(ВИДЕО) Други држави врбуваат кадар низ земјава со амин на нашата Агенција за вработување

December 24, 2023
4 mins read

Саемите кои ги организираше Република Словенија во три македонски града на крајот на ноември се практично билатерална соработка меѓу словенечкиот и македонскиот завод за вработување. Односно, двете институции потпишале договор за соработка и партнерство, по што започнале да ги организираат овие саеми

Во теорија и двете договорни страни имаат исти права. Но, дека реципроцитетот е далеку од реалност, покажуваат и бројките на издадени работни дозволи, односно, годинава, во Словенија биле издадени 3 688 работни дозволи за македонски државјани. Во земјава, пак, во последниве шест месеци се издадени позитивни мислења за вработување на само 17 државјани од Словенија

Скопски хотел. Конференциска сала. 27 ноември, претпладне. Името на настанот е саем за вработување.

Стотици македонски државјани се тука за да слушнат што кадар и треба на една од државите која во исто време како и земјава ја напушти Југославија – Словенија. Вратите се отворија. Граѓаните побрзаа да прашаат што се бара и што се нуди. А внатре, претставници на Државниот завод за вработување на Словенија ги упатуваа граѓаните кон штандовите на фирмите што бараат работници или директно кај нивните колеги за да се информираат за условите за работа во оваа земја членка на ЕУ.

Словенечките фирми, се чини, внимавале на секој детаљ што може да привлече кадар. Штандовите беа преполни со слатки, а на секој леток беа објаснети потребите на фирмите – и на македонски и на албански јазик. Околу 12 часот, во другиот дел од салата, пред публиката се обрати Анка Роде – шеф на одделот за вработување странци во Словенија.

Имајќи предвид дека тука имаме работодавци, тие сами ќе ве побараат вас, а по првичната фаза, после наоѓање на работодавач, потребно е да поднесете барање за уредување на вашиот престој, со барање за дозвола за престој во надлежната единица“,

вели Роде.

По триесетминутната презентација на Роде, пристигна и словенечкиот амбасадор Грегор Прескер. Со своето присуство му даде специфична тежина на настанот.

Веќе следниот ден карванот за вработување се пресели во Прилеп. Таму настанот не беше толку гламурозен. Се одржа во мала просторија во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

За разлика од Скопје, во Прилеп немаше голем интерес за саемот, барем не во утринските часови.

Па уште не сум одлучил, јас уште тука учам, завршувам школо али ќе видиме за натака.

Ако најдеш добри работодавци, значи се е океј. Се е океј, сум бил, сум бил и во Германија, на црно сум работел, прв пат еве на пример со документи да видиме, мислам дека е подобро.

Но, не им се допадна понудата на сите.

Не, не, не, Македонија е Македонија, наша.

Значи не сте задоволни?

Не сум задоволен воопшто, за таа плата, за ова, не сме задоволни.

Но, како што се ближеше крајот на работното време, така салата во Центарот „Марко Цепенков“ се полнеше. Околу 15-16 часот се повеќе млади, но и повозрасни лица седнуваа од столче на столче, слушајќи ги презентациите од работодавците кои се обидуваа да ги најдат работниците што им се потребни.

Како и во Скопје, така и тука, саемот заврши во 17 часот, а наредниот ден продолжи на финалната дестинација – Битола.

Значи, странска земја со поддршка на нивната амбасада и директно учество на нивната Агенција за вработување слободно врбуваат кадар низ земјава. Си го поставивме прашањето – дали е тоа во ред?“,

Според обраќањето на Анка Роде во Скопје, ваквите саеми се практично билатерална соработка меѓу словенечкиот и македонскиот завод за вработување. Односно, двете институции потпишале договор за соработка и партнерство, по што започнале да ги организираат овие саеми.

Добивката за Словенија од ваквиот договор е јасен, но каков е ќарот за земјава, се обидовме да дознаеме од домашната Агенција за вработување. Оттаму писмено ни одговорија дека со словенечкиот завод потпишале само договор за соработка за размена на информации, добри практики и мислења заради подобрување на стручната дејност и подигнување на квалитетот на услугите за корисниците.

Конкретно за саемите, од Агенцијата велат:

Ваквите активности се во интерес на двете држави, а исклучиво со цел за заштита на правата на граѓаните кои, секако, одлучиле да се вработат во друга држава, како и да се спречат злоупотреби од несовесни работодавачи во странство. Слободното движење на работната сила е едно од основните вредности, а изборот на работа и вработување е лично право на секој граѓанин“,

одговорија од Агенцијата.

Но, слободата на движење на работната сила, логично, треба да функционира во двете насоки, па прашавме и дали нашата земја ќе организира саеми за вработување во Словенија како своевиден реципроцитет?

„Доколку се утврди потреба за ваков настан во Република Словенија што би бил организиран од македонската амбасада во Словенија, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија би дала свој придонес за информирање на словенечките државјани за условите за работа во Република Северна Македонија“,

велат од АВРСМ.

Преведено, додека Словенија регрутира македонски работници, Македонија засега не гледа причина да го искористи договорот за да регрутира словенечки работници, ако воопшто е реално такво нешто.

Дека е така покажуваат и податоците од двата завода. Годинава, во Словенија, биле издадени 3 688 работни дозволи за македонски државјани. Во земјава, пак, во последниве шест месеци се издадени позитивни мислења за вработување на само 17 државјани од Словенија.

Како организирањето вакви саеми се одразува врз работната сила во земјава и дали оваа политика на странска земја е праведна – го прашавме првиот човек на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски. И тој не гледа ништо спорно, кога веќе земјава одбрала слободен пазар на трудот.

Биле конкретните настани или не, денеска знаете, живееме во дигитална ера, можете со онлајн огласи, без онлајн огласи или било како да ги анимирате потенцијалните кандидати и веќе и за производи и за услуги работењето преку граница мислам дека ќе ни станат сосема нормална појава“,

кажа Ангелоски.

Но, додава Ангелоски, обврска на Агенцијата за вработување како државен орган е да се ангажира во задржување на граѓаните во земјава како и да отвора пазар на можности за странски државјани, по примерот на Словенија.

Она што го рековме дека е сосема легитимно словенечката Агенција да бара вработени за своите компании, исто е сосема легитимно да и македонската Агенција за вработување бара вработени во оние бранши каде што недостигаат адекватни кадри, така да мислам дека во описот и пописот на нивните работни задачи е дури и во странски земји и во одредени земји каде што има поповолна структура, да донесат одредени кадри во нашата држава“,

вели Ангелоски.

Трајан Ангелоски – Претседател на Сојуз на Стопански комори на Македонија

Во Европа речиси и да не постои посиромашна држава од Македонија. Според тоа, недостигот на работници кој е се повидлив во одредени сектори, како градежништвото, може да се пополнува само со кадар од неразвиените делови на Азија или Африка. За саемите со кои среде Скопје, Прилеп и Битола се привлекуваат домашни работници во Словенија, се обидовме да поразговараме и со амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер. Тој не најде време за интервју.

Амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер.

На истата тема сакавме да прашаме и во Министерството за надворешни работи. Тие ни одговорија дека нема да можат да дадат изјава за ова.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ЦУК: Спасено едно лице паднато во бунар

Следно

Србија: Нема загинати и повредени при тонењето на сплав во Белград

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop