УНХЦР: Бројот на присилно раселени лица се искачи на рекордни 110 милиони луѓе

2 mins read

До крајот на 2022 година, бројот на лица раселени поради војна, прогон, насилство и прекршувањата на човековите права изнесува рекордни 108,4 милиони, што е за 19,1 милиони луѓе повеќе во однос на претходната година и е најголем пораст досега, се наведува во извештајот на УНХЦР

Војната во Украина, конфликтите и насилствата кои ги има во други држави, дискриминацијата, но и климатски промени се причините поради кои бројот на луѓе во светот кои биле принудени да ги напуштат своите домови достигна рекордни 110 милиони, велат од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).

Во извештајот на УНХЦР, објавен денеска, се наведува дека до крајот на 2022 година, бројот на лица раселени поради војна, прогон, насилство и прекршувањата на човековите права изнесува рекордни 108,4 милиони, што е за 19,1 милиони луѓе повеќе во однос на претходната година и е најголем пораст досега.

Нагорната траекторија на глобалното принудно раселување, се додава во извештајот, оваа година  не покажува знаци на забавување, бидејќи ерупцијата на конфликтот во Судан предизвика нови одливи, зголемувајќи го глобалниот вкупен број на околу 110 милиони до мај.

„Овие бројки ни покажуваат дека некои луѓе премногу брзо се втурнуваат кон конфликти, а премногу бавно наоѓаат решенија. Последицата е пустош, раселување и мака за секој од милионите луѓе насилно истерани од своите домови“,

вели високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Од вкупниот број раселени лица, 35,3 милиони се бегалци кои ја преминале меѓународната граница за да најдат сигурност, додека поголем дел, 62,5 милиони луѓе  што е 58 отсто, се раселени во нивните матични земји поради конфликти и насилство.

Главниот двигател на раселувањето во 2022 година, според податоците во извештајот, е војната во Украина.

„Бројот на бегалци од Украина се искачи од 27 300 на крајот на 2021 година на 5,7 милиони на крајот на 2022 година што претставува најбрзиот одлив на бегалци каде било од Втората светска војна. Проценките за бројот на бегалци од Авганистан беа значително повисоки до крајот на 2022 година, поради ревидираните проценки на Авганистанците кои се сместени во Иран, а многумина пристигнаа во претходните години“,

се наведува во извештајот.

Според Гранди луѓето ширум светот продолжуваат да покажуваат гостопримство за бегалците бидејќи им овозможуваат заштита и помош на оние на кои им е потребна, но, сепак вели тој, потребна е многу поголема меѓународна поддршка и подеднакво споделување на одговорноста, особено со оние земји кои се домаќини на повеќето од раселените во светот.

Гранди вели дека мора да се направи многу повеќе за да се стави крај на конфликтите и да се отстранат пречките за бегалците да имаат опција доброволно, безбедно и достоинствено да се вратат дома.

„Додека вкупната бројка на раселени продолжи да расте, извештајот на Глобалните трендови, исто така, покажа дека оние кои се принудени да бегаат не се осудени на егзил, туку можат и си одат дома, доброволно и безбедно. Во 2022 година, над 339 000 бегалци се вратија во 38 земји, а иако беше помал од претходната година, имаше значителни доброволни враќања во Јужен Судан, Сирија, Камерун и Брегот на Слоновата Коска. Во меѓувреме, 5,7 милиони внатрешно раселени лица се вратија во 2022 година, особено во Етиопија, Мјанмар, Сирија, Мозамбик и Демократска Република Конго“,

се наведува во извештајот.

На крајот на 2022 година, во извештајот се наведува дека, околу 4,4 милиони луѓе ширум светот се без државјанство или со неодредена националност, што е два отсто повеќе отколку на крајот на 2021 година.

Извештајот „Глобални трендови“ беше објавен шест месеци пред вториот Глобален форум за бегалци, голем собир во Женева кој обединува низа актери за да најдат нови решенија и да ја вградат солидарноста со луѓето принудени да бегаат и нивните домаќини.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Израелските сили приведоа 5 палестински рибари на отворени води кај Газа

Следно

Екс-тренерот на ПСЖ пред портите на „Диего Армандо Марадона“

Latest from Blog