Од Алтернатива се уште молчат за својата конечна одлука. Партискиот лидер Африм Гаши на минатонеделниот состанок на партиското членство во Гостивар рече дека ќе чекаат да завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците, па потоа ќе разговараат за тоа дали ќе останат или ќе ја напуштат владината коалиција
Веста за наводната средба Гаши-Мицкоски го отвори прашањето – дали можеби повторно се крчка план за ново парламентарно мнозинство, како што тоа беше случај во ноември 2021 година, иако обидот за рушење на владата тогаш на чело со Зоран Заев беше неуспешен
Одлуката дали владиното мнозинство конечно ќе се прошири со влез на Алијанса за Албанците во владата, ќе се знае вечер. Но она што е неизвесно е дали Алтернатива ќе замине од „Илинденска“.
Извршниот и Централниот одбор на владејачката СДСМ вечерва ќе одржат состаноци на кои ќе се разгледува извештајот од преговорите со Алијанса, информираше денеска премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски. Состаноци на партиските тела вечерва ќе има и Алијанса за Албанците. За тоа дали лидерот на Алтернатива Африм Гаши ќе остане во владата или пак ќе одлучи да ја напушти, премиерот вели дека не може да коментира и нагласува дека политичките партии кои се дел од постојното мнозинство треба да направат одредени прилагодувања доколку им се придружи нов партнер.
„Интенцијата е зголемуивање на мнозинство кое е за евроионтегерација и за продолжување на нашиот пат за спроведување на одлуките кои значат побрза интеграција. Сакаме Алтернатива да остане во владиното мнозинство со оглед на тоа дека се разговара за влез на нов партнер. Тоа значи дека политичките партии кои се дел од постојното мнозинство треба да направат одредени прилагодувања за да се оставри таа идеја. Вратата на Алтернатива останува отворена, ние сме демократско општество и една политичка партија не може да ѝ сугерира на друга какви одлуки да носи. Ние денес имаме седница на ИО и ЦО каде работната група ќе поднесе извештај за преговорите што се водени и врз основа на тој извештај и договорот што е постигнат со Алијанса да се реферира пред ЦО. Како што знам, и Алијанса ќе има состанок на своите тела и финалниот исход може да го знаеме вечер. За одлуките на Алтернатива не можам да коментирам. Тоа може да го кажат претседателот на партијата и други партиски овластени членови“,
изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во Алтернатива молк
Од Алтернатива се уште молчат за својата конечна одлука. Партискиот лидер Африм Гаши на минатонеделниот состанок на партиското членство во Гостивар рече дека ќе чекаат да завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците, па потоа ќе разговараат за тоа дали ќе останат или ќе ја напуштат владината коалиција. Тој изрази и волја за компромис околу распределбата на ресорите.
„Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите. Но, партиските органи ќе одлучат за останување или излегување од Владата“,
реше Гаши.
Според него, доколку Алијанса за Албанците биде владин партнер, но и ако Алтернатива остане, тогаш ќе има начини и канали за комуникација и соработка, бидејќи, како што нагласи, Алтернатива е кооперативна партија.
Министерот за здравство Беким Сали кој е од редовите на Алтернатива вчера во изјава за медиумите откри дека засега на маса засега нема ниту предлог за тоа што би добила Алијанса за Албанците, односно што договорила оваа партија со другите владини партнери. Министерството за здравство е еден од посакуваниот ресор што Алијанса за Албанците сака да го предводи доколку стане дел од Владата, што би значело дека Алтернатива ќе мора да го отстапи.
„Сè уште немаме конкретно на маса ниту предлог за нашите позиции во владата доколку би имало проширување на мнозинството ниту, пак, кои се позициите што Алијанса ги има обезбедено од другите партнери во мнозинството и затоа не можам да коментирам ништо конкретно кои се нашите позиции“,
рече Сали.
Според шпекулациите кои кружат во политичките кругови, Алијанса е заинтересирана и за фотељата во ресорот правда, во која во моментов седи министерот Никола Тупанчевски од СДСМ.
Ќе договара ли Гаши повторно ново мнозинство со Мицкоски?
Сомнежите за тоа дека не е се така сјајно во владината коалиција, се подгреаја по вчерашната вест дека лидерот на Алтернатива Гаши во Собранието наводно имал средба со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Гаши не негираше дека се сретнал со Мицкоски и посочи дека имал средби со сите лидери на политички партии, а во фокусот на разговорите било постигнувањето на двотретинско мнозинство за уставните измени.
„Во Собранието имаме различни средби со сите лидери на политичките партии. Деновиве ќе имам средби со пратеници. Во моментов зборуваме за главната намера да се постигнат уставните измени и за бројката од 80 пратеници. Ова е многу важно за нас. Со оглед на тоа, наша должност е да се сретнеме со сите колеги и да разговараме за тоа како да ја постигнеме оваа цел што е можно поскоро. Се работи за средби поврзани со функционирањето и постигнувањето на двотретинско мнозинство“,
рече Гаши за Клан Македонија.
Наводната средба ја негираше Мицкоски кој беше дециден дека во парламентот се сретнал само со координаторот на пратеничката група на ВМРОД-ПМНЕ, Никола Мицевски со кој разговарале за активностите на пратеничката група во периодот што следи.
Веста за наводната средба Гаши-Мицкоски го отвори прашањето – дали можеби повторно се крчка план за ново парламентарно мнозинство, како што тоа беше случај во ноември 2021 година, иако обидот за рушење на владата тогаш на чело со Зоран Заев беше неуспешен.
Имено, Мицкоски на 5 ноември, на својот Фејсбук профил триумфално објави дека имаат ново мнозинство од 61 пратеник, а на фотографијата до него, меѓу другите, беше и лидерот на Алтернатива, Гаши.
„Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Не чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“,
напиша тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако желбата за уривање на владата остана неостварена, еден месец подоцна, Гаши почна преговори со Заев за влез во Владата. Во меѓувреме, Мицкоски не се откажа од „љубовта“ кон Гаши, па дури и го предлагаше за премиер Албанец во евентуалната преодна влада за да ја решел енергетската и економската криза. Тој упорно ја повикуваше Алтернатива да се откаже од коалицирање со СДСМ и со ДУИ.
Сепак, Гаши не ги послуша неговите повици.
Сега кога е исправен пред предизвикот да прави компромиси за отстапување на ресори, Гаши повторно и се враќа на старата љубов. Дали ќе остане со Ковачевски или пак ќе ја продолжи незавршената битка со Мицкоски за ново парламентарно мнозинство, останува да видиме. Во меѓувреме, сите гласно зборуваат за европската интеграција и иднина на државата.
ИЗВОР: 360stepeni.mk