(ВИДЕО) Џон Малкович од Скопје побара „бланко“ поддршка за филмскиот град, повторно без можност за новинарски прашања

4 mins read

Холивудскиот актер вечерва зборуваше дека проектот за филмски студија „Стоунбриџ“, во кој тој е еден од партнерите, ќе ја стави Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, ќе го сврти меѓународното внимание кон домашните таленти, но и ќе отвори илјадници работни места и ќе даде економска иднина како на земјава така и на регионот привлекувајќи странски инвестиции од Запад. Додека бараше поддршка за проектот, тој не одговори на ниту едно новинарско прашање ниту пак откри детали во која фаза е реализацијата

Анализата на проектот која лани ја направи „360 степени“ покажа дека групата чиј дел е Малкович и која бара да стане стратешки инвеститор за да им бидат намалени многу од трошоците, всушност сака да гради и деловно-станбен комплекс на Качанички пат, веднаш до касарната „Илинден“. Пред неколку месеци, директорот на Технолошко-индустриските зони, Јован Деспотовски, изрази негативно мислење за проектот велејќи дека групата сака прво да продава станови, па да гради филмски студија

По Охрид, Скопје е вториот град што холивудскиот актер Џон Малкович го посети за време на неговото прво патување во земјава. Во Охрид тој се претстави пред публиката на „Охридско лето“ со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, а она за што ПР-службата на фестивалот не му дозволи да зборува таму, го кажа вечерва во Скопје.

Проектот за градење филмски град во земјава наречен „Стоунбриџ студиос“ (Stonebridge Studios), вест која пред една година ја возбуди домашната јавноста, беше причина Малкович вечерва во винаријата „Камник“ да се обрати пред македонските новинари. Без детали за проектот, но и без можност за новинарски прашања, американскиот актер побара поддршка од јавноста за ова да стане успешна приказна која самиот ја нарече „златна шанса за сите Македонци“.

„Можеби сте слушнале за тоа?“,

рече актерот во шега на почетокот на неговата изјава.

Тој е еден од партнерите во студиото „Стоунбриџ“. Уште едно звучно име кое стои зад проектот е актерот Мет Дилон, а тука се и ко-основачот на студиото Ерик Брнс и претседателот Иван Видаковиќ, српски бизнисмен. На тројцата, нарекувајќи ги партнери, Малкович им се заблагодари, а пред да побара поддршка за проектот за филмски град, зборуваше за убавините на Македонија.

„Како актер сум патувал надалеку и нашироко. За време моите патувања запознав многу земји кои оставија неизбришлива трага на мене. Секако, Северна Македонија е едно од тие посебни места. На ова патување, од прва рака го видов огромниот потенцијал и талент што оваа земја го поседува. Цврство верувам дека проектот ’Стоунбриџ Студио‘ е златна шанса за сите Македонци. Овој потфат не е само за изградба на филмско студио. Тој претставува конвергација на уметноста, креативноста и економскиот раст. Ја претставува иднината и ќе донесе илјадници нови работи места и ќе послужи како фундамент за нова, посветла економска иднина за сите Македонци“,

рече Малкович.

Според него, проектот ќе ги отвори вратите кон светот на можностите и на целиот Балкан ќе привлече странски инвестиции од Запад и пошироко. Меѓународното внимание, зборуваше актерот, ќе биде насочено кон извонредниот талент што се наоѓа во земјава.

Уверувајќи дека со проектот Македонија ќе се впише на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, актерот не сподели детали во која фаза се наоѓа реализацијата, но на крајот од неговата посочи дека вечерва се прославува основањето на студиото.

„Кон сите поединци кои помогнаа во реализацијата на проектот ’Стоунбриџ студиос‘ ја упатувам мојата искрена благодарност. Вашата непоколеблива посветеност и поддршка го прават овој сон реалност и благодарен сум на секој од вас. Вашата издржливост, топлина и непопустлив дух ме инспирираат. Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам и да придонесам за овој дел од светот што многу ми значи. Вечерва се собираме во прекрасната винарија ’Камник‘, не само да го прослави основањето на студиото ’Стоунбриџ‘ туку и да го прославиме духот на единството и соработката што не зближија“,

рече актерот.

Неговата изјава тој ја заврши со порака дека филмскиот град ќе значи наследство кое не само што ќе влијае на филмската индустрија туку и ќе остави траен печат во срцата на сите кои ќе ја запознаат магијата на Северна Македонија, а и ќе ја променат иднината на земјата.

Малкович на македонската јавност преку видеопорака ѝ се обрати и лани давајќи и ветар во грб на целата оваа инвестиција. „360 степени“ степени тогаш се обиде да стапи во контакт со него и со останатите инволвирани, а меѓу оние што застанаа пред нашата камера беше српскиот бизнисмен Иван Видаковиќ кому американскиот актер вечерва му се заблагодари и го претстави како претседател на „Стоунбриџ студиос“. Тој тогаш сподели дека првите контакти ги оствариле во време кога премиер беше Зоран Заев и откри дека планот е да инвестираат меѓу 200 и 250 милиони евра.

Додека Малкович вечерва зборуваше само за проектот „Стоунбриџ студиос“ без да навлегува ќ во детали, уште минатата година стана јасно дека оваа инвестиција не се состои само од градење на филмски град туку дел од неа е и технолошки парк за што инвеститорите бараа проектот да се прогласи за „стратешка инвестиција“ и да се стекне со бројни поволности.

Од увидот во проектот што го имаше „360 степени“, замислата беше овој технолошки парк да се гради веднаш до касарната „Илинден“, покрај Качанички пат, на празна, но атрактивна парцела. Според бизнис-предлог, 44% од просторот ќе биде изграден со деловни објекти, 29% со хотели, а 27% со станбени згради.

Јавноста неколку месеци остана лишена од информации до каде е проектот, сè додека  кон крајот на март годинава директорот на Технолошките индустриски развојни зони Јован Деспотовски во гостување на ТВ 24 не обелодени дека интересот на инвеститорите бил прво да градат станбени згради, а дури потоа филмски студија за што тој рече дека не гледа зошто таков проект би требало да стане „стратешка инвестиција“.

Со јавна реакција инвеститорите се јавија преку компанијата регистрирана во земјава „СТП Капитал Партнерс Холдинг“ одговарајќи му на Деспотовски оти не е точно дека сакаат прво да градат згради и да продаваат станови, туку дека целта е да добијат статус на „стратешка инвестиција“ за да започнат со изградба на филмските студија и останатите содржини. Меѓу тие останати содржини, како што река, има ексклузивни станови за сместување на филмските уметници по нивни вообичаени стандарди, на ИТ извршните директори и ИТ номади од целиот свет, како и станови за сместување на странските студенти кои би се образувале во горенаведениот универзитетски центар.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ВИДЕО: Специјалците апсат на Градски

Следно

Овој јули веројатно ќе биде најтопол во историјата

Latest from Blog