Еколошката катастрофа во Крива Паланка, со излевањето на отровни материи од рудникот Тораница во реките од општината и во земјиштето долж нивниот слив, не потсети на мапираните жешки еколошки точки коишто беа констатирани во студијата што ја финансираше Европската унија уште во 2006 година.
Од тогаш наваму, со одредени, но недоволни исклучоци, многу малку е направено за да се заштити населението и животната средина во близина на овие големи загадувачи, некогашни, но и сега активни фабрики, електрани и рудници.
Овие високо контаминирани подрачја се настанати по декади индустријализација, засилено експлоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии. Тие со децении ги трујат со отровни материи почвите, водите, воздухот, а преку тоа и храната и населението во близина на локалитетите, но и во поширок обем, со оглед дека отровните материи се шират и се транспортираат.
Еден од најголемите поборници за „жешките точки“ да добијат гласност и јавност, но и активен учесник детектирањето и мапирањето на точките, професорот од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов, минатата година во истражувањето што го направи Институтот за комуникациски студии, од денешна преспектива вели, состојбата е променета, листата треба да се ревидира и да се промени, но едно е јасно. Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава во однос на конкретните чеори за заштита на животната средина веќе втора година по ред се вели дека Македонија нема направено напредок.
Листата на жешки еколошки точки – ОХИС на прво место
Според професорот од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов, ОХИС останува убедливо на врвот на списокот на големи еколошки закани.
Опасните хемиски супстанции се добиени како споредни, отпадни производи во процесот на производство на пестицидот, линдан. Тој се користел за уништување на комарците, на вошки, во земјоделието, така што од тогашна перспектива бил корисен. Но, сознанијата од истражувањата покажале дека е многу токсичен и производството и користењето е забрането. Таму споредните производи се многу слични хемиски супстанции како и линданот, но други изомери, со други својства и кога се синтетизирал, кога се добивал линданот во реакторите, се добивале и овие хемиски супстанци коишто сега ги имаме како отпад. „Во депониите во ОХИС најмалку имаме линдан. Не знам зошто ја викаме депонија на линдан“, потенцира Стафилов.

Иако во 2021 година таму започна чистењето на линданот во малата депонија, тој процес не е завршен.
Дополнителен проблем, во ОХИС, за кој многу помалку се зборува, е и некогашниот погон за производство на хлор. Тоа е погон кадешто се призведувал хлор, со електроди, со течна жива и целиот тој објект е со жива, предупредува професорот Стафилов. Многу големи количини жива се изгубени, што значи се тука некаде, во почвите, исто така има жива дури и при чистењето на малата депонија, во отпадот со органските хемиски токсични супстанции и беше најдена жива. Во сите предлози, во сите студии кои досега се направени стои дека објектот треба да се демолира и како отпад некаде да се однесе. Почвите се таму многу загадени, ова се однесува за надвор од овие три депонии, во просторот на ОХИС, тоа треба да се ремедира.
Депонијата на некогаштата „Топилница“ во Велес
Во анализата на „жешките точки“ на професорот Стафилов на второ место е депонијата на некогаштата „Топилница“ во Велес.
Тој вели дека поради количината на отпадот, содржината, високите содржини на многу токсични тешки метали, близината на градот како и досегашните сознанија за загадувањето на животната средина, Велес и депонијата од некогашната „Топилница“ се на второто место.

Уште пред деценија и пол Стафилов и неговите соработници алармирале дека треба да се прекине со произвоство на храна во контаминираниот регион во велешко.
„Ние изготвивме геохемиски атлас на почвите во Велес, книга којашто во 2009 година доби награда ‘Гоце Делчев’, највисока награда за наука во државата. Таа е дистрибуирана до сите министерства, надлежни. Утврдивме дека почвите се загадени, дека земјоделските производи што се произведуваат се загадени и Министерството за земјоделие не најде за сходно, а и Агенцијата за храна, да забранат производство таму веќе на храна. И храната еве од тога, од кога имаме сознанија се консумира, се продава“, објаснува тој.
Во целата оваа ситуација, Општина Велес веќе четири воопшто нема инспектор за животна средина така што на локално ниво воопшто нема ниту кој да врши контрола на состојбата со троската во депонијата од некогашна „Топилница“.
Југохром
Според професорот Стафилов, „Југохром“ сепак како голема потенцијална закана во перспектива е во „жестока“ трка да и го преземе приматот на „Топилница“.
„Кога во металургијата произведувате метали од руда, сè што не се вашите метали, што вие ги добивате во печките кога ќе ја стопите рудата, се топи под голем напон со електроди и се додава кокс. Коксот е јаглерод, јаглен, ама многу чист, нема пепел и хемиските оксиди на вашите метали реагираат со јаглеродот, го одземааат кислородот како CO2 и металот тече односно паѓа во долниот дел од печката, а горе плива сето останато кое се вика шљака, троска или јаловина. Во печките, половина е течен метал, а горе исто така во течна состојба е таа троска. Во долниот дел се отвора една дупка која е убаво затворена со огноотпорен материјал и од време на време се отвора. Под неа има канал и истекува металот кој се слева во други казани. Од друга страна, во горниот дел, исто така, има отвор, канал и таа троска истекува во други казани и тие потоа во таква течна состојба се носат на депонија, се истураат и таа се стврднува“, го објаснува процесот професорот Стафилов.

„Југохром“ одлагал таква троска во дворот и тоа во помали количини не е проблем. Меѓутоа, бидејќи произведувале хром, а во тоа време, во педесеттите години во Југославија беше развиена кожарската индустирија и се бараа бихормати, во „Југохром“ решиле, бидејќи имаат хром да прават такви хемикалии. Хромни соли или хормати се произведувале до некаде 1968/69 година. Отпадот од тој процес кој се вика хроматна мил го одлагале исто во дворот, но потоа почнале да го истураат кај депонијата со троската.
Дождовните води раствораат делумно од хорматите и бихорматите и тие одат во подземните води, дури и во површинските, па во Вардар. Докажано е дека тие подземни води се во комуникација со подземното езеро што го снабдува изворот Рашче со вода и постои ризик од тој хром, шествалентен кој е многу токсичен, канцероген и во организмот предизвикува многу оштетувања на многу органи до карцином. Граничната вредност на хром 6 во водите за пиење е многу ниска, ако се појави таму, водата од изворот Рашче ќе треба да биде забранета за пиење и Скопје ќе нема вода за пиење. Од таму е ризикот, аламира Стафилов.
Депонијата во Лојане
Кога се приближувате до токсичниот рударски отпад во околината на Лојане, се чувствува миризба која навестува дека сте во близина на опасни материјали. Во непосредна близина на овие отровни остатоци се наоѓа училиштето „Рилиндја“ во кое има околу 400 деца.
Над патот стои огромната депонија од материјал во којшто се гледаат арсеновите и антимоновите минерали и се чувствува миризба која навестува дека сте во близина на опасни материјали.

Во липковскиот регион во близина на селото Лојане до 1979 година работеше рудник за арсен, антимот и рудник за хром. Од рудата, со процес на флотација се извлекуваа минералите на арсен посебно, на антимон посебно и се добиваа концентрати на арсен и антимон коишто се продаваа, и се извезуваа. За таа цел, од Лојане до Табановце беше конструирана и железница. Се транспортираа до железничката станица и потоа со вагони се носеа на продажба. Во 1979 година беше утврдено дека тие концентрати се многу токсични и не можат веќе да се транспортираат, не се извезуваше и рудникот беше затворен. Меѓутоа, во тој момент, кога беше затворен рудникот остана непродаден арсенов концентрат од околу 15 илјади тони. Оставен на отворено и ден денес стои така. Еден дел е на старата железничката станица во Табановце. И тоа така стои.
РЕК Битола
Загадувањето на воздухот не е единствената закана и последица од работата на РЕК Битола.
Другиот проблем кај РЕК Битола е со депонирање на пепелта. Кога согорува јаглен, 10 проценти од согореното е пепел. Со оглед дека јагленот сега е помалку квалитетен, има и до 15 порценти пепел. Пет милиони тони сега горат во РЕК Битола, 15 проценти се 450 илјади тони, тоа е половина милион тони пепел годишно и таа се депонира на одлагалиште за пепел. Во технологијата на одлагање има прописи, тоа е скап процес. Треба да се покрива одлагалиштето, да се пошумува. Стафилов се сомнева дека тоа се прави како што треба. Вели, веројатно од финансиски причини.

Поради ова се случува од време на време, ветер да ја разнесува прашината која има зголемена создржина на тешки метали и има малку поголема радиоактивност од почвата што е во тој регион на Битола.
Во РЕК Битола рудникот уште се користи, но јагленот е посиромашен, помалку е квалитетен, има помала топлотна вредност, а повисока созджина на пепел. Македонија има обврска да ги затвори термоелектраните на јаглен. Првичниот термин за тоа беше 2025 година, сега рокот е до 2035 година. Но, со оглед дека земјава нема други извор на енергија, хироцентралите се мал потенцијал, РЕК Битола и во ваква состојба е основниот извор.
*
Во текстот се користени податоци и изјави објавени во анализата „Две децении живееме во контаминирани подрачја со опасни материи“ на еколошката, едукативна, онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии
ИЗВОР: racin.mk