

вели Марковски.

Професор Горан Марковски, декан на Градежен факултет при УКИМ

Марковски ја застапува оваа теза од првиот ден по пожарот, кога Град Скопје првично и се обрати за помош до Градежниот факултет. Според професорот, токму резултатите за тоа дали и колку овие кабли се оштетени би требало да ја дадат комплетната слика за тоа во која насока би се движеле работите, односно дали е потребна посериозна реконструкција на мостот или, пак, минорна. Додека не се направат овие испитувања, вели Марковски, не може целосно да се утврди дали мостот е безбеден или не.

Пуштањето на мостот во сообраќај на две, една или половина лента го зголемува ризикот. Дали е некој подготвен да потпише дека мостот е безбеден за по него да се одвива сообраќај без притоа прецизно да се утврди она што мора да се утврди во овој случај, тоа е веќе работа на личен став и однос кон струката, знаењето, па и морален и етички однос кон граѓаните“,

кажа Марковски.

А повеќе од еден месец нема одговор ниту кој го запали мостот. Обвинителството отвори предмет, но сторителите се уште не се откриени.

„Се преземаат дејствија за утврдување дали пожарот бил резултат на кривично дело предизвикано од одредено лице. По преземање на неопходните дејствија на лице место, обвинителството даде дозвола да започне санацијата на мостот“,

велат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Останува да се чека. Првенствено, да заврши анализата која според Гаревски треба да биде готова до крајот на месецов. Потоа, што ќе биде потегот на градските власти. А скопјани? Може да се радуваат што почнуваат годишните одмори, што, пак, значи помалку сообраќај, а со тоа и помала потреба од мостот „Беласица“. Барем до септември.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Роџерс се враќа на клупата на Селтик

Следно

Турскиот потпретседател: Турската Република Северен Кипар наскоро ќе го заземе заслуженото место на меѓународната сцена

Latest from Blog

Брисел: Креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот

Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени

Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон. На средбата

Македонија со скок на новата ФИФА ранг-листа

Македонската фудбалска репрезентација забележа скок од две места на ФИФА ранг-листата. Во моментов сме на 67. место на ФИФА листата, со вкупно 1,368 поени. Ова е највисоката позиција на Македонија на ФИФА

Индија: Авиокомпаниите добија речиси 1.000 лажни предупредувања за бомби оваа година

ЊУ ДЕЛХИ (АА) – Речиси 1.000 лажни закани за бомби беа испратени до авиокомпаниите во Индија оваа година, известува Анадолу. Индискиот министер за цивилно воздухопловство Мурлидар Мохол објави дека добиле 122 лажни

Ласовска: Да ги фрлиме белите ракавици, да се објават јавно оние луѓе кои го попречуваат владеењето на правото

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, на седницата посветена за пратенички прашања, постави две прашања, од кои првото се однесуваше кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и второто до министерот за
Go toTop