Тест за невиност за проценка на „моралот“ на туркменистанските тинејџерки

2 mins read

Средношколките во крајбрежната провинција Балкан во Туркменистан се подложени на задолжителни тестови за невиност, за кои властите велат дека се потребни за да се процени „моралот на тинејџерките“, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Властите не побарале согласност од тинејџерите или нивните родители за контроверзните тестови што ги прават гинеколози, велат за РСЕ неколку родители и ученици.

Учениците кои ќе „паднат“ на тестот се пријавуваат во полиција и во безбедносните служби, тврди воспитувач запознаен со кампањата.

„Во градовите Балканбат и Туркменбаши, сите ученички од 9 до 11 одделение се принудени на гинеколошки преглед. Списокот на девојчиња за кои е утврдено дека имале сексуални односи за време на тестот е споделен со локалната полиција и Министерството за државна безбедност“, изјави нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Од друга страна пак полицијата често ги проверува мобилните телефони на девојките на списокот за да бара информации за нивните сексуални партнери, тврдат други воспитувачи.

„Службениците за спроведување на законот објаснија дека тоа е направено со цел да се идентификуваат и изведат пред лицето на правдата лицата кои имале интимни односи со малолетници“, изјави работник во главниот град на покраината, Балканбат.

„Во моментов се водат опсежни инспекции во покраината“, додава тој.

Воспитувачите зборуваа под услов да останат анонимни, поради безбедносни причини во строго контролираната централноазиска држава.

Радио Слободна Европа контактираше со владини претставници на провинцијата Балканбат за коментар, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Владата не понуди јавно објаснување зошто се спроведуваат гинеколошките прегледи, но работник во Балканабат се сомнева дека тестовите се поврзани со пријавениот пораст на тинејџерските бремености во покраината во последните месеци.

Шест вакви случаи се регистрирани во Балканбат, рече тој.

„Оваа информација стигна до Министерството за образование, кое затоа издаде строго предупредување до раководителот на регионалниот оддел за образование за Балканбат. Веднаш потоа (покраинските власти) почнаа да ја проверуваат „моралната чистота“ во големите градови“, вели нашиот соговорник.

Тие немаат право на глас

Таканаречените тестови за невиност не се без преседан во Туркменистан, каде што авторитарна влада врши голема контрола врз животите на луѓето.

Во 2018 година, полицајците и безбедносните службеници придружувани од гинеколози спроведоа ненајавени рации во училиштата во северниот регион Дашогуз. Според сведоци на настанот, полицајците ги пребарале мобилните телефони на учениците за да видат дали гледале порно видеа, додека ученичките биле однесени на тестови за невиност во канцеларијата на училишната медицинска сестра.

„За време на тестовите беше откриено дека некои од девојчињата не се девици, а нивните родители беа повикани и засрамени пред сите во училиштето“, изјави тогаш за РСЕ извор запознаен со ова прашање.

Според извор од полициската станица Дашогуз, инспекциите во 2018 година, наводно, биле дел од напорите на регионалната влада за борба против тинејџерската проституција.

Радио Слободна Европа не можеше да ги потврди овие наводи.

Во 2019 година, училишните власти во југоисточната провинција Мари им наредија на сите ученички од 8 до 11 одделение да направат гинеколошки преглед „без разлика дали нивните родители даваат согласност или не“.

Многу активистки за правата на жените ширум светот го осудуваат таканаречениот тест за невиност како апсурдна и понижувачка практика која треба да се напушти.

Многу медицински експерти тврдат дека ваквите прегледи не можат да ја одредат невиноста на човекот бидејќи хименот може да се оштети на различни начини, а не само преку сексуален однос. Некои жени се раѓаат дури и без него.

Извор: slobodnaevropa.mk

Претходно

Нови одрони на патот Делчево – Македонска Каменица – Кочани, кај село Истибања

Следно

Објавени платите на црногорските функционери

Latest from Blog