Во моментов актуелни се резултатите од пописот во Албанија и според нив бројот на попишани Бугари е околу 8 илјади, за разлика од Македонци кои се околу 2 300. Ако се земат предвид резултатите од претходниот попис во 2011 година имало околу 5 500 Македонци можно ли е да настанат такви промени во периодот меѓу двата пописа во Албанија?
Секаде во светот во земјите во кои се прибира податок за етничката припадност овој податок мора да биде израз на слободна волја на тој кој што го дава податокот. И тврдам бидејќи бев во тек со сите подготовки на пописот во Албанија дека тоа не е дозволено, освен во некои инцидентни случаи ако се случат во кои се реагира и би се реагирало. Значи тоа е реална состојба на изјаснување на овие луѓе. Во овој случај не можеме да ја обвиниме институцијата Институт за статистика на Албанија.
Вие разговаравте со вашите колеги за она што се случуваше?
Ние постојано бевме во контакт и тие не го очекуваа ова. Макар што јас на некој начин го очекував. Проблем беше друго. Што во тој период пред пописот кога се најави, имаше многу интензивна, како да кажам многу јака активност на бугарската држава да агитираат, купуваат, даваат можности за државјанство кои за жал од економски причини, а пред се поради желбата да се оди надвор од државата и да се има пасош кој нема да прави проблеми, многу луѓе го прифатија тој предизвик. Меѓутоа не можеме ние да ја обвиниме државата Албанија за тоа. Можеби можеме да ја обвиниме за тоа што дозволила таков притисок. Но, тоа е веќе политика и јас не би можел да се мешам во тој дел.
Сепак дали се работи за еден вид инженеринг?
Да се разбереме, тоа се случуваше и овде. И во државава многу луѓе за време на пописот кои имаат бугарски државјанства, барем според моите информации од поединци дека ако не се пријават на пописот како Бугари ќе им го прекинат државјанството. Иако ниту една држава во светот, ви тврдам нема право да даде таков податок, никако.
Здруженијата на Македонци бараат да се повтори целата операција. Возможно ли е ова да се случи, баш поради тоа што не веруваат во добиените податоци?
Ако се сеќавате добро ние го повторивме пописот во 1991 година, имавме уште еден попис во 94 – та година бидејќи во претходниот поголемиот дел од албанската популација го бојкотираше. Тогаш немавме можности како сега што имаме преку регистри да ги прибереме тие податоци и го повторивме. Меѓутоа сега тоа е одлука на албанската Влада.
Тоа значи дека Албанија доколку сака го повтори, бидејќи од друга страна и таа би требало да има интерес да ја има реалната слика?
Знаете но тоа се прескапи операции. Но она што сум сигурен и не можам да ги обвинам моите колеги во Албанија дека по правилата, методолошките решенија, сите стандарди кои се ставен а ги знам сите до еден, дека некој од нив влијаел на податоците. Тоа сепак е исклучително лично изјаснување. Вие не можете некого со сила да го натерате, ама чекајте до сега немало Бугари и не смеете да се изјасните така.
Колку ова е реална слика на демографските движења, колку реално може да има Бугари во Албанија, а помалку Македонци ако се знае дека соседна земја на Албанија е Северна Македонија?
Многу е релативна таа работа бидејќи и во Албанија е случај да се меша населението. Да можеби некогаш постоела поголема македонска популација, Грците велат дека имало грчка има и сега, меѓутоа луѓето се мешаат. Има мешани бракови и децата таму се раѓаат, таму растат и тие сами го избираат својот етникум. Според податоците од пописот мислам дека околу 6 илјади беа Македонци пријавени, па ако ги собереме сега овие 8 илјади и 2 илјади кои се пријавени се 10 илјади. Што значи дека некои 4 илјади нови има пријавено. Сигурно ова има влијание и кај населението кое би се изјаснило како Албанци. Но и кај оние како Власи, или Грци, кои успеале да бидат купени на некој начин од страна на бугарската политика.
Кои се вашите информации во однос на пописот на Косово. И таму може да се види дека сега се појавува поголем број на Бугари иако податоците се уште не се официјални?
Нашите колеги од Косово објавија податок на попишано население. Не објавија други податоци, туку само првичните кои сигурно ќе претрпат корекции. Но во северно Косово имаше бојкот, така што колку ќе бидат овие податоци релевантни, тоа не знам.
Но луѓе веќе сведочат дека тие само се изјасниле како Бугари, а не се чувствуваат така?
Ништо чудно и тоа да се случува. Многу е интензивна таа пропаганда, која што не носи добро никому. За жал се случува и за жал многу луѓе пред се од економски, но понекогаш и од лукративни причини го прифаќаат. А тука не можеме да се мешаме, сепак тоа е многу лично. Она што мене лично нај повеќе ми пречи истите тие луѓе се појавуваат како најголеми бранители на националното чувство, а го сториле спротивното.
Што се однесува до балансерот, вие се спротивставивте по поисот, а сега владата најави дека се укинува?
Балансерот е политичка алатка, а јас избегнувам политички изјави сакам да се држам до стручноста. Но јас излегов во јавноста, за жал можеби единствен бев, и реков дека се злоупотребуваат податоците од пописот бидејќи релевантни податоци за структурата на населението се податоците за резидентното население. Ние направивме обид да добиеме што повеќе информации за нашето население кои не живее во државата, но тие се нерезидентно население. Таму останаа околу 450 илјади кои што не беа опфатени. За жал остана само мојата интервенција и не се промени ништо.
Извор: Радио Слободна Европа