Тендер за прослава за Рамковниот договор без оглас, во „четири очи“

August 12, 2024
3 mins read

На еден ден пред одбележувањето на 23 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, до медиумите пристигна соопштение во кое е наведено дека ќе биде организирана Панел дискусија на тема “23 Години од Рамковниот Договор, Децентрализацијата останува предизвик”. Прославата ќе се одвива со свечен прием во Музејот на Современа Уметност, на скопското Кале.

Рамковниот договор беше потпишан на 13 август 2001 година, а со кој беше ставен крај на неколкумесечниот вооружен конфликт во земјава. Конфликтот се водеше меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.

Инаку традиционално јавната набавка ја спроведуваше Министерството за односи меѓу заедниците, порано познато како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Исто е и годинава. Тендерот за организација на овогодишната прослава беше поништен на 26 јули, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Во меѓувреме на веб-страницата на Бирото за јавни набавки не е објавен нов оглас за компанија која ќе ја организира прославата.

Задачата годинава да ја организира прославата за 23 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ја доби вицепремиерот и министер за односи меѓу заедници Иван Стоилковиќ. Стоилковиќ е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија.

Оваа задача Стоилковиќ ја доби на владината седница на 5 јули годинава, на предлог од неговиот колега, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити кој доаѓа од коалицијата Вреди (Влен).

Според записникот од владината седница, Стоилковиќ бил задолжен да побара согласност од Бирото за јавна набавка за спроведување на постапка за јавна набавка, без објавување на оглас, за искористување на предвидените средства во буџетот за 2024 година.

Како причина за таквата одлука, Владата ја навела итноста од спроведување на јавната набавка и временското ограничување кое, како што се вели во записникот, создава „неможност да се спроведе постапка во редовна процедура“.

Записник од владината седница на 5 јули 2024

Записник од владината седница на 5 јули 2024

До објавувањето на овој текст не добивме одговори од Вицепремиерот Стоилковиќ за тоа која фирма и за колку пари ќе ја организира прославата за одбележување на 23 годишнината од Рамковниот договор.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, огласот првично е објавен во јули, со рок за доставување понуди до 31 јули. Одлуката за поништување на огласот е објавена на неколку дена пред истекот на рокот, на 26 јули.

За споредба тендерот за минатогодишната прослава „тежок“ околу сто илјади евра, беше потпишан на 19 јули, додека годината претходно во 2022 година, договорот беше склучен на први август.

Во изминативе две години, тендерот за организација на прославата најчесто го добиваше тетовската фирма Арбериа Десинг. Во 2021 година, на одбележувањето на две децении од потпишувањето на договорот, тогашниот министер за политички систем и односи со заедниците Артан Групи потроши 70 илјади евра од државната каса за концерт именуван како „Мировен фестивал“. Тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а сега владејачка партија, често коментираше дека прославите на годишнината од Рамковниот договор се партиски, а не државни прослави.

Два прослави, една на ДУИ, една на Владата

Годинава покрај владината прослава ќе биде организрана и прослава на опозиционата ДУИ. Опозициската прослава е закажана во хотелот „Александар Палас“, каде што ,според најавите, ќе биде организирана Академија на која ќе учествуваат домашни и странски експерти.

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми во објава на социјалните мрежи реагира дека оваа моноетничка Влада, како што вели, нема легимитет да ја организира годишнината на Охридскиот договор.

„Губитниците на претседателските и парламентарните избори, без легитимитет од гласачите, како приврзок на ВМРО, во улога на вазал и потценувач на Албанците, го предадоа Охридскиот договор на путинистот, Иван Стоилковиќ како што ги предадоа и Албанците на Вучиќ и Путин“, напиша Адеми на ФБ, кој додава дека средствата за одбележување на годишнината од Охридскиот договор, биле намалени од новата Влада.

По ваквите коментари од владината коалиција Вреди ( Влен ) излегоа со критика до опозицијата истакнувајќи дека таа се обидува да го приватизира државното одбележување.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска коментираше дека организирањето на паралелни прослави не е во корист на граѓаните и дека ДУИ се уште не можат да прифатат дека се опозиција.

„Ќе прифатат приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан којшто го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат, рече Таравари.

Но, не даде повеќе детали за целата организација на прославата.

Пратеничката на Вреди (Влен) Саранда Имери, ќерка на Имер Имери, кој е еден од потписниците на Рамковниот, минатата недела го прозва лидерот на ДУИ Али Ахмети да не го сквернават, како што рече, датумот кој треба да ги обединува Албанците и борците на УЧК, наместо да се користи за тесно партиски интереси.

„ Во името на ликот и делото на мојот татко, ја користам оваа прилика да му се обратам лично на господинот Али Ахмети. Никој нема право да ги приватизира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор. Затоа, апелирам до вас, да не правите поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го одбележуваме овој ден со почит. Намерите ви се провидни и однапред прочитани“, изјави неодамна Имери.

Датумот на потпишување на Рамковниот договор се одбележува институционално, со соодветна програма и агенда, нагласуваат од Коалицијата.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Инвазијата на Русија е најризичниот потег на Зеленски

Следно

Во израелските напади во Појасот Газа од 7 октомври убиени се речиси 39.900 Палестинци

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ: Кумата на хаосот на јавниот превоз Арсовска, го доведе Скопје на раб на колапс, ние сме подготвени за реформи доколку има отчетност и план

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека самопрогласенаата „реформаторка“ на јавниот сообраќај, повторно успеа да го доведе Скопје на раб на колапс. „Неспособната Арсовска кој ае и кума на хаосот со јавниот превоз глуми загриженост

Академик Попов: Само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ може да дојдеме до разумни и прифатливи решенија

Во обраќањето по повод Денот на МАНУ, нејзиниот претседател, академик Живко Попов, денеска се осврна на пречките на земјава на патот на зачленување во Европската Унија.  Како што рече, пријателството, спремноста за

Мицкоски: Владата и ФЗО ги разгледуваат финансиските можности за да се зголеми капитацијата на матичните лекари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија „КОСТАЛ“ Македонија во Општина Охрид. По настанот одговарајќи на новинарско

Мицкоски за уставните измени: Нашите црвени линии ги дефиниравме, од тоа не се поместуваме ниту милиметар

Ние нашите црвени линии ги дефиниравме. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад,

Европскиот парламент ја одобри новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен

ЖЕНЕВА (АА) – Европскиот парламент денес го одобри новиот состав на Европската комисија под водство на Урсула фон дер Лајен, која има втор мандат на чело на главниот извршен орган на Европската
Go toTop