Обуката, според Си-ен-ен, нема да се одвива во Соединетите Американски Држави, туку таа ќе се спроведува во Европа. Сепак, како што се наведува околу новиот развој на настаните, во обуката ќе учествуваат и американски пилоти
Американскиот претседател Џо Бајден на лидерите на самитот Г-7 кој се одржува во Хирошима, Јапонија им рекол дека Вашингтон ќе ги поддржи заедничките напори на сојузниците за обука на украински пилоти за борбените авиони Ф-16, објави денеска Си-ен-ен, цитирајќи висок американски функционер.
Обуката, според Си-ен-ен, нема да се одвива во Соединетите Американски Држави, туку таа ќе се спроведува во Европа. Сепак, како што се наведува околу новиот развој на настаните, во обуката ќе учествуваат и американски пилоти.
„Како што обуката ќе се одржува во текот на следните месеци, нашата коалиција на земји кои учествуваат во овој напор ќе одлучи кога всушност ќе обезбеди авиони, колку ќе обезбедиме и кој ќе ги обезбеди“,
вели неименуваниот висок функционер на САД за американската телевизија.
Официјалниот претставник додал дека „до денес, Соединетите Држави и нашите сојузници и партнери се фокусирани на обезбедување на Украина со огромно количество на системи, оружје и обука што ѝ се потребни за изведување офанзивни операции оваа пролет и лето“.
„Дискусиите за подобрување на украинските воздухопловни сили ја одразуваат нашата долгорочна посветеност на самоодбраната на Украина“,
рекол тој.
Во март, двајца украински пилоти ја посетија американската воздушна база во Тусон, Аризона за евалуација, каде што користеа симулатори за летање. За обука на пилотите, Конгресот издвои средства од буџетот за 2023 година.
Вчера Си-ен-ен, повикувајќи се на извори запознаени со дискусиите, објави дека администрацијата на Бајден им укажала на европските сојузници дека САД ќе им дозволат да извезуваат борбени авиони Ф-16 во Украина.
Во средата британската влада објави дека премиерот на земјата Риши Сунак и и неговиот холандски колега Марк Руте се договориле да формираат меѓународна коалиција за да ѝ помогнат на Украина во набавката на борбени авиони Ф-16.
Соопштението на Даунинг стрит уследи по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Велика Британија. Тој навести дека Киев наскоро би можел да добие борбени авиони Ф-16 и рече дека се надева на многу важни одлуки на оваа тема со британска помош.
Украина веќе некое време бара да ги добие овие авиони за да ги зголеми своите капацитетите на своето воено воздухопловство.
Борбените авиони Ф-16 ги произведува американската компанија „Локхид Мартин“ во Јужна Каролина. Администрацијата на Белата куќа покажуваше воздржаност околу барањата на Украина за испорака на борбените авиони, а дека нема промена во ставот на САД по ова прашање пред четири дена на прес-конференција потврди и портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби
Извор: 360stepeni.mk