Сиљановска Давкова: Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние треба да се бориме против неправдите на нашето време

October 11, 2024
3 mins read

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. 

Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни.

„Во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.

Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато.

Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.

Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме.

Како партизанска ќерка многу добро знам дека мојот татко и неговите соборци, во нерамната борба со фашистичкиот окупатор имале две оружја. Првото била пушката. Второто било песната. Некои од најважните битки во народноослободителната војна биле добиени со револуционерните песни што им давале храброст на борците да ја окрупнуваат слободната територија, да го изодат Февруарскиот поход и да ја создадат асномска Македонија. Една од најпопуларните била токму песната што беше изведена на почетокот на денешново чествување.

Напишана од Владо Малески и прв пат испеана во Струга на преминот од 1941-та кон 1942-та година, „Денес над Македонија се раѓа“ ја симболизира незапирливата борба за правда, го опева континуитетот со Илинден и ја навестува слободата на Македонија.

Но, во македонската химна е впишано и едно предупредување. Дали некогаш сте се запрашале зошто текстот на химната е испеан во сегашно, наместо во минато време? Зошто, по АСНОМ ние не пееме дека над Македонија веќе се родило новото сонце на слободата, дека Македонците веќе се избориле за своите правдини? Зошто, и по 8 септември 1991-та, македонската химна се уште е во сегашно, а не во минато време?

Верувам дека тоа делумно се должи на самата природа на слободата и правдата. Секоја нова генерација се соочува со нови предизвици и мора одново да се избори за овие врвни вредности, да ги интернализира. Секоја нова генерација, вклучително и нашава, треба да даде своја жртва за слободата и за правдата, затоа што само жртвата нè освестува за нивната вредност. А најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност – луѓето, политичките лидери, избрани од македонските граѓани да ги застапуваат, да ги претставуваат и со својот личен пример, да се борат за државните интереси.

Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време, против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. Треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на нашата европска интеграција, но и против обидите за кривотворење на нашата историја и бришење на нашата колективна меморија. Ние мора постојано, секојдневно да се бориме за слободата и за правдата, бидејќи народот што не се бори, однапред изгубил.

Секогаш кога ја пееме македонската химна, ние правиме мал чекор кон истиснување на себичното ЈАС и МОЕ, за да направиме повеќе место за алтруистичкото НИЕ и НАШЕ, за македонската држава како наше општо добро, за јавниот интерес што ги надминува тесните лични, партиски, и други интереси.

Само ако Македонија ја градиме како пристојно место за живеење на сите нејзини граѓани, ќе можеме со право да кажеме, да пееме дека навистина, таа е слободна и дека слободно живее.

Нека ни е за многу години 11 Октомври – Денот на Народното востание! Нека ни е вековита македонската држава! – изјави Давкова.

ИЗВОР: ТВ 21

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Сиљановска Давкова: Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа

Следно

ПЕТ центар: По повод месецот на борба против рак на дојка за првпат во неработни денови отвораме нови термини на 11-ти и 23-ти Октомври за да ја доближуваме дијагностиката за пациентките

Latest from Blog

Стојаноски: Со власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ растат платите во образование, здравство, полиција, армијата и администрацијата

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски го пофали договорот на Владата за покачување на платите во здравството, бидејќи како што вели тој, сега Владата има слух за

Градинката во Арачиново никако да се отвори, Ибрахими го обвинува Лимани, Лимани, пак, министерството за финансии

Никако да се отвори градинката во Арачиново иако објектот веќе подолго време е готов. Родителите мораат да трошат пари и да ги носат децата во поблиските градинки во градот. Но каде е

„16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“: Се’ помал процент од сторителите се соочуваат со казна затвор

Во рамките на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство, денеска во Скопје се одржа централен настан „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“, Кампањата која започнала пред

Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека е уапсена 13. осомничена за уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград. – Вишото јавно обвинителство
Go toTop