Утре е Велик петок, а се празнуваат и овие светители

May 2, 2024
4 mins read

Велик петок

На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.

Тропар
Како овца на колење си бил воден, Христе Цару, и како јагне невино на крст си се приковал, од луѓе нечестиви, заради нашите гревови, Човекољупче.

Кондак
Дојдете сите да Го воспееме заради нас Распнатиот, зашто Него Го виде Марија на крстот и говореше: Иако трпиш распнување, Ти си Син и Бог мој.

Преподобен Теодор Трихина

Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења – за да има помалку сон – постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големо самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после смртта. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.

Тропар
Чезнеејќи по живот вечен, зборовите на Спасителот ги исползува, о Теодоре отче преподобен, не само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата Господова – беше словото што на подвиг ангелски те поттикна, тебе кому костретот ти беше мека облека, моли се за нас, о велик чудотворче, чии мошти миомирисни денес ја сведочат милоста Господова.

Преподобен Анастасиј Синајски

Игумен на Синајската Гора. Долго време беше монах кај славниот игумен Св. Јован Лествичник, а по неговата смрт самиот стана игумен. Освен тоа што беше голем подвижник, беше и благоглаголлив писател на житија на Светиите, а и на други поучни списи. Водеше жестока борба против т.н. еретици акефалити (безглавници), коишто го одрекуваа Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Се упокои во длабока старост во 685 година.

Тропар
Мудроста ти стана ѕвезда водителка која секоја кривина ја исправува, и така излечен Христос за пастир те постави во славната гора Синајска, раководител да бидеш и исповедник на Словото кое спасува. Закрили нe со твоите молитви при Бога принесени, оче свети, од секоја напаст демонска.

Блажениот Анастасиј Синаит патријарх Антиохиски

Беше монах на Синасјката Гора кога го избраа за антиохиски патријарх во времето на царот Јустинијан. На таа положба го воздигна неговата добродетел, чистотата на животот, големата духовна ученост и тврдата вера. Но царот Јустинијан падна во докетската ерес, против којашто остро станаа цариградскиот патријарх Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогони Евтихиј, а сакаше да го гони и Анастасиј, но не можеше да му најде никаква замерка на животот. Пред смртта царот Јустинијан се покаја и го врати на престолот патријархот Евтихиј, но неговиот наследник Јуст врз основа на некои клевети го прогони Анастасиј. Помина во прогонство дваесет и три години, а во времето на царот Маврикиј повторно го вратија на престолот. Управуваше со Црквата Божја уште шест години и својот земен пат го заврши во 599 година.

Тропар
Благословот твој, свети оче Анастасие, од Господа простување и благодат призива, која во Црквата Негова на две крила се принесува: Господа возљуби Го и ближниот како себеси. Радувај се, пастиру блажен и за нас моли се и понатаму Љубовта да пристигнува на главите кои во овој свет пребиваат.

Блажениот Григориј патријарх Антиохиски

По народност Ерменин. Игумен на манастирот Фаран под Синајската Гора. Кога блажениот Анастасиј беше протеран од престолот, Григориј и покрај неговата волја беше поставен за патријарх антиохиски. Многу пофално за него пишува и блажениот патријарх Софрониј во својот Лемонар. Се одликуваше со особено милосрдие, особено кон грешниците. Се упокои во Господ во 593 година.

Светиот апостол Закхеј

Најпрво беше цариник и грешник, но кога Господ го виде качен на дрво во Ерихон (Лука 19, 1 – 9), влезе во неговиот дом, а ова го приведе Закхеј кон покајание. Подоцна тој го придружуваше апостолот Петар, којшто го постави за епископ на Кесарија Палестинска, каде што верно му послужи на Евангелието и мирно се упокои.

Преподобен Атанасиј Метеорит

Роден во 1310 година. Се подвизуваше на Света Гора. Го устрои познатиот манастир Метеор во Тесалија. Имаше голем дар на проѕорливост и чудотворство.

Тропар
Блажен си ти, Атанасие подвижниче Метеоритски, кој Патот го пронајде лутајќи по философијата на овој свет, бидејќи Христос не ги остава оние кои Го љубат и по Него трагаат. Затоа благодатта те сочува, и учител на многумина постана, светило бивајќи и молитвеник за спасение на оние кои кон тебе припаѓаат.

Извор: kurir.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

Следно

Клучниот човек на Ред Бул си заминува на крајот од сезоната

Latest from Blog

Мицкоски: Планот за чист воздух на СДСМ беше најден со метар прашина, сами не можеле да го најдат

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека минатата власт не оставила ниту проекти, ниту пари за изградба на когенеративни централи, додека планот за чист воздух

Славески до приватните превозници: Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска, таа е непредвидлива жена.

Тој додаде дека доколку ситуацијата ескалира поради инаетот на Арсовска, Владата, бидејќи е прогласена вонредна состојба, има мерки, има инструменти да го да го реши овој проблем, со тоа што ќе им

Потвредено обвинението против осомничените за убиството на Данка Илиќ, се бара доживотен затвор

Вишиот суд во Зајечар го потврди обвинението против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, пренесува Индекс. Судот донесе решение со кое го потврди обвинението, кое
Go toTop