Собранието денеска одобри прераспределба на средства меѓу буџетските корисници со кои се обезбедуваат два милиони денари за изработка на идејно решение и почнување активности за изградба на спомен обележје за починатите во пожарот во Кочани, 600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините и 242,3 милиони денари за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.
Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година, беше изгласана со 68 гласа „за“, четири „против“ и без воздржани, претходно доби поддршка и од матичната Комисија за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
Средствата со одлуката се обезбедени со кратење од Потпрограма Д5 на Владата – Привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона, каде Ставката 464 – Разни трансфери се намалува за 585.601.000 денари и од Потпрограма 60 на Министерството за економија и труд – Развој на политики од областа на трудово право, социјална заштита и вработување, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари. На сметка на се зголемуваат средствата кај Министерството за социјална политика, демографија и млади, во Потпрограма 50 – Надоместоци за социјална заштита, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 100.000.000 денари, во Министерство за образование и наука, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 361.185.000 денари, кај Министерство за спорт, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 62.416.000 денари, Финансирање на дејностите од областа на културата, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 60.000.000 денари, како и Потпрограмата 50 Заштита на културното наследство, ставка 482 Други градежни објекти за 2.000.000 денари.
Пред да биде изгласан дневниот ред, пратениците двапати беа на пауза од по еден час, на барање на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Арбана Пашоли, заменик-координатор на ПГ на Европски фронт. Јанчев побара пауза затоа што генералниот секретар на Собранието се уште не одговорил на барањето на пратеничката Јована Мојсоска од Левица за добивање информација за висината на патните трошоци и станарината што им е платена на некои пратеници. Пашоли, пак, наведе дека седницата била закажана доцна поради што побара едн час пауза за пратенците за да се запознааат со материјалите од дневниот ред.
Извор: 24vesti.mk