Во моментов се одвива пописот на населението во Албанија. На последното пребројување околу 5 500 луѓе се декларираа за Македонци. Колку ќе ги има на овој попис и дали дел ќе одлучат да кажат дека се Бугари?
Дилемата ја отвора активноста на владини и невладини преставници од Бугарија во деновите пред пописот и тоа во општината каде што имаше најмногу лица кои се изјаснуваа како Македонци – Пустец. Паднаа и закани до оние кои имаат бугарски државјанства – дека ако не се попишат како Бугари, ќе им бидат одземени документите
Пописот е само статистичка операција, велат експертите кога ќе дојде време за пребројување на населението. Но, не е така и на Балканот. Албанија е земјата каде што деновиве, барем за дел од населението, најважната работа е – кој се декларира за Македонец, а кој за Бугарин.
Мала Преспа, Голо Брдо и Гора – ова се трите региони во Албанија во кои живее население кое се изјаснува за Македонци. Во општината Пустец тие се мнозинство, па остваруваат и најголеми права – на пример, македонскиот е втор официјален јазик по албанскиот.
Но, во последните години во овие региони почнаа зачестено да дејствуваат владини и невладини организации од Бугарија. Неколку дена пред стартот на пописот, регионот Голо Брдо го посети потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Ја отвори новата учебна година во бугарското неделно училиште на Друштвото „Бугарите во Албанија“ во Елбасан. Притоа ги обвини Македонците дека ги асимилирале Бугарите.
„Самите луѓе од таму кажуваат дека последниот месец има луѓе кои им кажуваат дека тие се Македонци, дека не се Бугари и дека претстои попис на кои вие треба да се запишете како такви и така натаму“,
рече бугарската потпретседателка Илијана Јотова за БНТ.
Со почетокот на пописот започна и кампањата на претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, во сиромашните делови во Голо Брдо.
Дојди ти тука, дојди да ја поздравиш Бугарија. Кажи како се викаш?
– Руждије.
Бугарин ли си?
– Да.
А тие, децата?
– Да, да, да.
Што земавте, тетратки. Ајде, чекај. Доаѓам сега, ајде. Кажете, деца, здраво, вие сте Бугари?
– Да, да, да.
Бугари сте, а? Браво.
Стојанов на социјалните мрежи се пофали дека посетил одредени региони во Албанија кои се населени со етнички Бугари. При посетата, тој им подарил книги со Хан Аспарух и таблети за најмалите.
Неколку дена претходно, исто преку социјалните мрежи, Стојанов се закани дека доколку граѓаните од Мала Преспа не се попишат како Бугари, ќе им бидат одземени бугарските пасоши.
„До сите жители на Општина Пустец, Албанија. Доколку сега на пописот не се попишете како етнички Бугари, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени во најкраток можен рок, а доколку сте во процес на вадење документи, тој процес ќе биде прекинат. Веќе имаме еден таков случај. Размислете“,
напиша Стојанов.
Бугарите досега не фигурирале како официјална бројка на албанските пописи, но во 2017 Тирана призна бугарско малцинство во земјата. Затоа и отидовме до Пустец, за да прашаме – дали се под притисок да се изјаснат поинаку од она за што се изјаснувале до вчера. Едно тврдење на Виктор Стојанов бргу се испостави дека е вистина.
„Жителите на Пустец со кои разговаравме потврдуваат дека нивните сограѓани поседуваат бугарски документи, но сите се децидни дека тие се земаат од економски причини, а не бидејќи луѓето се чувствуваат како Бугари, како што тврди официјална Софија“
Ако е точно дека многумина имаат бугарски пасоши, следното логично прашање е – дали жителите на Пустец се плашат од заканите дека можат да ги изгубат? Иако јавно не сакаат да говорат, зад камерите велат дека постои одредена доза на страв по изјавите на Стојанов, бидејќи на повеќето млади пасошот им е единствен спас од сиромаштијата и бедата во која живеат.
Случајно ако беа Македонија и Албанија во Европска Унија, да не беше Бугарија, овој проблем немаше да се родеше. Жално е по 100 години да ни кажуваат кои сме.
Тоа нема врска со ништо, само за интерес е пасош да земеш бугарски, да одиш во Европа и тоа.
Еден човек од селото, видно револтиран од прашањата за национална припадност, ни порача дека секој што ќе изјави дека е нешто друго, а не Македонец – лаже, без разлика што и да кажат финалните бројки на пописот.
Никој да не се грижи дека тука дали некој сака да се изрази за Бугарин. Нема шанси, единствено да знаете и ова, ова треба да се изјави јавно во Македонија. Што и да се случи, и ако на крајот излезе дека се изразиле Македонците, лажно е. Револтиран сум на максимум, лажно е.
Додека се движевме по сокаците, од една куќа ни пријде повозрасен човек кој љубопитно не прашуваше што правиме. Кога му објаснивме, низ смеа се потсети на времињата од неговата младост, кога вакви проблеми немало и кога македонското население живеело мирно, без притисоци. Па дури биле признаени и како посебен ентитет од еден од најголемите диктатори во 20-тиот век, Енвер Хоџа. Темелко Ванѓеловски ни донесе и лична карта која датира од пред речиси 44 години.
Ванѓеловски ни посочи дека залудно ќе се мачиме да најдеме луѓе кои се декларираат како етнички Бугари во целиот регион, бидејќи тука никогаш никој не се изјаснил како нешто друго, освен како Македонец.
Пред да заминеме, за состојбата на терен и за тоа како се справува локалното население, но и властите со заканите за одземање на пасошите од страна на Виктор Стојанов, го прашавме и градоначалникот на Општината Пустец, Пали Колефски.
„Јас се интересирав за таквите изјави кои беа доставени од личност која нема никакво влијание, не е да кажеме официјално лице од Софија или од било каде. За тој случај ние имаме предадено до полицијата и обвинителот за да се следи целата работа, за тој да не инфлуенсира во народот. Ако тој дојде во Албанија во овој период кога се врши пописот, ќе има проблеми“,
вели градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.
Колефски уверува дека доколку има проблеми, тие ќе бидат решени институционално, но според кажувањата жителите на Пустец досега не пријавиле притисоци.
„Ако навистина има притисок, нека донесат луѓето барем факт некаков и ние ќе го донесеме проблемот до крај“,
рече Колефски.
Заканите за можното одземање на бугарските документи го вклучија црвеното светло кај некои од македонските здруженија во Албанија. Побараа претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов, кој објави дека добил доживотна забрана за влез во Македонија, да се прогласи за персона нон грата и во Албанија.
„Во време на актуелен попис, одредени бугарски лица слободно се шетаат по градовите и селата населени со македонско население низ Албанија, со единствена цел да се присилуваат да се изјаснуваат како Бугари. За таквата активност на бугарските емисари јавно зборуваат Македонците, негодувајќи го говорот на омраза кои тие лица ги користат кон Македонците“,
велат од Македонското здружение „Илинден“ – Тирана.
По Пустец, се упативме кон центарот на регионот – градот Корча. Корча важи за град на мултикултурализмот каде во хармонија живеат Албанци, Грци, Македонци, а од пред неколку години и Бугари. На само петстотини метри од центарот на градот, на улицата „1 мај“, има бугарски клуб.
Тука пред неколку години беше отворено Друштвото за бугарско-албанско пријателство чиј претседател е господинот Димитар Пандовски, човек кој се претставува како етнички Бугарин од Корча. Ние разговаравме со него минатата година, кога тој ни кажа дека во неговиот клуб, секојдневно доаѓаат луѓе кои се чувствуваат како етнички Бугари. Сега, една година подоцна, клубот делува дека е затворен, а господинот Пандовски не се одзва на нашите повици за интервју.
Така, останавме без одговор и од „другата страна“ на повеќе прашања. И без тоа, пописот во Албанија кој започна на 18 септември, продолжува. Броењето ќе трае до 30 октомври, а одговорот на прашањето колку Македонци, а колку Бугари има во Албанија би требало да се знае догодина.
ИЗВОР: 360stepeni.mk