Судскиот совет пред историска одлука – дали да ја „одбрани“ или да ја разреши претседателката на Врховниот суд

11 mins read

Миљазим Мустафа, подносителот на иницијативата против претседателката на Врховниот суд, денеска ги соочи аргументите со врховната судијка Беса Адеми и нејзината одбрана на јавна расправа во Судскиот совет

Иницијативата на Мустафа се темели на два моменти – неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот момент што го истакна тој, а за кој бара утврдување одговорност, е интервјуто на претседателката на Врховен за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов

Одбраната на Адеми, наведувајќи ги своите аргументи, посочи на недоследности во наводите на подносителот на иницијативата и побара Судскиот совет да ја запре целата постапка, со што ќе ја врати довербата на јавноста во судството

Ден 29 декември, последен работен ден за 2023 година. Часот е 9 претпладне. Безмалку точно во закажаниот термин почна расправата на Комисијата известители на Судскиот совет, за иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, на денешната јавна расправа. Десно од неа е нејзината бранителка Павлина Зефиќ-Јакимовска, а лево претседателот на Здружението на судии и врховен судија Џемаил Саити / Фото: „360 степени“

Новинарите и не паметат кога имале можност да следат ваква расправа, бидејќи постапките за вакви иницијативи вообичаено се одржуваат зад затворени врати, поради наводна доверливост. Во овој случај, претседателката на Врховен самата побара седницата да биде отворена за јавност, а и мнозинството членови на Судскиот совет пред три дена одлучи да и излезе во пресрет на барањето.

Беса Адеми: Исходот од постапката ќе ја одреди судбината на судството во земјава

Претседателката на Врховниот суд веќе беше во салата за седници на Советот кога во неа влегоа новинарите. До неа беа нејзината бранителка во постапката, адвокатката Павлина Зефиќ-Јакимовска и претседателот на Здружениот на судии и судија во Врховниот суд, Џемали Саити.

За кратко се појави и членот на Судскиот совет Миљзим Мустафа, како подносител на барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховен. Со тоа се потврдија пишувањата на дел од медиумите дека тој ја поднел иницијативата. Мустафа, патем, не е член на Судскиот совет од редот на судиите. Избран е Собранието, т.е. е дел од малцинството членови кои практично ги избира политиката.

Јавната расправа ја водеше тричлена комисија на известители на Судскиот совет, со која претседаваше членот на Советот, Мирсад Сурои, а останатите двајца беа неговите колеги Мери Радевска и Селим Адеми.

„Денеска и во периодот кој следи, токму исходот од оваа постапка ќе ја одреди судбината на судството на Република Северна Македонија“,

рече претседателката на Врховен, откако го ислуша образложението на барањето за нејзина одговорност што претходно го презентираше Мустафа.

На што се повикува Миљазим Мустафа во иницијативата

А, барањето, односно иницијативата се темелеше на два аргументи. Првиот беше неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција.

„Во период од 22.3.2023 година до 3.10.2023 година Беса Адеми во својство на претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија, која е член на Судскиот совет на РСМ, постапила спротивно на член 43 став 2 во врска со став 1, алинеја 2 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија, на начин што и покрај тоа што е должна да учествува на седниците и работата на советот, истата отсуствувала од седниците во континуитет во наведениот период и тоа на 442 па сѐ до 462 седница, вкупно на 21 седница на Судскиот совет“,

подносителот на иницијативата во образложението.

Вториот аргумент, а за кој бара утврдување на одговорност, е интервјуто на судијката Адеми за порталот „Сакам да кажам“, во кој таа говореше за притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. Ако Врховниот суд ги „оживееше“ аболициите на Иванов, тоа ќе значеше спас од кривичен прогон за обвинетите од поранешното СЈО, вклучувајќи го и експремиерот Никола Груевски. За овие нејзини наводи, како што рече Мустафа, таа била повикана на средба во Судскиот совет од страна претседателот на ова тело на 6 ноември, на кое таа не се појавила и со тоа покажала непочитување на Советот.

 „На 6.11.2023 претседателката Беса Адеми и член на Судскиот совет на РСМ по функција, постапила спротивно на член 43 став 2 во врска со став 1 алинеја 1 од законот за Судски совет на РСМ на начин што по претходно телефонски известување од претседателот на судскиот совет на РСМ, на 3.11.2023 и писмено доставено за работна средба на 6.11.2023, заради разгледување на, од нејзина страна преку медиумите изнесено за политички притисок врз врховните судии во врска со одлучување по аболицијата на поранешниот претседател на РСМ, истата не дојде на работата средба, а своето отсуство го најави со писмен допис непосредно пред терминот на закажаната средба“,

рече тој.

Миљазим Мустафа – подносителот на иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд / Фото: „360 степени“

Со ваквото однесување и постапување, како што кажа Мустафа, претседателката на Врховен не само што го попречила и оневозможила Судскиот совет во остварувањето на основната цел, да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите, туку покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамките на правосудниот систем.

„Тоа придонесува за намалување на довербата на граѓаните во судството, со што постапила спротивно на член 43 од Законот на судски совет на РСМ и со тоа ги пречекорила и повредила законските овластувања“,

додаде Мустафа.

Бранителката на Адеми, адвокатката Зефиќ-Јакимовска образложувајќи го нивниот одговор на иницијативата, почна со истата констатација како и Адеми.  

„За нас ова не претставува обична расправа. За нас ова претставува историски ден од причина што исходот на оваа постапка ќе се исцртаат патоказите по кои ќе се движи правосудството во иднина. Ова е борба на целокупното правосудство, за неговата независност. Тука станува збор за постапка против претседателот на највисокиот суд во државата, поради што оваа постапка ги тангира сите чинители на правосудниот систем“,

рече бранителката.

Таа, како прв аргумент го посочи неодамнешниот извештај на оценската мисија на Европската Унија за работата на Судскиот совет, од која цитираше два пасуса, кои им било дозволено да ги искористат, со оглед дека извештајот не е и нема да биде објавен јавно.

Одбраната цитираше фрагмент од извештајот на оценската мисија

Посочените цитати од извештајот велат дека тоа што министерот за правда и претседателката на Врховниот суд не учествувале на седниците на Советот по неодамнешните контроверзни настани во ова тело, не е прекршување на законот.

„Треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваа на состаноците на Судскиот совет, по сопствена одлука, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет и тоа не е прекршување на законот.

Доколку министерот за правда и претседателот на Врховниот суд не се членови на Судскиот совет, треба да се обезбедат механизми за координација меѓу овие три институции, со цел подобро да се обезбеди комуникација и соработка. Тоа може да се направи и на неформален начин, како на пример преку месечни состаноци, на кои може да се разговара за одредени проблеми на судството или прашања од јавен интерес“, се наведува во делот на извештајот на оценската мисија“,

што го цитираше Зефиќ-Јакимовска.

Како останати аргументи на одбраната таа го наведе и тоа што иницијативата имплицира дека како присуство на седница важи само физичко присуство, како и тоа дека во Законот за Судски совет никаде не постои одредба која уредува колку неоправдани отсуства треба да има член на Советот за да се повика на одговорност поради пречекорување на овластувањата. Таа направи аналогија со Уставот во однос на пратениците во Собранието.

„На пример во Уставот постои ваква одредба за одземање на пратеничкиот мандат поради неоправдано отсуство од седници на Собранието, па се вели дека истиот може да биде одземен ако пратеникот неоправдано отсуствува шест месеци. Ваква одредба во законот за Судски совет не постои, па арбитрирано е да се зборува дека претседателот на Врховниот суд ги прекршил овластувањата“,

рече адвокатката.

Таа потенцираше дека Судскиот совет мора да има предвид дека Адеми е менаџер и раководи со највисокиот суд и оти не можат да се согласат со констатацијата со неприсуството на седницата претседателката на Врховен и понатаму не остварувала континуирана соработка со Советот.

„Не се согласуваме дека не учествувала во седниците на Советот, бидејќи остварувате континуирана соработка со претседателката на Врховниот суд во периодот. Таа ве известува за работата на Врховниот суд, доставува извештаи, доставува материјали во поглед на остварување на нејзините функции, што значи дека на овој начин ве информира за состојбите во правосудството, а особено за работата на највисокиот суд во државата. Да се вели дека со неприсуството на седниците било оневозможено функционирањето на Судскиот совет е несериозно, може да доведе до погрешен заклучок а тоа е дека Судскиот совет е неефикасно тело во периодот за кој се забележува, што е неточно. Неприсуството на Беса Адеми не било нужно за кворум за работа, за усвојување на дневниот ред, напротив како член по функција не може ниту да гласа за одредени точки на дневниот ред за наведените седници“,

истакна бранителката на Адеми. истакна адвокатката Зафиќ Јакимовска.

Тричлената Комисија известители на Судскиот совет која ја водеше денешната јавна расправа / Фото: „360 степени“

Во однос на втората основа за иницирање на постапката, интервјуто на Адеми за порталот СДК.мк. одбраната на претседателката на Врховниот суд рече за нив таа е попроблематична бидејќи со неа се врши повреда на слободата на изразување.

„На 3.11. 2023 година ден петок претседателката на Врховниот суд дава интервју за СДК.мк каде се кажа Врховниот суд бил мета на притисоци да се оживее аболицијата на (поранешниот) претседател на државата со констатација дека Врховниот суд успеал да се спротивстави на притисоците. Само неколку часа по интервјуто првично телефонски претседателката на Врховниот суд е контактирана од претседателот на Судскиот совет со барање на 6 ноември да се оствари средба во врска со написите во во медиумите. Претседателката на Врховниот суд првин телефонски го известува претседателот на Судскиот совет дека поради краткиот рок петок наспроти понеделник нема да биде во можност да присуствува, но наведува дека при средбата е пожелно да се расправа за Извештајот на Европската комисија, што значи дека дава можност за средба два дена подоцна од закажаната и истото го наведува и во писмен допис. Не можеме да се согласиме со констатацијата дека станува збор за игнорантски однос и покажана некултура бидејќи е оставена можност за да се оствари средба два дена подоцна. Подносителот на барањето не оставил можност за ваква средба затоа што на 7.11. го поднел барањето за утврдување на одговорност. Подносителот на барањето вели дека поканата била за работна средба иако во неа стои само средба која не е која не е институционалнана форма на дејствување на Судскиот совет. Не може да претставува прекршување на законот ако претседателката не се појавила само на една средба. За нас втората точка е многу проблематична. Сметаме дека главна причина за поведувањето постапка се нејзините наводи во написите за притисоци во судството. Не би сакал да верувам дека тоа е причината и го проблематизираме од аспект на слободата на изразување бидејќи претседателката на Врховниот суд со нејзиното интервју го остварува своето право уставно право и правото согласно член 10 од Европската конвенција за човекови права. Европскиот суд за човекови права им дава заштита, особено на носителите на високи функции во правосудството“,

рече Зефиќ-Јакимовска во своето обраќање, додавајќи дека членовите на Судскиот совет ќе имаат предвид при одлучувањето по иницијативата ќе имаат предвид каква порака ќе испратат до судството и судиите во земјава.

Во овој контекст, Адеми рече дека таа не исклучила работна средба и дека требало да се видат со претседателот на Судскиот совет, но ѝ било кажано од негова страна дека на колегиум на Советот се одлучило да не се остварува ваква средба.

Тензична атмосфера и закани

Инаку, атмосферата на расправата на моменти добиваше и на тензија особено по прашања што подносителот на иницијативата ги поставуваше до Адеми, од кои најголем дел беа поврзани со втората основа за кој се бара нејзината одговорност.

Едно од нив беше – дали Адеми ги пријавила притисоците до надлежните институции, односно Јавното обвинителство.

Претседателката на Врховен на ова одговори дека со институциите комуницира согласно законските одредби, на што Мустафа констатираше дека таа одбива да одговори. Во тој контекст тој потсети на високите затворски казни предвидени за непријавување на кривично дело, што од одбраната беше протолкувано како директна закана кон Адеми, со коментар дека од ова станува јасно кон што води оваа постапка.

Дополнително на ова реагираше Зефиќ-Јакимовска која рече:

„Ова се закани кон нас. Благодарам на подносителот за лекцијата по кривично право. Од каде сте толку сигурни дека притисоците не се пријавени и искомуницирани со надлежните органи и дека надлежните органи немаат поведено постапка по допрен глас. И ако е поведена постапка, таа е во предистражна постапка и таа е тајна, а сите знаеме што значи тајност на кривичната постапка“,

рече бранителката на претседателката на Врховен.

На прашањата на Мустафа таа возврати со реторички прашања за тоа дали Судскиот совет покажал интерес да одржи седници за овие наводи, како и за извештаите на Европската комисија и Оценската мисија.

„Уште едно реторичко прашање. Каква мерка како Совет презедовте кога за исти притисоци зборуваа и други судии, како и двајца членови на Судскиот совет“,

рече адвокатката, која прашана од членот на Комисијата на известители Селим Адеми на кого мисли, одговори дека мисли на поранешната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, која лани си поднесе оставка од функцијата.

Момент од денешната јавна расправа по иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд / Фото: „360 степени“

Денешната јавна расправа финишираше со завршни зборови на подносителот на иницијативата и на одбраната на претседателката на Врховниот суд, во кои тие главно се задржаа на претходно кажаното.

Миљзим Мустафа во завршните зборови побара членовите на Судскиот совет да ја разрешат Адеми, додека одбраната рече дека нивно барање е запирање на целата постапка.

„Членовите на Судскиот совет имаат историска можност да ја вратат довербата во судството и да ја поправат перцепцијата на за судството во јавноста и верувам дека ќе одлучат да ја запрат постапката против претседателката на Врховниот суд“,

рече Зефиќ-Јакимовска.

Додека таа го изговараше ова, Адеми тивко искоментира дека имаат шанса со задоволство да ја разрешат.

Претседавачот со Комисијата известители, соопшти дека тие имаат рок од 15 дена да изготват Извештај во кој ќе ги внесат сите материјали во врска со постапката и да ги достават до членовите на Судскиот совет, по што претседателот на Советот треба да закаже седница на која ќе се одлучува дали Адеми ќе биде разрешена или не.

Медиумска кампања

Судијката Беса Адеми безмалку три години е на чело на Врховниот суд. Таа има 12-годишен стаж во Судот, а на конкурсот за избор на претседател победи во конкуренција на Лидија Неделкова и Џемали Саити, кои иако беа поекспонирани во јавноста, имаат малку покус стаж во највисокиот суд.

При давањето на свечената заклетва во Судскиот совет, во март 2021 г., таа кажа дека ќе се посвети максимално на извршување на функцијата како и дека заедно со нејзините колеги ќе се обидат да ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем.

Во октомври годинава и беше домаќинка на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по што Врховниот суд со соопштение од средбата порача дека судството не смее да биде под притисок на политиката.

Медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“. Потоа, амбасадорката Агелер во изјава за ТВ Сител кажа дека мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира.

Лично претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, посочи дека постојат ситуации на мешање на политиката во судството, но нема основа за „оживување“ на аболициите на Иванов.

Прашана како изгледаат притисоците врз судството, таа вели дека секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести.

Истражувачкиот портал „Призма“, кој го издава БИРН, минатиот месец објави дека преку идентични текстови што синхронизирано и спонзорирано се објавуваа на два релативно непознати портали – redakcija.mk и desk.mk, се води црна кампања против претседателката на Врховен суд, Беса Адеми. Истражувајќи, БИРН ги доведе сајтовите во врска со функционерот од ДУИ и директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој се смета за близок до првиот вицепремиер Артан Груби.

Паралелно, Судски совет закажа работна средба со претседателката Адеми, поради нејзините наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд. Преку писмо испратено до јавноста, таа одговори дека нема да оди на средба поради претходно закажан настан и поради тоа што и претходно имало јавни изјави за притисоци врз судии, а Советот не презел ништо.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Повредени во сообраќајка во Грција ѕвонеле на 112 – помош добиле од ЦУК Струмица

Следно

Продолжен тендерот за стадионот во Тетово – во буџетот за 2024 нема средства за градење

Latest from Blog