Што значи да си Зборец – и зошто тоа му е потребно на живиот македонски јазик?

May 5, 2025
11 mins read

Јазикот не е само средство за комуникација – тој е мост помеѓу минатото и иднината, а 5 мај не е само датум во календарот – тој е симбол на една од најважните победи за македонската културна самобитност. На овој ден во 1945 година, тогашната влада на Народна Република Македонија го усвои првиот современ правопис на македонскиот јазик, со што тој официјално стана службен јазик и темел на институционалниот и културниот развој на новоформираната република.

Во повеќе од осум децении што следеа, македонскиот јазик минуваше низ многу предизвици – од политички притисоци и негирања, до внатрешни процеси на ерозија како и занемарување во образованието. Денес, во време на дигитални медиуми, миграции и глобализација, прашањето како да се зачува и унапреди јазикот станува уште поитно.

И токму во ваков контекст се појавуваат иницијативи како Зборци – неформална платформа која со креативен и лингвистички пристап се залага за збогатување на македонскиот јазик. Основана од ентузијасти како Игор Антов и Виктор Бучковски, иницијативата има за цел да ги охрабри граѓаните да размислуваат за својот јазик не само како за наследство, туку и како за жива алатка што постојано се гради, обликува и обновува.

„Зборци“ се залагаат за отворање на македонскиот јазик кон нови зборови и изрази, користејќи ги социјалните мрежи како главна платформа за промоција. Организираат панел-дискусии, креираат лексички предлози, а од оваа година го започнаа и првиот избор за „Збор на годината“ – обид да се создаде јавно внимание околу еволуцијата на јазикот и неговото значење во секојдневниот живот.

Еден од основачите на оваа иницијатива е Виктор Бучковски, и еден од гласните поборници за современо, динамично и инклузивно разбирање на јазикот. Во разговорот што следува, зборуваме за тоа како настанаа „Зборци“, зошто новите зборови се важни, и како јазикот може да се гледа како жив организам што постојано се менува – но само ако ние му дозволиме. Иако тој по професија е правник сепак вели декасекој кој го говори македонскиот јазик е дел од неговата приказна и треба да најде начин како да придонесува за него.

Рацин: Како би го опишале македонскиот јазик?

Бучковски: Кога сум заљубен, тој е најљубовниот јазик, кога сум среќен, најсреќниот јазик, кога сум тажен, најтажниот, кога сме весели, највеселиот.. Јазикот сме ние, тој е нас, обликоменлив и прекрасен.

Рацин: Кој е вашиот омилен македонски збор?

Бучковски: Егоцентрично, просторитет. Се шегувам, немам омилен збор, секој збор своја приказна, своја вистина, свој агол и ново губење или наоѓање.

Рацин.мк: Колку често учите нов македонски збор?
Бучковки:
Откако почнавме со Зборци, речиси секојдневно учам нови зборови. Понекогаш некој ќе ни ги прати директно на профилот, понекогаш некој што ќе ме сретне ќе ми каже: „Имам збор за тебе!“ Искрено би рекол дека учењето нови зборови ми стана дел од секојдневието.
Дополнително во нашето друштво, нон – стоп си смислуваме разни зборови, голем дел од нив не може да заживеат бидејќи се нелогични и автентични за нас, но сепак тоа не не спречува да си играме со различни зборчиња.

Рацин: Дали читате книги од македонски автори? Последната што ја прочитавте?
Бучковки:
Да, читам книги на македонски. Во последните неколку години почнав сè повеќе да читам македонски автори и авторки, и веројатно влијанието на Зборци беше пресудно за тоа. Кога ќе почнеш да го гледаш јазикот како нешто живо и разиграно, природно ти се буди желбата да го слушаш, да го читаш, да го истражуваш, одвнатре. Последната книга што ја прочитав беше избраните драми на Горан Стефановски. Овојпат, „Дупло дно“ ми беше најрелевантна, најблиска како да беше пишувана за она што го чувствувам токму сега. Инспирирани од таа драма, со Зборци го смисливме зборот: дноднува.
Или, како што би рекол Горан: „Секое дно е дупло дно.“

Рацин: Кој македонски поет или писател ви е најомилен?

Бучковски: Гане Тодоровски

Рацин: Зошто Зборци, како дојдовте до идејата?

Бучковски:
Приказната на Зборци е една од најидеалистичките приказни што може да се слушне или прочита. За мене претставува огромна чест што сум дел од оваа иницијатива, а од скоро и здружение, и навистина сум горд што можам да кажам дека сум зборец. Нашето мото е едноставно:
идеите немаат сопственици – постојат само носители. Пред малку повеќе од една година, заедно со мојот другар, колега зборец, тогаш само другар, Игор Антов, чувстувавме дека е потребно да се организираме настан за македонскиот јазик, односно настан за зборообразување како начин на збогатување на македонскиот јазик и на некој начин осовремнување и разигрување на нашиот јазик преку нови зборови.
Во тој период, јас се пронаоѓав себеси како поет и веќе имав почнато да си играм со зборовите, од глаголи правев именки, од именки глаголи, од два постоечки зборови создавав нов со ново значење (мисла + ред = мислоред). Игор ги завршуваше неговите студии во Германија. Тој, пак, беше инспириран од начинот на кој Германците зборообразуваат. Или, ако ги искористам неговите зборови:
„Не може бе, брат, Германците за секое ќоше на секој агол од куќата имаат смислено збор, а ние сè уште стоиме со речникот од пред 50 години!“ Така некако, ние двајцата од различни страни, од различни патишта, ја делевме истата идеја: на македонскиот јазик му треба освежување. Зашто очигледно беше, а и сè уште е, дека јазикот не го фаќа современиот тек. Не се прилагодува. А уште поважно, нашата врска со јазикот е ослабена. Таа е мрзелива. Се вадиме на тоа дека македонскиот јазик бил „сиромашен“, нешто што е апсолутно неточно, и зад таа позиција го полагам секој мој збор. Дополнително, користиме премногу англицизми, кратенки, импровизации. Не твориме доволно на македонски. Не консумираме македонска содржина. Не се грижиме за тоа што ни е највредно, нашиот мајчин јазик. Свесни за сите овие фактори, јас и Игор решивме да делуваме.

Рацин: Во април минатата година организиравте настан со наслов „Зборообразување – Нови димензии на македонскиот јазик“. Што ве мотивираше да го создадете овој настан и каков одек имаше кај публиката и стручната јавност?

Бучковски: Кога се подготвувавме за настанот, првото прашање што си го поставивме беше: кои би биле идеалните говорници за ваков настан? Имавме список со неколку имиња, ама ништо не беше дефинитивно. Сепак, едно беше сигурно, иако јас сум правник, а Игор политиколог, и не знаевме баш кој би бил „најсоодветен“, чувствувавме дека правиме нешто вредно. Нешто важно. Нешто што вреди да се случи.

По случајност или можеби не, една вечер, додека бевме искочени на пијачка во Saloon, запознавме девојка по име Стефани. Студентка по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Почнавме муабет, ѝ ја споделивме нашата идеја и неколкуте први зборови кои дотогаш ги имавме смислено – Југосапиенс, Просторитет, Разликоприфаќање.

Таа нè погледна збунето и рече:

„Дечки, јас не ве знам од факултет… Од каде се занимавате со ова? Што студирате?“

Јас ѝ реков: „Право.“

Игор: „Политички науки.“

Таа уште повеќе се збуни:

„Па што барате вие да организирате настан за македонскиот јазик? Како се најдовте тука?“

Ние се насмеавме и ѝ одговоривме:

„Секој кој го говори македонскиот јазик е дел од неговата приказна. И треба да најде начин како да придонесува за него.“

Таа само рече:

„Доброоо…има смисла… ама, ако навистина сакате да направите настан за македонскиот јазик, особено за зборообразување, мора да се видите со професорката Славица Велева. Таа предава зборообразување на факултетот.“

Рековме: „Добро, нема проблем. Можеш да ни го дадеш нејзиниот мејл?“

Стефани ни го даде, и уште истата вечер ѝ напишавме. Ѝ ја споделивме нашата идеја и побаравме средба.Утрото кога станавме, професорката веќе ни имаше вратено. Договоривме средба. Кога дојдовме на средбата во библиотеката на факултетот, првото прашање што ни го постави професорката беше:

„Кој ве праќа вас, деца, тука? Како дојдовте до оваа идеја?“

Се чувствуваше доза скептицизам и сосема оправдан. А ние, такви какви што сме, искрено ѝ го споделивме целото патување. Од почетокот, со сите наши зошто и како. И, на наше изненадување ѝ се допаднаа одговорите на професорката. Разговорот што го водевме беше еден од најинспиративните во мојот живот. За прв пат сретнав човек, професор, личност, која со толкава љубов говори за македонскиот јазик. Ја опишуваше неговата посебност, игривост, точност и вистинитост.

Славица Велева, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ

Професорката Велева е, буквално, олицетворение на македонскиот јазик.

Средбата помина одлично. Ѝ се допадна нашата идеја и со задоволство прифати да говори на настанот.

Така го договоривме панелистот број 1: професорката Славица Велева.

Ние го замисливме настанот со четворица панелисти и еден водител. Првиот панелист веќе го имавме, професорката Славица Велева. Сакавме да имаме еден вистински интересен панел, трибина што ќе го претстави јазикот од различни страни. Како втор панелист ја замисливме професорката Илина Јакимовска, која предава на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ. Ја контактиравме по порака, и првиот нејзин одговор, негативен. Истата вечер имала прифатено да биде промотерка на книга, баш во терминот кога ние го планиравме настанот 18:00 часот, на 02.04.2024. По тој одговор, искрено, бевме крајно разочарани. Зашто сметавме, и сè уште сметаме, дека антрополошкиот аспект е клучен, кога се зборува за нови зборови. Пред да создаваш нови зборови, треба да разбереш како сме дошле до тие што веќе ги имаме. Што значат, што носат, како се менувале низ времето.

Поминаа неколку часа… и одеднаш професорката ни пишува:

„А дечки, вие од каде ме одбравте мене?“

Одговоривме искрено:

„Професорке, преку пријател на пријател дојдовме до вас.“

Таа ни врати:

„Аха… Значи не знаете за Зборци?“

Ние:

„Не… што е тоа?“

И тогаш таа ни ја раскажа приказната.

Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија, УКИМ

Во 2013 година, на пиво во кафулето Цреша, таа, заедно со уште тројца зборољубители: Татјана Ефтимовска, Румена Бужаровска и Огнен Чемерски – решиле да ја формираат ВЈРО – Внатрешна Јазично Револуционерна Организација „ Зборци

Која официјално била формирана по пишувањето на  следниов МАНИФЕСТ НА ЗБОРЦИТЕ.

Во последниот дел од тој манифест, напишала нешто што длабоко нè трогна и не инспирираше:

„Идејата на Зборци останува во светот на идеите, и ќе чека да биде реализирана од некоја наредна генерација зборољубители на македонскиот јазик. Им оставаме еден аманет, да се организира избор и манифестација ‘Збор на годината’, каде што ќе се додели награда која ќе го носи името на Огнен Чемерски.“

(Ние моментално сме во подготовки за тој настан. Планирано е да се одржи во септември.)

Јас и Игор, како вистински идеалисти, кога ја слушнавме оваа приказна за која, ако треба да ја раскажам цела, ќе ми требаат уште најмалку 10 страници паднавме во несвест.

Не можевме да веруваме. Како се најдовме тука, како оваа идеја, без да знаеме, не спои со професорката која уште пред една деценија заедно со првата дружина Зборци, ја имала истата таа идеја. И не само што ја имала, туку ја живеела, ја чувствувала и ја чувала чекајќи некој да ја продолжи.

Во тој момент, научивме една многу голема лекција:

Идеите немаат сопственици, тие имаат само носители.

После оваа приказна, ја замоливме професорката ако може барем на половина час да дојде на нашиот настан, за да го сподели ова со публиката. Беше важно. Беше суштинско. Беше нешто што мора да биде слушнато.

Професорката, со крајни напори, успеа да го помести другиот обврзан термин и прифати.

И така стигнавме до панелист број 2 – проф. д-р Илина Јакимовска.

Во тој момент, ние сè уште не зборувавме за никакви профили на Instagram, за манифести, за движење или нешто поголемо. Сè уште бевме во фазата на еден настан. Една идеја.

Да се вратиме на говорниците. Како број 3, односно како модератор, го замисливме Васко Попетревски. Сметавме дека тој е еден од најдобрите македонски новинари, а и вака сериозен и слоевит настан, едноставно бараше модератор што знае што прави – професионалец.

Повторно, преку пријател на пријател, успеавме да го добиеме неговиот број. Му пративме порака. Ни врати. Договоривме средба.

Се сретнавме со Васко, и штом седнавме, реакцијата му беше…

„Чекај, чекај, вие сте правник и политиколог? И сакате да организирате настан за македонскиот јазик? И тоа на тема… зборообразување?!“

(ова се повторува неколку пати, но навистина беа многу смешни нивните реакции)

Му ја раскажавме целата приказна, особено онаа со професорката Јакимовска. Беше премногу добра за да не се сподели. И, му се допадна. Мислам дека баш таа приказна беше пресудна за да прифати. Секако, не смеам да ја потценам ни нашата харизма…

И така, го добивме модераторот на настанот – Васко Попетревски. За нас ова беше огромна радост, уште повеќе бидејќи Васко, додека бил студент по новинарство, неколку семестри го слушал предметот Зборообразување, ова веќе не е случај кај студентите по новинарство и ние како Зборци сметаме дека треба да се врати, бидејќи малку се оние кои користат зборови повеќе од новинарите. Така што не само што беше новинар и модератор, туку и човек што е запознаен со темата. Тоа многу ни го олесни целиот понатамошен процес. Многу беше слатко што на средбата, Васко си ја донесе старата скрипта од факултет! Да се потсети.

За број 4, имавме замислено писател/ка, јазичен практичар, бидејќи таа компонента е исклучително важна. Уметниците што работат со јазикот, по мое, имаат не само одговорност, туку и должност, да го истражуваат јазикот, да го разигруваат, во секој миг, тие треба да наоѓаат нови форми и начини преку кои ќе го засакаме, или пак ќе го запознаеме од друга, посебна страна, овој наш прекрасен македонски јазик.

Фросина Пармаковска, писателка

По предлог на Васко, ја контактиравме Фросина Пармаковска, писателка чие творештво отсекогаш нè фасцинирало. Се сретнавме со неа, ѝ ја раскажавме приказната за професорката Јакимовска, знаевме дека мора да ја чуе. Таа слушаше внимателно, се поврза со идејата, и во тој момент, ја добивме и нејзината согласност да биде панелист на настанот.

Фросина не е само писателка, таа е глас што има чувство за зборот, за болката и за тоа како јазикот може да ги понесе и преобрази сите тие состојби. Нејзиниот роман Сè уште нешто можам да сторам е едно од највпечатливите дела на новата македонска проза, книга што зборува за ранливоста, женската перспектива и секојдневното преживување со извонредна јазична суптилност.

Овој роман доби Награда за роман на годината и со право ја смести Фросина во редот на значајни современи автори.

Топло ја препорачувам книгата.

До тој момент веќе бевме стигнати до четворица панелисти, вклучувајќи го и модераторот. Но, ние си го замисливме настанот со пет говорници, за да имаме една поцелосна, динамична, разнобојна дискусија. Мој личен предлог за последниот панелист беше мојата поранешна професорка по македонски јазик од гимназијата „Орце Николов“ – проф. д-р Тамара Ќупева, денес истражувач на Институтот за македонска литература.

За мене, професорката Тамара е една од најважните личности во мојот живот. И не го велам ова од навика, туку со длабока благодарност. Таа беше една од ретките професорки кои не само што го предаваа јазикот, туку и го живееја. Знаеше да го направи македонскиот јазик звучен, моќен, рафиниран, но и да ги поврзе учениците со него на начин што ретко се случува во училниците. Професорката Ќупева има големо искуство во работа со млади и тоа не само како професорка, туку и како личност која активно се занимава со медиумска писменост, со тоа како младите комуницираат на интернет, со влијанието на новите технологии врз јазикот и пишаниот израз. Дополнително, нејзиното долгогодишно искуство во „Орце Николов“ ѝ дава посебна перспектива што за нас беше особено важна, зашто сакавме настанот да биде отворен и кон младите, и кон образовниот систем, и кон современите јазични навики. Сакавме да покриеме повеќе агли и да добиеме една прекрасна, жива, современа дискусија за македонскиот јазик или, како што ние го нарековме тогаш, јавен час по македонски јазик. Превозбудени од сè што дотогаш ни се случи, седнавме со професорката и ѝ го раскажавме буквално сè од вечерта во Saloon, до првата средба со професорката Велева, до тоа како идејата за Зборци неочекувано се родила, зошто баш Васко, колку е важна страната на Фросина и уметничкиот допир…

Професорката како вистински идеалист, како вистински чудотрагач, не само што нè сослуша туку со голема радост прифати да биде нашиот последен панелист.

Со тоа, го завршивме најтешкото. Го составивме мозаикот од прекрасни луѓе.

Така некако, чекор по чекор, изгледаше патот до организирање на првиот настан, пат на кој ја прифативме улогата да бидеме денешните зборци. Настанот се одржа на 02.04.2024 година, и нескромно, но со цело срце ќе кажам, тоа беше едно од најубавите нешта што ѝ се случиле на современата македонска културна сцена.

Игор го отвори настанот, јас го затворив…

А на самиот крај, искрено ѝ кажавме на публиката дека не знаеме точно што ќе правиме понатаму. Немавме голем план, немавме стратегија само искрена желба.Им рековме:

„Секоја идеја е добредојдена, ако се збориш за зборот, ти си веќе зборец, придружи се”

По завршувањето на настанот, благодарение на тимот на 360 степени, добивме снимки од целата дискусија. Ги гледавме неколку пати и решивме дека можеби би било добро да направиме неколку кратки видеа (reels). Нешто лесно, интересно, достапно.

Сосема случајно, без никаков план за понатаму, освен објавата на тие неколку видеа, го создадовме и Инстаграм профилот „Зборци“.

Профил што денес брои повеќе од 5000 следбеници, многу реакции, коментари, што е најважно, љубов кон јазикот.

Рацин: Кој, покрај ти и Игор е дел од тимот?

Бучковски: Јас и мојот колега и другар Игор Антов сме основачите и иницијаторите на движењето но Зборци никогаш не сме биле само ние. Напротив. Со нас стојат и нашите другари: Борјан, Илин, Иван, Дамјан, луѓе кои секогаш се тука кога треба нешто да се помогне, понекогаш дури и пред ние да знаеме дека нешто ни треба.

Покрај нив, тука е и поголема група волонтери, ентузијасти, пријатели и соработници, кои придонесуваат секој во својот домен, од логистика, до монтажа, дизајн, комуникации, поддршка на настани, содржини… И секако, нашиот зборопријател Филип Цветков, кој се погрижи нашиот Инстаграм-профил да изгледа вака прекрасно, чисто, визуелно инспиративно.

Разговараше: Соња Танеска

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Денеска славиме: Ден на македонскиот јазик, 80 години „Македонски правопис“

Следно

Сиљановска-Давкова: Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет

Latest from Blog

Во Лондон почнува прославата на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна

Во Велика Британија денеска почнуваат четиридневни прослави на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна со воена парада и прелет на авиони, кои ќе ги следат кралот Чарлс и високи членови на

ТЕХНОФЕСТ привлече 225.000 посетители во Лефкоша

ИСТАНБУЛ (АА) – Околу 225.000 луѓе присуствуваа на ТЕХНОФЕСТ, водечки турски фестивал за технологија, воздухопловство и вселена, кој се одржа викендов во Турската Република Северен Кипар (ТРСК), јавува Анадолу. Фестивалот започна во

Индиски медиуми: Индија го прекина протокот на вода од реката Ченаб кон Пакистан

АНКАРА (АА) – Медиумите во Индија објавија дека земјата го запрела протокот на вода на реката Ченаб од браната Баглихар кон Пакистан, известува Анадолу. Според веста што ја објави весникот „Индија тудеј“,

Лишени од слобода три лица поради разбојништво во Скопје, одземеното вратено на сопственикот

На 04.05.2025 полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода О.А.Б.(19), К.И.(19) и Е.Х.Б. (20), тројцата од Република Турција- студенти со регулиран привремен престој во РСМ, поради сторено кривично дело „разбојништво“.

Живиот македонски јазик доби нов фонт – „Крушево“ на Зоран Кардула

Познатиот графички дизјанер и уметник Зоран Кардула, на социјалните мрежи објави дека е достапен македонски кириличен фонт „Крушево“ што го дизајнирал тој и кој со помоша на Небојша Гелевски сега е достапен
Go toTop