Уживајте во боите на есента на Принцовите острови во Истанбул

2 mins read

ИСТАНБУЛ (АА) – Принцовите острови, скриените скапоцени камења на Истанбул, нудат пријатни есенски активности. Додека есента ги открива нијансите на кафена боја меѓу светлите нијанси на метрополата, топлото и сончево време создава совршена можност за истражување на мирниот архипелаг на азиската страна, известува Анадолу.

Истанбулските острови, спој на природната убавина и културното наследство, ви нудат идилично бегство, без разлика дали барате смирувачко засолниште или сакате да поминете еден ден во истражување.

Принцовите острови го добиле своето име во времето на Византија (Источното Римско Царство), кога членовите на династијата, како што се принцовите, биле протерани на овој локалитет. Денес, овие острови ви овозможуваат да уживате во богати пејзажи и интересна архитектура, вклучувајќи вили и цркви кои го одразуваат мултикултурното општество на градот. Покрај тоа, користењето исклучиво на електрични возила на улиците на кои нема метеж, ги прави попривлечни и за локалните жители и за туристите.

Архипелагот се состои од девет прекрасни острови, а најпосетувани се Бујукада, Хејбелиада, Бургазада и Киналиада. Траектот, кој испловува од двата брега на градот, ви нуди импресивен поглед на Босфор и опуштено патување до островите. Истражувањето на овој скриен рај во водите на Мраморното Море е едноставно. Можете да прошетате низ шармантните улици или да изнајмите велосипед.

Им се восхитувате на живописните куќи, интересната архитектура, бујното зеленило и погледот на морето. Имате можност да уживате во локалните специјалитети на турската кујна во рестораните покрај брегот, кои нудат свежа риба и мезе (предјадење).

Бујукада, што на турски значи „Голем остров“ е најголемиот од принцовите острови. Иако се наоѓа во близина на Истанбул, атмосферата е сосема поинаква. Познатата саат-кула ве пречекува веднаш по симнувањето од траектот. Изнајмете велосипед и тргнете по улиците со шармантни вили кои мирисаат на цвеќето бугенвилија. За да го доживеете најдоброто зајдисонце, посетете ја црквата Аја Јорги на Јуџетепе, највисокиот рид на островот, до кој се стигнува по стрмна патека. Други атракции се музејот на Островите на Принцовите, домот на турскиот писател Решат Нури Ѓунтекин и Адакуле, кој служи како противпожарна кула на островот. По неодамнешните реставрации, многу историски објекти почнаа да функционираат како културно-уметнички центри, организирајќи различни занимливости.

Хејбелиада, вториот по големина и најзелен остров во Истанбул, го добил името по неговиот изглед кој наликува на торби кои се ставаат на седло. Овој остров претставува еден од најдобрите примери на разновидна заедница која живее во мир и хармонија. Задолжителни атракции кои не смеете да ги пропуштите се манастирот Аја Јорги изграден на карпа, синагогата Бет Јаков и црквата Аја Никола. За граѓаните на Истанбул, Хејбелиада долго беше омилено место за одмор под сенката на големите дрвја, собиралиште со пријателите во историска меана (локална таверна), уживање во ретки јадења со риба подготвени по стари рецепти и место каде со сладолед во рака им се восхитувате на шармантните куќи. Освен што предизвикува чувство на носталгија и мир, природната убавина на Хејбелиада е исклучително привлечна, а најдоброто место за истражување на овој остров е, без сомнение, природниот парк Дегирменбурну.

Бургазада, третиот по големина остров на Принцовите острови, е можеби најмирниот од архипелагот. Посетителите ги пречекуваат импресивни вили, манастири и живописна убавина. За разлика од другите острови, Бургазада има само еден рид. Бајрак Тепе и урнатините на манастирот Христос на овој рид треба да бидат првата атракција што ќе ја посетите. Потоа можете да ја посетите куќата на Саит Фаик Абасијаник, еден од најважните писатели на турската литература, која сега е претворена во музеј. Други важни знаменитости на островот се црквата Ана Јани и манастирот Аја Јорги Гариби.

Киналиада како најблизок остров до Истанбул е идеално место за бегство и мирен одмор. Името го добила по црвеникавата земја која потсеќа на к’на. Истражувањето на островот е лесно, а атракцијата што не смее да се пропушти е црквата Сурп Крикор Лусаворич. Обиколката трае само половина час, дури и до најоддалечената точка. Шармот на островот се огледа во малите нешта – скромните книжарници, шармантните кафулиња и шеталиштата покрај брегот, кои се идеални за гледање на зајдисонцето. Не пропуштајте ја можноста да ги посетите локалните слаткарници и да ги пробате уникатните деликатеси на островот или да прошетате и да ги посетите малите занаетчиски продавници за ракотворби и сувенири.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Украина: 17 лица се повредени во руски напад во Криви Рог во текот на ноќта

Следно

На ГП Деве Баир лишен од слобода турски државјанин, покажал две фалсификувани зелени карти

Latest from Blog