Мирниот предупредувачки протест тие го одржаа за време на пладневната пауза од 12 до 12:30 часот, но не ја исклучија можноста од радикализација доколку не им се исполни, како што велат, едното единствено барање. Новиот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, прашан дали постои шанса вработените да го добијат додатокот на плата што го бараат, рече дека во моментов не може ништо да вети и оти бара повеќе време за детално да се запознае со проблемот. На новинарско прашање дали е можно рампите на граничните премини да се затворат доколку нема решение на проблемот, Богоев со одговор: „Јас очекувам да не дојде до тоа во ниеден случај“
Вработените во Царинската управа, како што и најавија, денеска излегоа на предупредувачки протест за да бараат исплата на додатокот во висина од 30 отсто од платите, кој како што велат има следува според Законот за Царинската управа и Колективниот договор.
Мирниот предупредувачки протест тие го одржаа за време на пладневната пауза од 12 до 12:30 часот, но не ја исклучија можноста од радикализација доколку не им се исполни, како што велат, едното единствено барање.
„Денеска сме тука пред Царинската управа на предупредувачки протест кој е организиран со едно единствено барање, а тоа е правилна примена на членот 67 став 3 од законот за Царинската управа во кој е наведено дека царинските службеници добиваат 30 проценти од платата како надополнување на редовната плата поради посебните услови на работа, како и поради посебна одговорност која произлегува од работното место. Иако овој став е содржан и во колективниот договор за вработените во Царинската управа, ниту еден вработен никогаш не го добил овој додаток и овој додаток никогаш не е евидентиран во платните листи на вработените“,
изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Тој рече дека иако Царинската управа е орган во рамките на Министерството за финансии, нејзините вработени сè уште не го добиваат овој додаток, кој го имаат нивните колеги од другите органи во склоп на Министерството.
„Иако и Царинската управа е орган во состав на Министерството за финансии и се понадевавме дека првпат и конечно ќе се исплати овој додаток на плата одговорот повторно беше негативен. Овие вработени кои денеска се излезени на протест го полнат државниот буџет секоја година повеќе од 51 процент, носат оружја, вршат претреси, изложени се на висок ризик и не бараат ништо повеќе од тоа да се почитува и правилно да се применува Законот и Колективниот договор. Вработените одлучија деска револтот да се изрази на мирен начин, за време на пауза и да не се нарушува работниот процес со цел граѓаните на Република Македонија да можат да патуваат, а приватниот сектор и стопанството да имаат слободен увоз и извоз на стока“,
рече Деаноски.
Од новиот директор на Царината Стефан Богоев, претседателот на Синдикатот на УПОЗ вели дека очекуваат прва работна задача да му биде решавањето на овој проблем. Очекуваат и работна средба со него на која, рече Деаноски, ќе ги договорат роковите за решавање на нивното барање.
„Истовремено би сакал да ги замолам претставниците на Владата доколку имаат реакција на овој наш протест и на ова наше барање да не го даваат подготвениот одговор дека ќе се реши со општиот колективен договор бидејќи прво ова барање не е посебно барање и не е поврзано со Општиот колективен договор, а второ предлогот кој го даде Владата за решавање на методологијата на плати за синдикатите не е прифатлив. Нашето барање е праведно, правично, законски издржано и како што вели нашиот народ не бараме преку леб погача туку го бараме само она што ни следува“,
рече Деаноски.
Прашан кој ќе бидат следните чекори и дали е можно да ги спуштат рампите на дел од граничните премини, тој рече дека тие ќе бидат договорени со членовите на синдикалните здруженија, а доколку не се исполнат барањата не е исклучена можноста и од генерален штрајк.
„Ова е како што кажав предупредувачки протест за време на пауза од 12 до 12:30 часот да видат дека луѓето кои работат во Царинската управа имаат свои барања, а се понатаму ќе договараме со колегите. Бидејќи во моментов голем дел од синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ бараат протести, ние ќе направиме протести и во Обвинителството, во судовите разговараме, во центрите за социјална работа, не е исклучена можноста за еден генерален штрајк на ниво на УПОЗ“,
рече Деаноски.
Во врска со новиот директор на Царинската управа, Деаноски рече го познаваат како градоначалник на Карпош со кого склучиле многу добар колективен договор за вработените во Општината
„Така што очекуваме добар прием од негова страна и решавање на проблемот“,
рече првиот човек на Синдикатот на УПОЗ.
Пред зградата на царината излезе и новиот директор Стефан Богоев, кој во изјава за медиумите рече оти сака да ги покани претставниците на Синдикатот и на вработените на разговор. Прашан дали постои шанса вработените да го добијат додатокот на плата што го бараат, тој рече дека во моментов не може ништо да вети и оти бара повеќе време за детално да се запознае со проблемот.
„Јас сум неполни 24 часа на позицијата и излегов за да поканам претставници на синдикатот и на вработените да дојдат и да ми ги кажат, лично да се упатам детално во барањата коишто ги имаат како вработени и како синдикат. Потоа нормално со службите во Царинската управа ќе разговараме што досега е направено, бидејќи се направени работи и до сега на полето на работничките права и условите на вработените внатре во Царинската управа и во координација со Управата за јавни приходи што има сличен проблем, ќе разговараме и со Министерството за финансии. Во моментов не можам да ветам и да кажам ништо, мислам дека е логично и барам да се очекува од мене да добијам некое време за да се запознаам детално со работата“,
рече Богоев.
На новинарско прашање дали е можно рампите на граничните премини да се затворат доколку нема решение на проблемот Богоев со одговор:
„Јас очекувам да не дојде до тоа во ниеден случај“
ИЗВОР: 360stepeni.mk