Сиљановска Давкова на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња: Мора да се справуваме со корените, а не со последиците

December 10, 2024
7 mins read

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“, што во организација на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Македонското женско лоби и Клубот на пратенички, а во соработка со Европското женско лоби се одржа во Собранието.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Во рамките на 16 дена активизам против насилството врз жените и девојките, ќе се обидам да го кажам она што не сум го кажала. Прво, се работи за злосторство што ги надминува границите, културите и социо-економскиот статус и бара обединета акција. Повторувам, крајно време е да ја оспориме неправдата и да покажеме дека безбедноста и достоинството на жените и девојчињата не е привилегија, туку е човеково право и дека заслужува почит.

Од агендата гледам дека ќе има излагања по конкретни прашања: од европските практики и добри практики до улогата на полицијата, судскиот систем, згрижувањето на жртвите од насилството, и се разбира, компаративен преглед на насилството по ратификацијата на Истанбулската конвенција. Тоа Вие ќе го направите подобро од мене, но јас само ќе го потенцирам податокот дека една од три жени ширум светот доживеала физичко или сексуално насилство и дека сајбер насилството е во опасен пораст, а не во пад, што е најголемо предупредување. Но, најважното, отворено ќе кажам, мислам дека е тоа што проблемот не е национален, ниту регионален, туку светски. Сведоци сме на војни. Главни жртви во војните, оние што мируваат, оние што се одвиваат или тие што се разгоруваат, се жените и девојките. Тоа е неспорен факт. Сите истражувања покажуваат дека во време на конфликт ризикот за насилство врз жените се удвостручува, па дури и дека за време на конфликтите жените и девојчињата се објекти, а не субјекти и дека се инструментализираат. Ова се однесува и на дигиталните платформи за кои ние верувавме и сè уште веруваме дека во одреден степен може да бидат трансформативни, меѓутоа тие се плодна почва за подгревање на насилството, за злоупотреба, за вознемирување, за експлоатација. Зошто го велам ова? Затоа што кога една од три жени доживеала физичко или сексуално насилство, тоа не е статистика, тоа не се бројки, тоа се лични приказни, тоа се животни приказни, загрозен живот. Затоа е важно да не се толерира, туку да се води битка, не само правна, туку реална битка. Да не оставиме во ниту еден закон правна празнина што може поинаку да се интерпретира. Тоа го видовме и кај фемицидот. Се фалевме со право дека имаме такво дело, но гледате во судската пракса тоа се трансформира во некои други дела. Значи, не е доволно да донесете закон,  најважно е да има одговорност на сторителите. Нам не ни е доволна само емпатијата, туку ни се потребни засолништа, правна помош, психосоцијална поддршка. Зошто? За да можат, за жал, преживеаните да продолжат да живеат, да си го воспостават својот живот. За жал, сè уште постојат многу стереотипи, па потребно е од градинка да ги учиме децата на меѓусебна почит и на ненасилство, на мировна филозофија, на решавање на проблемите со зборови и дијалог, со учење и со дела, со поттикнување на мирот.  На крајот ќе кажам нешто за состојбите во парламентот. Нужно е да ги интегрираме родовите перспективи во секоја работа, родовата еднаквост не е апстрактен идеал, туку е фундаментална претпоставка за одржлива безбедност. Во оваа насока мислам дека е важно да истакнам дека кога се работи за меѓународни функции како онаа во НАТО, нема партиска и политичка логика, има одбрана на државните, националните и регионалните интереси. Ретко се случува да има жена на позицијата заменик-генерален секретар на НАТО. Но, да не заборавиме дека генерален секретар на НАТО и заменик генерален секретар на НАТО не се станува само и единствено заради личните способности. За тоа е потребно лобирање и поддршка. Да потенцирам дека не се случило генералниот секретар и заменикот да бидат од иста партиска фамилија или групација. Требаше да се обединат сите сили зтоа што се работи за избор не само важен за НАТО, туку и за мирот. Во оваа насока очекувам помош од заменик-генералната секретарка на НАТО во лобирањето за формирање на регионален центар на НАТО за извонредност на жените токму во Македонија. Мислам дека тоа го заслужуваме и можеме да се залагаме за него. Да не се чудиме на порастот на насилството врз жените и девојчињата. Сведоци сме на насилство на држава врз држава, нација врз нација, значи припадници на една етничка и верска заедница врз други етнички и верски заедници. Не смееме да ја прифатиме логиката на војната, оти нејзини најчести жртви се  жените и девојките. Да го кренеме гласот против. Ме боли ваквата состојба и никој не е невин, оти некој со чинење, други со нечинење и набљудување, се виновни. Да потсетам, Европската Унија односно Европската заедница настана како мировен проект, а се случува војна. Обединетите нации догодина ќе слават 80 години. И тие настанаа како мировен проект и добија Нобелова награда за мир, а се случува војна. Единственото место каде што треба да се решаваат конфликтите е Њујорк и Обединетите Нации. Истото важи и за Европската Унија. Ние мора да ги превенираме конфликтите, мора да делуваме екс анте пред да се случи војната, а не пост фестум како секогаш. Ако основачите на Европската заедница, Конрад Аденауер, Шуман, Де Гаспери, биле заколнати миротворци, не смееше да дозволиме да се случи војна, оти Украина и Русија се европски држави, а војуваат. Она што се случува на Блискиот Исток, она што секој ден го гледаме е нешто што човештвото не смее да си го дозволи. Да не се чудиме на зголеменото насилство, оти за жал, светот е во војна, а најчестите жртвите се однапред познати. Добро е што жена е заменик генерална секретарка на НАТО, оти тоа е важна порака. Што се однесува до заклучоците од минатиот пратенички состав на истава тема, мислам дека нема многу што ново да се додаде. Застапеноста на жените на највисоките функции сама по себе ја зајакнува позицијата на жените зашто овозможува идентификација со нив. Тогаш вештачка поделба на послаб и посилен пол ја снемува. Тоа придонесува за женската самосвест, за женското самоослободување бидејќи ако може Гордана Сиљановска-Давкова да биде претседателка зошто не би биле и ние – размислуваат девојчињата. Истово важи и за статусот потпретседателка на Собрание, а треба да важи и за идна претседателка на Собрание или на Влада. Женскара сигурност тогаш е можна, значи имаме недовршени работи. Жал ми е што претходниот состав не го измени Изборниот законик. Ја гледам пред мене иницијаторката на амандманот, госпоѓа Савка Тодоровска. По мене, треба да се следи ритамот на природата, совршениот креатор на односот 50:50. Во кусото време на претседателствување јас го применувам тој принцип. Во Комисијата за помилување, за првпат во историјата има повеќе жени, а во Советот за млади паритетна застапеност. За првпат Ромите имаат свој претставник во Комисијата за помилување и во Советот за млади. Исто така, за првпат по 30 години првиот и вториот човек на Агенцијата за разузнавање се жени. Замислете, по 30 години мажи на чело на агенцијата сега некои мажи биле дискриминирани по пол и по политичка припадност, па се растрчаа да покренуваат постапки пред Комисијата за превенција и заштита од дискриминација, пред Управниот суд, па дури и пред Уставениот суд. Неверојатно е 30 години да немало дискриминација на жените, бидејќи немале ни шанса да помислат на таква функција, а сега одеднаш да има дискриминација на мажите. Тоа говори за нешто длабоко вкоренето, за недовршена еманципација на мажите како луѓе. Повикувањето на начелото на паритетот во изботите бара да преоцениме кој бил поактивен и проективен во Собранието, мажите или жените пратенички. Јас тврдам дека во историјата на Собранието се паметат повеќе жени одошто мажи, по заложбите, по работата и по резултатите. Навистина нешто треба да се стори, на потег сте вие – жените.

Кога реков дека сајбер насилството е во огромен подем, неколку збора зошто е така. Живееме во ера на видеократија, на спектакл демократија, ,,се случува” само она што сме го виделе, прочитале, чуле на мрежите, а не она што се случило во реалноста. Постои хронична зависност од видеократијата и од спектакл демократијата која е видлива не само за време на изборите, туку постојано, а најголеми зависници се младите. Дури и најчести видеоигри се воени игри, па ненормалното војната е ,,нормално”, а нормалното мирот е ,,ненормално”. Воената политика станува продолжение на мировната.

Мора да се справуваме со корените, а не со последиците. Уште во градинка и во основно училиште, треба да градиме критички однос кај учениците кон носителите на моќта: кон учителите и учителките. Важно е да кажат кога некој ќе ги повреди, навреди. Мора да зборуваме за потребата од збогување со оружјето, што би рекол Хемингвеј. Треба да шириме мировна филозофија, ако сакаме да израснеме миротворци, а не воини.

Зошто е сајбер насилството тешко за откривање и санкционирање? Луѓето се Јанус со две лица. Кога не може да ги идентификувате, а најчесто се неидентификувани на мрежите, тие се страотно ,,силни” до бизарност. Кога ќе имате средба лице в лице како да не се истите личности. Мора да се справиме со токсичноста, со офанзивноста и со агресивноста кон жените и кон девојчињата. Во прашање се длабоки машки фрустрации. Жал ми е кога и во Собранието ги гледаме. Во овој дом, треба да ги потсетувате колегите на уставните одредби со кои се гарантира заштита на дигнитетот и интегритетот што значи и дигнитетот и интегритетот на жените, како физичкиот, така и моралниот. Да слушате пратеници како се занимаваат со мајките и сестрите  на сексистички и бизарен начин е неодржливо. Знам дека се заштитени со материјалниот имунитет и можат да кажат што сакаат, но тие се најповикани да шират мировна филозофија, оти не се дебатира со пушки и со сила, со грди и навредливи зборови, со говор на омраза. Не. Тоа открива длабоки фрустрации, да не речам сексуални, оти кога велат мајката, сестрата и слично пораката е дека нема љубов во тој однос, туку повреда и навреда. Кога зборувам за сексуално образование најпрво го перцепирам како потреба да им се објасни на најмладите дека сексот не е гимнастика, туку согласност на партнерите, дека е врзан за почитување и љубов, дека децата се резултат на љубовна игра. Ако се вели ,,мајка ти и сестра ти да ги…” пораката е дека намерата е да се навредат иако без нив нема живот.  Да информирам дека има парламенти каде што за вакви дела и зборови, материјалниот имунитет не важи и може да се одземе. Во нашиот парламент има етички кодекс, но нема комисија за етика, но може да се постапува во ваквите случаи. Крајно време е да поднесете една иницијатива пред надлежната комисија (Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања) против колегите кои поттикнуваат полово насилство. Мажите и младите се идентивикуваат со пратениците кои поттикнуваат насилство кон жените, кон сестрите и кон мајките. Да не се чудиме зошто по мрежите се шири сајбер насилството. Опасно е за момчиња и за мажите инспирација да бидат личности кои во парламентот стимулираат употреба на насилство.

ИЗВОР: ТВ 21

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди го изгласаа Буџетот за 2025 година, тежи 6,5 милјарди евра

Следно

Мицкоски: Фантом фирми црпеле од буџетот, на тоа се става крај, за прв пат во октомври имаме суфицит во буџетот, притоа зголемени плати и пензии

Latest from Blog

Подготвителната седница за јазиците ќе се одржи на 20 март

На денешниот работен состанок на Уставниот суд беше договорено подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците да се одржи на 20 март 2025 година. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави

Приватните превозници ќе добијат зголемување од 20 денари по изминат километар

Со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, Советот на Град Скопје доцна вечерва ја усвои Одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на

Швајцарска олимпијка загина во лавина, 10 дена по нејзиниот роденден

Швајцарската сноубордерка Софи Хедигер, која има два подиуми во Светскиот куп и се натпреваруваше на Олимпијадата во 2022 година, загина во лавина во понеделникот во Ароса, источна Швајцарија, соопшти денеска Швајцарската скијачка

Мицкоски ќе присуствува на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на пат кон манастирот „Пеленица“

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода. Предвидено е изјава за медиуми да даде

Апел за помош: Се бара Злата Јанкова која последен пат е видена пред шест месеци

Се бара Злата Јанкова која последен пат е видена на 16.06 во 15 часот во селото Орел, општина Свети Николе. „Ги замолуваме сите кои имаат било какви информации за нејзината местоположба да контактираат
Go toTop