Романот „Градина од стакло“ од романската писателка Татјана Цибуљак, кој е еден од насловите во новата едиција „Порта Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина“, беше претставен вчеравечер (28 февруари). На онлајн-промоцијата, покрај авторката Цибуљак, се вклучија и уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски, кој ја преведе книгата од романски јазик. Тој помогна и во преводот на разговорот, кој се одвиваше на македонски и на романски јазик.
„Градина од стакло“ е една од книгите за кои на конкурс, во организација на „Арс Ламина“, минатата година се избираше дизајн за корици за едицијата „Порта Европа“. Жирито го избра за победничко графичкото решение на Андреј Лавчански.
„Градина од стакло“, кој е добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, е восхитувачки раскажана приказна, стилско ремек-дело. Ова е роман за животот на „малите“ луѓе во заднината на големите историско-политички промени со распадот на СССР, за идентитетот, за различноста, за борбата на една цела женска генерација да пронајде свое пристојно место во суровиот свет. Во фокусот е едно девојче-сираче, Ласточка, посвоено од Русинката Тамара Павловна, во времето на советскиот Кишинев. Случувањата се сместени во седумдесеттите години на минатиот век, кои му претходеа на распадот на Советскиот Сојуз и добивањето на независноста на Република Молдавија.
Книгата ја опфаќа историјата на малата Ласточка, нејзиниот развој од детството кон адолесценцијата, па сè до зрели години. Раскажана е ретроспективно од гледна точка на жена која и самата има свое дете и живее во Букурешт. Многупати бев прашана дали суштината е само во оваа приказна. Се разбира дека НЕ. Ова приказна може да биде и паралела, односно метафора за Република Молдавија, која секогаш била на крстопат, секогаш дел од една напуштена географија, анексирана, окупирана, за потоа да си ја добие независноста. Од друга страна, тоа е и приказна за едно сираче кое конечно е вдомено во семејство што го експлоатира, но и му помага да стане човек, и сето тоа се одвива во историски период за кој малку се зборуваше во литературата, од зоната од која доаѓам. Искрен одговор би бил дека се работи и за двете приказни, значи книгата може да биде читана и во клучот на создавањето на Република Молдавија (избавувањето од туторството на Советскиот Сојуз). Правам паралела помеѓу созревањето на личноста и создавањето на една независна држава – рече Цибуљак.
„Градина од стакло“ е нејзина трета книга, по збирката раскази „Модерни бајки“ (2014 ) и наградуваниот роман „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ (2017). На промоцијата нагласи дека „Градина од стакло“, исто како и нејзиниот претходен роман, е напишан во кратки поглавја како резултат на потребата да се прави пауза меѓу приказните.
Во „Градина од стакло“ не се работи само една приказна, туку таа е составена од повеќе наративни нишки, кои во даден момент (барем така се надевам), се преплетуваат и создаваат целина. Мојата намера беше кога ќе се прочита една од главите да се добие одредена слика, односно идеја, нешто што ќе остане. Книгата е нешто како албум во кој прелистуваш слики и со помош на тие слики можеш да се сетиш на многу нешта. Таа моја постапка не беше намерна, туку мене така ми е полесно и така ми се допаѓа: да пишувам кратко и густо, повеќе отколку долго и со употреба на повеќе описи. Ако ова значи стил, тогаш да, тоа е мојот стил. Ако е само едноставно една форма со помош на која се појаснуваат работите, тоа останува да решат читателите – рече таа.
На прашањето, дали станува збор за вистинита приказна од нејзиниот живот, писателката рече:
Ова не е автобиографска книга, туку неавтобиографска книга со многу референции што се однесуваат на мојот живот и моето детство. Зошто е така? Зашто тогаш кога пишуваш книга за родниот крај, за градот во кој си живеел, за сопствениот двор, користејќи ги притоа ликовите на твоите соседи, па дури и мачката Морковка, која беше мачката со која пораснав, тогаш се разбира дека не можеш да кажеш дека не е автобиографска книга. Но, во исто време не сакав да звучам егоистично, па да пишувам само за себе додека се одвиваше еден толку важен период за државата. Се разбира дека Ласточка е лик Матрјошка, лик кој ги поседува сите квалитети и претставува еден вид збир на сеќавања, но работите што му се случуваат на ова девојче во книгата не ми се случија задолжително и мене. Тука мислам на бурата опишана во книгата или за собирањето шишиња или дека девојчето е експлоатирано преку работата. Тие настани не беа дел од моето детство. Но, тие секако биле дел од детството на многу од децата. Затоа се обидов да ги употребам географијата, моите чувства и моите сеќавања, но не напишав автобиографска книга и ми изгледа коректно да го кажам тоа дека ова е книга во која многумина млади (сега веќе возрасни, затоа што веќе нема млади луѓе од мојата генерација) се пронаоѓаат. Значи, тоа е книга на мојата генерација, така што автобиографизмот овде е само површен – рече таа.
Во разговорот откри дека пред 25 години го посетила Скопје, службено, како новинар, и дека носи убави сеќавања од тоа патување.
Се сеќавам дека многу ми се допадна Скопје. Бев многу помлада, но бев во сосема друго својство, во својство на новинар, и се сеќавам дека присуствував на еден мошне голем и значаен форум, така што тогаш не бев јас таа што беше интервјуирана. Обично ми е полесно кога јас ги поставувам прашањата, отколку кога треба да ги одговорам, но се сеќавам со задоволство на мојата последна посета што веројатно се случи пред 25 години. Мислам дека оттогаш работите се промениле, но затоа мислам дека не се промениле убавините, добрите јадења и луѓето, така што си посакувам да дојдам во Скопје, но овој пат во ново својство, како писателка – рече таа на крајот.
Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, и по националност е Молдавка и Романка. Пишува на романски јазик. Студира на Факултетот за новинарство и комуникации при Државниот молдавски универзитет. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Во 1999 година му се приклучува на тимот во телевизиската куќа ПРО ТВ Кишинев како репортер, уредник и ТВ-водител, а исто така работи и за УНИЦЕФ во Молдавија. Од 2008 година живее во Париз, од каде што се вклучи во онлајн-промоцијата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИЗВОР: republika.mk