Скопскиот градски превоз ќе чека подобри времиња со нова локална власт?

June 19, 2024
4 mins read

„Цело време треба по саат време за еден автобус да се чека и одеднаш да се појават три. Тоа е лошо. Чекам од 10 часот, а сега е 10:40. Тоа е многу, стварно е многу“.

Вака младиот скопјанец Метин Зубери зборуваше пред камерата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за неговото искуство со јавниот градски превоз во главниот град.

„Овде нема ништо. Само скапани автобуси. Извинете, но мораме да го направиме ова како треба“, рече Евгение Пановски, уште еден скопјанец кого го затекнавме на една од автобуските станици во центарот на Скопје.

А, за да се направи како треба или барем да се подобри моменталната состојба, на хартија постојат два проекти – едниот за задолжување на Градот Скопје со 10 милиони евра за купување нови еко автобуси, а другиот за воведување на брз автобуски превоз односно т.н. систем „Бас рапид транзит“ (БРТ).

Првиот ветување на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, вториот проект започнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Двата се заглавени на иста станица – Советот на Град Скопје. Според расположението кај градски власти, малку е извесно дека до крајот на мандатот на градоначалничката и на овој состав на Советот, работите ќе се помрднат од мртва точка.

Парите на сметката на ЕБОР, провизиите сè уште не се плаќаат

Доколку се реализираа плановите за воведување на брзиот автобуски превоз, скопјани сега би ги „одбројувале“ деновите кога ќе профункционира првата линија од БРТ системот – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров бидејќи проекциите беа дека ќе се заврши до крајот 2024 година. Втората – од Бутел до Кисела Вода требаше да се завршни в година.

Проектот го промовираше ексградоначалникот Шилегов, а во април 2021 во Собранието беше изгласан и закон за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој требаше да се исплаќа во две транши. По три години, парите се нечепнати.

Во законот е предвидено дека „Република Северна Македонија ќе и плаќа на ЕБОР провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво“.

Меѓутоа, тие сè уште не се плаќаат. Според објаснувањето од Министерството за финансии, кое во име на државата го потпиша Договорот за заем од ЕБОР, Градот Скопје како имплементатор на проектот лани побарал пролонгирање на роковите за стапување на сила на Договорот и на ефективноста на заемот.

„Имено, согласно потпишаниот Договор со ЕБОР, до почнување на имплементација на проектот средствата стојат на сметка во ЕБОР, и не е повлечена ниту една транша од заемот за реализација на овој проект. Исто така и во однос на провизиите, бидејќи проектот не е со статус ефективен, односно не се преземени конкретни дејствија за негова реализација, тие не се исплаќаат“, велат од Министерството за финансии за РСЕ.

Арсовска ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за блокадата

За имплементација на проектот во ноември 2023 беше потпишан трипартитен договор меѓу Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски (МТВ) и Министерството за финансии.

Оттогаш, од МТВ посочуваат дека Градот како имплементатор на проектот до нив не поднел никакво барање за да повлече дел од парите.

Од Кабинетот на Арсовска, пак, велат дека блокадата е во Советот кој треба да даде зелено светло за имплементацијата.

„Проектот за брз автобуски превоз е заглавен во Советот на Град Скопје каде власт е мнозинството на ВМРО ДПМНЕ, односно советниците кои повеќе од една година не гласаат за имплементација на проектот како ниту за сите останати проекти за подобрување на јавниот превоз во Скопје. Истиот не може да продолжи сè додека советот на Град Скопје не донесе одлука за реализација на истиот“, велат од кабинетот на Арсовска за РСЕ.

Арсовска која дојде на власт во октомври 2021 – неколку месеци по договорот за заем во мандатот на Шилегов, стана градоначалничка со поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, патиштата им се разидоа и според расположението во советничката група на оваа партија, малку е извесно дека таа ќе ја добие нивната поддршка за да го реализира проектот. И претходно и сега, ВМРО-ДПМНЕ се противи на проектот со тврдења дека, меѓу другото, ќе се уништи средишното зеленило на булеварите каде треба да поминуваат двете линии и оти проблем е што се предвидува БРТ да поминува над главната водоводна цевка на „Партизанска“.

Имплементација на проектот како точка ќе се најде на дневен ред и на денешната седница на Советот, но исходот се чини однапред познат. Досега, таа над десет пати беше ставена на гласање.

Во советничката група на СДСМ, која го поддржува проектот, се песимисти дека нешто ќе се промени до крајот на мандатот.

„(ВМРО-ДПМНЕ) Ниту ја гласаат одлуката со која имплементацијата на проектот за БРТ треба да продолжи, ниту образложуваат зошто … Точката на дневен ред на седниците на Советот е ставена 10-тина пати. И со вакво мнозинство мала е веројатноста дека нешто ќе се смени до крајот на мандатот, ако се земе во обѕир дека ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа ни сопствените проекти од програмата за Модерно Скопје со која настапија на изборите во 2021 година“, вели за РСЕ советничката од СДСМ, Љубица Јанчева.

Еко автобуси – со кои пари да се платат?

А, 20-тина пати, пак, досега неуспешно се гласаше и за набавка на нови еко-автобуси за градскиот превоз. Арсовска предлага тоа да се направи преку задолжување од 10 милиони евра кај некоја од домашните банки.

Претседателот на Советот, Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, во разговор со РСЕ, пак, прашува зошто градоначалничката кога веќе не успева да обезбеди поддршка од нив како советници, не предвиди купување нови автобуси во градскиот буџет.

Но, од нејзиниот кабинет велат дека како и сите општини поради ниското ниво на децентрализација имаат ограничен буџет и затоа праксата и во минатото била парите за инвестиции со позначајни суми да се обезбедуваат преку задолжувања и кредити.

„Тоа беше случај и со претходната набавка на автобуси во 2019 година или со финансирање од страна на централната власт која располага со државниот буџет. Доколку Советот не изгласа обнова на возниот парк, го изложува јавниот превоз на ризик да поради дотрајаност не биде во можност да ја испорача услугата до граѓаните, што е и сè почесто случај поради честите дефекти на автобусите кои се амортизирани“, велат од кабинетот на Арсовска.

Последната седница кога и точката за БРТ и таа за еко-автобуси се најдоа пред Советот на Град Скопје се одржа на 30 мај. По низата неуспешни обиди да се изгласаат, Славевски тогаш соопшти дека Комисијата за прописи му предложила повеќе воопшто да не се ставаат на дневен ред.

„Не знам од која причина не ја прифатив оваа сугестија, а можеби и требаше“, рече Славевски.

Расправата и гласањето за овие точки поврзани со јавниот градски превоз во Скопје, тој ја заокружи и со една дефиниција.

„Има една дефиниција на зборот лудило. Јас ќе ја кажам затоа што таква атмосфера овде почувствував. Тоа е кога одново и одново и одново правите една иста работа, а очекува различен резултат“, рече Славевски.

Следните локални избори во Северна Македонија, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Туркије и Ерменија ја потврдија посветеноста кон нормализација на односите

Следно

Мечка усмртена од возило на патот Гостивар-Охрид

Latest from Blog

Има ли надеж шесте еко автобуси на ЕУ да ги „повлечат“ ветените 250?

Во јавниот градски превоз во главниот град следната недела треба да се вклучат шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вчера ги доби преку проект од

Мицкоски: Нашата визија е јасна- сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност

Денес зборуваме за една важна тема која со годините многу малку била предмет на една темелна- студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките

„Знам дека ме има, според нападите со кои работат да ме снема“: Шест години без македонскиот горостас Горан Стефановски

„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо) „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде

„6-та мајка“ на бугарскиот Парламент да избере претседател

Пратениците во бугарскиот Парламент денеска ќе направат шести обид да изберат претседател на 51-то Народно собрание откако не успеаја минатата недела за нов избор. Новоизбраните пратеници положија заклетва на 11 ноември, но

Повеќе од 40.000 луѓе го напуштија главниот град на Хаити во изминатите 10 дена поради насилство на бандите

Повеќе од 40.000 луѓе го напуштија главниот град на Хаити, Порт о Пренс во изминатите 10 дена поради ново избивање на насилство од вооружени банди, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Канцеларијата
Go toTop