(ВИДЕО) Дивоградбата посилна од двајца градоначалници

4 mins read

Градоначалникот од редовите на СДСМ, Борче Георгиевски, во 2021 призна дека се гради дивоградбата зад поликлиниката во скопската населба Ченто, но не успеа ниту да ја запре ниту да ја сруши. Подоцна таа година ги загуби изборите од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски

Но и Бобан Стефковски, две години откако е на функцијата, не успеа да најде решение. И не само тоа, туку ниту тој ниту општинска администрација не одговорија на нашите прашања и барања за коментар, иако имаа повеќе од еден месец да го сторат тоа

Вака изгледаше во мај 2021 година… Вака во јули 2021 година… А вака изгледа денеска објектот зад поликлиниката Ченто за кој сите знаат дека е подигнат без одобрение за градба и тоа на државно земјиште. Кога почна да се гради овој објект, градоначалник беше Борис Георгиевски од СДСМ. Пред повеќе од година и половина на негово место дојде Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ. Додека темата за објектот зад поликлиниката во Ченто не е омилена за политичарите, од Обвинителството ни потврдија дека направиле чекор плус за предмет во врска со повеќе други дивоградби во оваа скопска општина.

Објектот на левата страна од оваа снимка е дел од поликлиниката Чентo. А објектот во средината на кадарот, тој со црна фасада и стакла, се некогашните бараки на ова место – привремени објекти кои низ времето служеа за разни намени – од месна заедница до бинго-сала.

Причината што овој објект го заслужи нашето внимание е неговата историја.

Според документите што ги обезбедивме од Катастарот, до 60-тите години, земјиштето на кое се наоѓа денешниот објект и околината биле во сопственост на физичките лица Шабан и Амдија Бајрам. Во 1963 година државата го национализира и потоа го дава на употреба на Дирекција за станбена и комунална изградба Скопје.

Низ годините, на местото се подигнати бараки, но од документите не може да се види како точно е направено тоа. Во 2019 година Општината Гази Баба носи решение за легализација на дел од бараките со право на сопственост на име Душан Филиповски. Следната, 2020 година, Општината го легализира и остатокот од бараките, со право на сопственост на лицето Чедо Филиповски. Земјиштето под објектите останува во државна сопственост.

Набргу по правосилноста на втората легализација, истата таа 2020 година, двајцата членови на семејството Филиповски ги продаваат објектите на исто лице – Исни Адеми, жител на Општина Гази Баба. Земјиштето, повторно, останува во државна сопственост. Во мај 2021 година некој ги урива бараките, го оградува државното земјиште и почнува да гради нов објект. Првично става табла дека станува збор за реконструкција на привремените објекти, но таблата наскоро ја снемува. Па, формално, не може да се провери инвеститорот.

Тоа беше прв и последен пат жителите да зборуваат за градбата. А инвеститорот, продолжи да гради. Тогашната администрација во Гази Баба, на чело со градоначалникот Борис Георгиевски од редовите на СДСМ, соопшти дека Општината издала решение за престанок на градба кое инвеститорот, очигледно, не го испочитувал.

„На Општината не и преостанува ништо друго освен два последователни чекори после опомената и решението за прекин на градбата, а тоа е решение – наредба за отстранување на градбата од самиот инвеститор или решение со кое Општината ќе го отстрани објектот наместо инвеститорот“,

рече поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, пред две години.

Додека граѓаните се жалеа, а Општината најавуваше уривање, дивоградбата на државно земјиште доби темели, па столбови, па стана карабина. Кога го посетивме местото последен пат, на почетокот на месецов, готов беше и стаклениот дел од фасадата.

Материјалите оставени внатре говорат дека тој што почнал да го гради, планира и да го заврши. Можеби и повеќе од само приземје, бидејќи на кровот е видлива арматура за столбови. Актуелен градоначалник на Гази Баба и тоа од ноември 2021 година е Бобан Стефковски. Во последниве недели најави, а потоа и присуствуваше на рушење на дивоградба во скопско Инџиково. „Место за дивеењето на урбаната мафија во Гази Баба нема“, напиша тој на својот фејсбук-профил.

Фото: Принтскрин од Фејсбук профил на Бобан Стевковски.

Но, на нашите прашања за дивоградбата зад поликлниката во Ченто, градоначалникот и општинските служби молчеа речиси цел месец. На крај, се обидовме да добиеме одговори на лице место. А таму…

Здраво, Михаил мило ми е. Вака, го бараме градоначалникот подолго време, не знам дали свесно или несвесно не избегнува, и телефонски повици и пораки се тоа, пративме прашања до Општината. Се работи за една дивоградба во населба Сингелиќ – Ченто.

Да, ги видов прашањата, ги дадовме да ги одговори секторот за инспекциски работи.

Одговор кога би имало дали би знаеле да ми кажете?

Па еве веќе три-четири дена се таму прашањата. Зошто ние, градежниот инспектор тек сега почна со лиценца да работи. Имаше прекин во постапката.

Овој разговор го водевме на почетокот на септември. Од тогаш разговаравме повторно, со портпаролот на општината, со раководителот на секторот урбанизам во општината и со градоначалникот. Праќавме и прашања по електронска пошта. Одговор на добивме од никого.

Дивоградбата зад поликлниката Ченто, сепак, е само еден пример. На територијата на Гази Баба има уште неколку за кои е почната некаква постапка. Група граѓани, пред повеќе од две години, до Обвинителството поднеле кривична пријава. Во пријавата се опфатени 12 физички и службени лица – дел „инвеститори“, дел вработени во Секторот за урбанизам и градежништво во Општината Гази Баба.

Две години подоцна, нема обвинение. Сепак, има напредок кон утврдување  евентуална одговорност.

„Постапувајќи по поднесената кривична пријава од група граѓани, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет и даде насоки до МВР за проверка на наводите. Врз основа на преземените дејствија, до надлежниот јавен обвинител е доставено известување и кривична пријава против дел од лицата кои бесправно граделе на наведените парцели“,

велат од Основното јавно обвинителство.

За кого полицијата утврдила дека градел бесправно? Против кого МВР поднело кривична пријава? Што ќе прави обвинителството со пријавите, што ќе се случува со нелегалните објекти? Од обвинителството не споделија повеќе детали за случајот поради фазата во која е постапката. Детали одби да открие и МВР.

Во меѓувреме, додека ние истражувавме за дивоградбата во Ченто, градоначалникот Стефковски неколкупати јавно истакнуваше дека добива закани по живот, откако ја сруши дивоградбата во Инџиково. И покрај заканите, изјави тој, таа дивоградба нема да биде единствена која се руши, туку сите нелегално изградени објекти ќе имаат иста судбина. Дали мисли и на оваа?

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Израелската војска побара евакуација на болницата Ал-Кудс во Газа

Следно

Франција: Забранети демонстрациите во Париз за солидарност со Палестинците

Latest from Blog