Ова е едно од најбрзите и најголемите раселувања во историјата на земјата, соопштија претставници на УНИЦЕФ, агенцијата на ОН за деца.
Израел започна тешка воздушна и копнена офанзива врз Либан откако Хезболах, милитантна група од земјата, го нападна Израел како одговор на неговиот напад врз Иран.
Израелските сили им наредија на Либанците да ги напуштат своите домови во област што опфаќа околу 15 проценти од територијата на земјата, вклучувајќи го и целиот југ.
Илјадници деца се раселуваат секој ден
Претставникот на УНИЦЕФ во Либан, Марколуиџи Корси, рече дека обемот на раселувањето е „зачудувачки“, со 19.000 деца принудени да ги напуштат своите домови секој ден. Многу од нив се раселуваат по втор или трет пат, по години конфликт.
„Менталната и емоционалната исцрпеност што ги оптоварува децата во Либан е катастрофална“, рече Корси во соопштението од Бејрут.
„Луѓето повеќе немаат безбедно место каде да одат“, рече тој.
Според податоците на УНИЦЕФ, од почетокот на најновата ескалација, најмалку 121 дете починало, додека 399 се ранети.
Училиштата се претвориле во засолништа, образованието е прекинато
Многу цивили се соочуваат со небезбедни услови за живот во повеќе од 660 колективни засолништа, претежно сместени во училишта, пишува Ројтерс.
Поради ова, образованието на повеќе од 150 илјади ученици е прекинато, изјави Каролина Линдхолм Билинг, претставничка на УНХЦР, агенцијата на ОН за бегалци, во Либан.
Службениците на ОН, исто така, предупредија дека израелските напади погодиле области претходно означени како засолништа и дека наредбите за евакуација често се испраќале среде ноќ.
Извор: vecer.mk


