Колкава опасност по изворот Рашче претставува јаловината од Југохром? Како да се реши децениската негрижа? Вечерва во Топ Тема дебатираат проф. Златко Илијоски и проф. Трајче Стафилов.
„Хромот во природата може да се најде во различна форма, оксидациона форма и во разни различни соединенија. Главно неговата оксидациона форма е 3+ и 6+ и затоа велиме поедноставно, старата терминологија, на тривалентен и шествалентен хром. Шествалентниот хром се наоѓа главно во соединенија коишто се најчесто застапени – хромати и бихромати, соли на хромната киселина. Другата форма е хром 3 хлорид и други соли на хром“, објасни професорот Стафилов во вечерашната Топ Тема на прашањето што е шестовалентен хром.
Тоа што, за кое што сега зборуваме, е шествалентниот хром којшто во „Југохром“ се произведувал како соединение натриум бихромат, натриум дихром хептаоксид – соединение коешто многу се користело во тој период, посебно во кожарската индустрија било побарано. А бидејќи тука е рудникот Радуша и хромна руда релативно богата имале на располагање, 1961 година отпочната е, паралелно со производството на ферохром, и со производство на бихромат. Хемиска фабрика е направена во кругот на истата фабрика и до 1993 година се произведувал бихромат, рече Стафилов.
Тој истакна дека во тој процес на производство на бихромат, сложен процес, се добивало и отпаден материјал, ’хроматна мил‘ поедноставно да кажеме, во којашто сè уште има заостанато хром во форма на бихромати и хромати.
Хроматната мил била депонирана во кругот на „Југохром“, на фабриката, и којашто во одреден период била целосно префрлена на депонијата за троска и помешана со троската од производството на ферохром. Така што тие не се одвоени, туку во депонијата се наоѓаат околу 300 илјади тони хроматна мил, од којашто само хром како вкупен хром е над 7 илјади тони. Во форма на хромати тоа би било меѓу 20 и 30 илјади тони на хромати – различни форми: калциум хромат, калциум алуминиум хромат и слични соединенија, коишто за жал се релативно лесно растворливи дури и со дождовна вода, објасни професорот.
На клучното прашање е колку е опасно по здравјето?
Границите, максимално дозволените концентрации во водите од прва и втора класа (а Вардар во тој дел е во таа класа дефиниран), се петпати пониски отколку за трета и четврта класа и тие се на ниво на вода за пиење. Ако навлезе хроматниот хром во аквиферот, значи во водната маса којашто го снабдува изворот Рашче, ако таа концентрација се зголеми на тоа ниво (а постои ризик), тогаш таа вода ќе биде забранета за вода за пиење, рече Стафилов во Топ Тема.
Тој потенцираше дека хром 6, шествалентните соединенија се многукратно потоксични од оние како тривалентниот хром.
Доведуваат до заболување на гастроинтестиналниот тракт, на многу различни други органи, до појава на рак. И хром 6 соединенијата се ставени на листата на Меѓународната агенција за рак меѓу првите такви соединенија од аспект на неоргански хемиски соединенија – после арсенот е хром 6 ставен на таа листа. Значи, ако се поголеми количествата и ако хронично се внесуваат во организмот, може да доведе до тешки заболувања коишто, ете, во крајна линија предизвикуваат и рак,“ рече поранешниот професор Стафилов во Топ Тема.
Извор: zurnal.mk


