Откако го легнала наземи, мечката со заби го фатила за левата слабина, го држела кратко, а потоа избегала. Така останал здрвен некое време, па се освестил, сведочи 76-годишниот Минче Рамчески од селото Пласница кој вчера беше нападнат од мечка на потегот помеѓу селото Пласница и Ораоец, во рамки на Општина Македонски Брод
Излегов да берам дренки и кога по пат седнав да се одморам од нигде-никаде пред мене излезе мечката, сведочи 76-годишниот Минче Рамчески од селото Пласница, за кого ЦУК објави дека вчера бил нападнат од мечка.
Во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, мажот раскажува како бил нападнат од мечката откако рано утрината околу 8:30 часот излегол од дома и тргнал да бере дренки.
„Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно Село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов понекоја и седнав на патот. Го оставив стапчето и запалив цигара. Така си седев, кога одеднаш, не знам како се најде тука, пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу и јас само се фатив вака, се пазев. Сакав да ѝ дадам отпор, ама не можев, што да правам. Се исплашив многу“,
вели 76-годишникот што вчера беше нападнат од мечка.
Откако го легнала наземи, мечката со заби го фатила за левата слабина, го држела кратко, а потоа избегала.
„Кога ме турна почнав да викам ‘помош, помош, помош’. Не ме држеше многу, не поминаа три секунди и веднаш си замина. Бев многу исплашен, ми течеше крв. Така останав здрвен некое време, па се освестив“,
вели човекот.
Додава дека потоа телефонски побарал негов соселанец кој, пак, веднаш дошол на местото за да му помогне.
Во разговорот со директорот на ЦУК, 76-годишниот жител на селото Пласница вели дека досега никогаш не видел мечка во неговото село. По нападот од дивото животно, вели дека е многу исплашен.
„Државата треба да има право на отстрел на мечките кои напаѓаат“,
додава 76-годишникот.
Селата Пласница и Ораоец, на чиј потег беше нападнат 76-годишникот, се оддалечени на околу 70 километри од Националниот парк „Маврово“ од каде што мечките во последно време почнаа зачестено да се симнуваат во населените места во потрага по храна.
На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста којашто тие ја имаат по локалното население.
По однос на проблемот во Маврово и Ростуше, Владата им даде рок од три месеци на Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките. За координација на активностите на институциите, пак, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Владата претходно донесе превентивни мерки кои треба да го намалат присуството на мечките во Маврово и Ростуше. Препорачано беше чистење на ѓубриштата во и околу населените места, како и контролирање на сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели, а тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда.
Па нема ни 1000 метри. Јас несум мерел.
ИЗВОР: 360stepeni.mk