Еден од најголемите проблеми на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во излегувањето од војната со Иран се претходните, досегашни списоци на апсолутистички цели што ги поставиле Трамп и неговиот тим за војната, според анализата на CNN.
Како што наведува CNN во анализата, политичките критериуми на Белата куќа постојано се менуваат кога станува збор за Иран.

Воените цели на САД вклучуваа целосна иранска капитулација, промена на режимот, целосна денуклеаризација на Иран и крај на иранската поддршка за проиранските милитантни фракции на Блискиот Исток, како што е Хезболах.
Со оглед на тоа што војната се влечеше и влезе во шестиот месец, овој список на цели на администрацијата на Трамп значително се промени и се намали, а ова неодамна го потврди и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, алудирајќи дека администрацијата можеби е подготвена да се задоволи со помали, можеби дури и значително помали резултати, според анализата на CNN.
Во гостување на Фокс њуз, Џ.Д. Венс зборуваше само за две од основните цели на Америка во војната со Иран.
„Првото е да се осигураме дека земјите од Заливот ќе продолжат да снабдуваат глобална нафта и гас, така што ќе имаме стабилност на цените на енергијата. Тоа е цел број еден: да ги одржиме нафтата и гасот евтини за Американците низ целата наша земја“, рече Венс, додавајќи дека цел број два е да се осигураме дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје.
Замолена да ги коментира изјавите на Венс за Фокс њуз, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека „двете цели се подеднакво важни за претседателот Трамп“.
За американската администрација, примарна загриженост отсекогаш била Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје, и ако целите презентирани од Венс се навистина подеднакво важни за администрацијата, тоа би била значајна промена и поместување, според Си-Ен-Ен.
Сепак, уште во мај, Трамп експлицитно го отфрли прашањето за малопродажните цени на нафтата и гасот во Америка како главна цел на неговата администрација.
Кога беше прашан дали ја зема предвид финансиската состојба на Американците додека се обидува да ја реши војната во Иран, Трамп одговори – „воопшто не“ и повтори дека денуклеаризацијата на Иран е толку важна што не зема предвид ништо друго.
Трамп го повтори овој став во петокот, велејќи дека „никогаш нема да се извини“ за тоа што Американците плаќаат малку повеќе за гас, со оглед на влоговите во Иран.
Сепак, инсистирањето на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс за ниски цени на гасот се чини дека е најновиот знак за омекнување на американските цели, додека администрацијата се подготвува за крај на војната, што ќе биде далеку под првичните намери и очекувања на Трамп.
Во текот на изминатите два месеци, Трамп имплицитно навести дека можеби ќе ги намали своите нуклеарни барања кон Иран, дури и наведувајќи дека Иран веќе се денуклеаризирал.

Со други зборови, Трамп звучеше како некој што знае дека можеби нема да може да го принуди Иран да прифати рестриктивен нуклеарен договор.
Фактот дека американската администрација зборува за цените на енергијата како „цел број еден“ иако самиот Трамп не го прави тоа, совршено се вклопува со идејата за прогресивно дистанцирање на Вашингтон од цврстите и непоколебливи цели што администрацијата ги постави на почетокот на војната со Иран, според CNN.
Ако враќањето на предвоениот статус кво е навистина примарна цел на Белата куќа во овој момент, тоа многу кажува за тоа колку малку постигнал Трамп со војната во Иран, заклучува анализата на Си-Ен-Ен.
Извор: vecer.mk

