Артрозата на
коленото, позната и како гонартроза, е една од најчестите дегенеративни
заболувања на зглобовите, а се карактеризира со пропаѓање на ’рскавицата која
овозможува мазно и безболно движење. Овој процес доведува до хронична болка,
вкочанетост и отежнато одење, а се препознава по симптоми како болка при
симнување по скали, чувство на пукање во зглобот и појава на оток како што
болеста напредува.
Физичката
активност секогаш се наведува како клучна мерка во третманот на артрозата на
коленото, бидејќи ги зајакнува мускулите што го стабилизираат зглобот и ја
зголемува подвижноста. Сепак, често се поставува прашањето кој вид вежбање носи
најмногу корист, а притоа не ја влошува состојбата.
Одговор нуди
голема анализа објавена во октомври оваа година во списанието BMJ.
Истражувачите ги прегледале резултатите од 217 рандомизирани контролирани
студии спроведени помеѓу 1990 и 2024 година, во кои учествувале повеќе од
15.600 лица со артроза на коленото. Биле споредувани различни програми на
физичка активност, вклучувајќи аеробни вежби, вежби за сила, програми
„тело–ум“, невромоторни вежби насочени кон рамнотежа и координација, како и
комбинирани режими.
Значењето
на аеробните вежби
Истражувачите
заклучиле дека аеробните вежби имаат најизразен ефект во намалувањето на
болката и подобрувањето на функцијата на зглобот, одењето и квалитетот на
животот. Особено се истакнале активности што не го оптоваруваат директно
коленото, како што се пешачењето, возењето велосипед и пливањето, бидејќи
овозможуваат движење без прекумерен притисок врз оштетената ’рскавица.
И другите
облици на вежбање покажуваат предности. Програмите што вклучуваат движење во
комбинација со фокусирана контрола на телото доведуваат до краткорочно
подобрување на функцијата, додека вежбите за сила и комбинираните пристапи
даваат подобри резултати по неколку месеци. Невромоторните вежби придонесуваат
за подобар образец на одење, а вежбите за флексибилност се поврзани со
подолготрајно намалување на болката.
Авторите
нагласуваат дека јачината на доказите е умерена и дека се потребни дополнителни
истражувања со подолгорочно следење на пациентите, но заклучуваат дека
редовната, правилно дозирана физичка активност останува една од најважните и
најбезбедните мерки што лицата со гонартроза на коленото можат да ја вклучат во
својот план за лекување.
Извор: vecer.mk


