Со свечена заклетва во Собранието во која употребуваше „Македонија“ за државата наместо уставното име Северна Македонија, со говор што го посвети на жените и со ветување дека ќе биде претседателка на сите граѓани, универзитетската професорка Гордана Сиљановска-Давкова од денеска го почна мандатот како претседателка на државата, по победата на претседателските избори на 8 мај.
Во обраќањето на пратениците, Сиљановска-Давкова повика на единство за кое рече дека „никогаш не ни било потребно повеќе“.
„Време е за единство и затоа реков ќе им се обратам на жените. Бидејќи единството може да значи и женска филозофија, женска автентичност – бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се сите останати“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа пред пратениците вети дека ќе биде претседателка на сите.
„Ќе го почитувам овој Парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги паметам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив, ниту по етничка, по верска, по полова, ниту по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови“, рече Сиљановска-Давкова.
По обраќањето во Собранието, новата претседателка на Северна Македонија се упати во „Вила Водно“, каде беше пречекана со највисоки воени и државни почести. Тука беше направено примопредавање на функцијата со досегашниот претседател Стево Пендаровски.
Пораки до пратениците
Сиљановска-Давкова побара од пратениците да имаат разбирање за нејзините обраќања, за нејзино евентуално вето, за нејзините предлози за нејзината меритократија во надворешната политика.
„Во ова собрание, јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето, дека преку обраќањето ќе може да направиме некои корекции. Кога ќе именувам или предлагам, ќе ги ценам стручноста и компетентност. И на крајот, владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа ги повика „пратениците-витези“ да им помогнат на жените да го изразат тоа што го имаат а што не можеле досега.
„Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија како што јас сум на мојот народ. Така ќе помогнеме и да се европеизираме и да ги надминеме балканските делби и поделби“, рече новата претседателка на Северна Македонија.
Пораки до Мицкоски и до Ковачевски
Сиљановска-Давкова и во обраќањето кажа дека не можела да замисли оти ќе добие ваква доверба од повеќе од 560.000 граѓани.
„Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа е Христијан Мицкоски (претседателот на ВМРО-ДПМНЕ) а јас одговарав дека не е можно. До 2019 година, јас Мицкоски го имав видено само еднаш на телевизиските екрани“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа го спомна и Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ.
„И тој се одважи да ми се јави и да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие мажите политичари и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите“, рече Сиљановска-Давкова.
Додаде дека првите честитки и престигнале од жени на функции од светот, а роденденот го поминала во друштво на амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Грчката амбасадорка Филипиду ja напушти инаугуративната седница
Токму поради неупотребата на името Северна Македонија, туку само Македонија, од страна на Сиљановска-Давкова, грчката амбасадорка Софија Филипиду, која ја следеше седницата, ја напушти пленарната сала, во знак на протест.
Информацијата која подоцна беше потврдена, прв ја објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на платформата „Икс“.
Инаку Сиљановска-Давкова во изборната програма и во предизборните настапи повторуваше дека при обраќањата и именувањето на државата, нема да ја користи придавката „северна“.
Собранието треба да се конституира најдоцна до 28 мај
По инаугурацијата на Сиљановска-Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.
Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом.
Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер.
Претседател на новиот параментарен состав се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. „Пржински договор“ за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.
На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.
Гордана Сиљановска – Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.
Извор: Радио Слободна Европа