(ВИДЕО) „Феникс“: Споменици од „Скопје 2014“ биле плаќани драстично поскапо од цените за кои биле излеани во Италија

June 30, 2023
6 mins read

За „Скопје 2014“, според обвинителството, всушност, не постои одлука или некаков документ. Спомениците кои во јавноста беа правдани под превезот на историско значење биле правени преку Општина Центар која добивала пари од Владата, а Собранието било заобиколувано иако, според обвинителството, е единствено надлежно за меморијални споменици

Во целата шема е вмешан и Италијанец за кого ОЈО ГОКК тврди дека добивал договорени тендери преку фирми од кои дел и воопшто не биле регистрирани како леарници. Подоцна, изработката со поддоговори била давана на трети фирми за многу пониски цени. На ваков начин, според ОЈО ГОКК, биле прибавени над 16 милиони евра кои потоа по разни канали за подигале и од Италија се враќале во промет во земјава

Споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Купувањето на 11 споменици изработени од иста фирма од Италија, меѓу кои е и „Воинот на коњ“ кој доминира на централниот плоштад во центарот на Скопје, е предмет на најновата истрага под кодно име „Феникс“ што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Станува збор за зделки во кои, според обвинителството, во земјава спомениците се тендерирале по една вредност, а потоа во Италија се плаќале по драстично помали цени.

„Во суштина, спомениците се тука со една тендерска вредност, а во Италија се со драстично помали цени. Во текот на истрагата од прибавените докази произлегува, на пример, дека еден споменик кој тендерски чини во РСМ 4,7 милиони евра, понатаму во Италија е даден на подизведувач за да го изработи за 2,3 милиони евра“,

рече обвинителот Љубомир Лапе.

Кои се осомничените во „Феникс“

Листата осомничени во случајот „Феникс“ ја сочинуваат 15 физички и пет правни лица. Прв е експремиерот Никола Груевски, додека втор е неговиот кум, но и вицепремиер и министер за финансии во неговата влада, Зоран Ставрески. Третоосомничена е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Експремиерот Никола Груевски е првоосомничен во истрагата „Феникс“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Листата понатаму продолжува со бившиот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, како и двајца поранешни градоначалници на оваа општина – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.

Тука се и екссекретар на Центар, сопственици и управители на фирми кои биле дел од тендерите, а има и еден италијански државјанин.

Од осомничените седум фирми, пак, четири се од земјава, а три од Италија.

Кривичните дела кои се предмет на истрагата се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.

Италијанска фирма е заедничка за 11-те споменици

Спомениците „Јустинијан Први“ и „Даме Груев“ на плоштадот во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Обвинителот Лапе одговарајќи на новинарски прашања, наведе и кои се 11-те споменици на кои се однесува „Феникс“, а преку кои се сомневаат дека се переле пари и за чија набавка била злоупотребена службената положба и овластување. Покрај „Воинот на коњ“, тука се и: лавовите на мостот „Гоце Делчев“ – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.

Заеднички за сите нив е што биле изработени во иста леарница во Италија.

„Не постои владина одлука, проект, програма позната како ’Скопје 2014‘. Се работи за повеќе поединечни проекти кои не може да бидат подведени под еден кривично-правен настан. Оваа истрага се однесува на 11 споменици кои се дел од сега предметот ’Феникс‘. Еден од тие споменици е ’Воин на коњ‘ и други 10 споменици за кои заедничка особина е што се изработени од исто правно лице во Италија“,

рече обвинителот.

Се заобиколувало Собранието и парите до Италија оделе преку Општина Центар

„Скопје 2014“ беше започнат во 2007 година, но за него, според обвинителството, не постоела писмена одлука ниту некаков документ.

„Под превезот на историското и државотворното значење на личностите за кои се подигнуваат споменици, осомничените започнале со реализација на проект познат во јавноста како ’Скопје 2014‘ за кој реално не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган“,

рече Лапе.

Иако станувало збор за споменици на личности кои се од значење за државата, постапките за спомениците се воделе преку Општина Центар на тој начин што до локалната власт се поднесувале иницијативи преку Министерството за култура и поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска.

Откако ќе ја добиеле иницијативата, Општината почнувала постапка за подигање меморијални споменици за кои единствено надлежно е Собранието. Парите, пак, биле од државниот буџетот во кој Груевски како премиер и Ставревски како вицепремиер и министер за финансии планирале средства за оваа намена и потпишувале незаконски одлуки за трансфер на сметка на општината.

„На овој начин, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на Ипштина Центар во вкупен износ од 3 547 390 000 денари (57 681 138 евра)“,

рече Лапе.

Поранешните градоначалници Аларова и Тодоровиќ овие пари ги прифатиле и не отвориле посебна наменска сметка туку ги завеле како капитални донации.

Нереални цени за споменици од фирми, некои не биле регистрирани како леарници

Spomenik_na_Lav_na_mostot_Goce_Delcev_vo_Skopje
Спомениците со лавовите на мостот „Гоце Делчев“

Двајцата, заедно со експретседателот на Советот, понатаму распишувале тендери и бирале понуди од фирми поврзани со осомничениот Италијанец иако некои компании не ги исполнувале услови. Дел од фирмите, според обвинителството, и немале регистрирана дејност за леење, па изработката на споменици понатаму ја пренесувала на други фирми за помали пари и на тој начин се переле дел од парите.

„При изборот прифатиле понуди со нереални цени од економски оператор кој самостојно не ги исполнувал условите, ниту имал комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати. Во овие дејствија биле помогнати од осмоосомничениот италијански државјанин, кој им ги ставил на располагање неговите правни лица, преку кои во име на повеќе правни лица поднесувал однапред договорени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат регистрирано дејност за леење или за обработка на мермер. Подоцна, изработката на спомениците со поддоговори ја пренесувал на сосема други леарници, но за многу пониски цени и лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица“,

наведе обвинителот Лапе.

Која била шемата на перење пари според обвинителството

На овој начин, Италијанецот за две фирми прибавил имотна корист која обвинителството ја процени на 16 136 150 евра.

Овие 16 милиони потоа од група осомничени нелегално во повеќе наврати, според обвинителството, биле пуштани во оптек. На пример, над еден милион евра биле подигнати во кеш.

Обвинителот Љубомир Лапе

„Во исто време, додека се одвивале плаќањата, врз основа на склучените договори за јавни набавки за изработка на спомениците, од Општина Центар кон две осомничени правни лица управувани од осмоосомничениот, дел од ’валканите‘ пари во вкупен износ од 1 122 720 евра осмоосомничениот во бројни наврати ги подигал во готовина од осомничените правни лица“,

вели Лапе.

Друг дел од парите, по разни канали, биле враќани во јавните финансии и платниот промет во земјава. На пример, осомничениот Италијанец преку своите фирми во 2008 и 2009 г. во неколку наврати, врз основ на фиктивни фактури, пренел и пуштил во оптек над 177 илјади евра. Парите тој ги пуштил на сметка на фирма во Македонија, а потоа тие биле подигани во готовина, а дел префрлани на други фирми, па потоа подигани во кеш.

Друга шема преку која се враќале парите од Италија во земјава е преку трета држава.

„Во периодот 2009 година до 2010 година од Фиренца, Република Италија, преку друга странска држава, во Скопје, осмоосомничениот, преку две осомничени правни лица, преку банкарски трансакции по основ на фиктивни фактури за консултантски услуги, во повеќе наврати, пренел и ги пуштил во оптек дел од ’валканите‘ пари кои претходно ги примил во вкупен износ од 327 853 евра“,

рече Лапе.

Уште една линија по која се движеле парите е преку мрежа офшор компании. Таа, според обвинителството, била создадена од четвртоосомничениот во „Феникс“ (поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев). Во групата за перење пари со него се и седуммина од останатите осомничени и други непознати лица.

„Преку офшор компании создал мрежа на новоформирани правни лица и тоа 3 македонски правни лица и едно правно лице во странство чии управители се опфатени во оваа постапка, и преку кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, кои потекнуваат од казнени дела. Со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот и претворени во друг вид на имот или имотни права“,

соопшти обвинителот Лапе.

Истрагата се отвора по 10 години од првата кривична пријава, Лапе се надева дека обвинението ќе биде брзо

Случајот со спомениците во обвинителските архиви датира уште од 2013 година, кога тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Има уште една кривична која, како што рече обвинителот Лапе, не е за истата работа ама сепак е поврзана.

Лапе како надлежен обвинител постапува во предметот од 2016 година како дел од тимот во Специјалното јавно обвинителство. СЈО своевремено ги презеде предметите што за „Скопје 2014“ се водеа во ОЈО Скопје и ОЈО ГОКК, а по неговото згаснување преминаа во државното обвинителство кое повторно ги врати во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

По 10 години од првата пријава, истрагата е отворена сега откако обвинителството добило информации дека еден од осомничените планира да ја напушти државата, но до обвинение сè уште не е стигната.

„Колку ќе чекаме до обвинение, не зависи само од обвинителот. Остварена е меѓународна правна помош со пет странски држави. Од таму како пристигнуваат докази, тие треба да се преведат, потоа се даваат на вештак да изврши вештачење. Ние веќе имаме извршено вештачење, меѓутоа треба да се ажурираат сите податоци, треба да се сослушаат сите осомничени лица. Треба да се дополни истрагата, во еден дел очекувам дека ќе треба да се дополни и во странство. Од тие причини не би можел да ви дадам одговор, но се надевам дека би било брзо“,

рече Лапе.

Целата прес-конференција на обвинителот Љубомир Лапе можете да ја проследите во видеото во продолжение.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Унгарката Енико Есењи годинашен лауреат на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2023“ во Преспа

Следно

Кризниот министерски совет на француската влада одлучи да се распоредат оклопни возила на жандармеријата

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси
Go toTop