Шест странски компании во трка за поставување Интелигентни транспортни системи на Коридор 10

January 4, 2026
5 mins read

На македонските патишта ќе се користат иновативни решенија за да се подобрат условите за безбедност и да се дигитализира управувањето со сообраќајот. Ќе се поставуваат Интелигентни транспортни системи (ИТС) а со првичните активности е опфатен Коридорот 10 и веќе се евалуираат понудите од шест странски компании кои конкурираа на тендерот за избор на изведувач.

ИТС системите треба да бидат поставени на 200 километри патишта до крајот на 2027 година. Се очекува да ги унапредат транспортните услуги, да обезбедат информации во реално време за патување, поголема безбедност преку употреба на напредни системи за предупредување и информации за состојбата на патиштата и несреќи во реално време. Исто така и да се намалат и времето на патување и емисиите на штетни гасови.

Национален центар за управување со сообраќај ќе биде одговорен за следење, надзор и управување на сообраќајот и мобилноста на сите државни патишта и за обезбедување информации за корисниците на коридорите во врска со состојбата на патиштата, сообраќајот и патувањата.

Од Министерството за транспорт за МИА ги споделија активностите кои се спроведуваат за да се овозможи имплементацијата на ИТС по должина на Автопатот А1, Коридор 10 од ГП „Табановце“ до ГП „Богородица“.

Конкретно, преземени се активности за изработка на проектна документација за воведување на системи за контрола на тежината на возила при движење (WIM),  за контрола на движење на возила кои превезуваат опасен товар (HAZMAT) и за мерење на загадување на воздухот по должина на Автопатот А1 (Е75) – Коридор 10. Исто така и за идејна проектна документација за Националниот центар за управување со сообраќајот (НЦУС), кој треба да биде во рамки на објектот на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец. Дел од активностите е и изработка на проектна документација за неколку информациски системи и апликации во НЦУС како: систем за дистрибуција и управување со видео-материјали, апликации за управување со инциденти на патиштата, моделирање на сообраќајот, анализа на податоци од сообраќајот и веб страница со апликација за НЦУС.

– Обезбедивме Инвестициски грант во износ од 13,5 милиони евра, кој треба да се спроведува во рамки на Програмата за безбеден и одржлив транспорт.  Во тек е евалуација за избор за изведувач за поставување на ИТС по должина на Автопатот А1 (Е75) – Коридор 10. Понуди, по однос на овој проект, се доставени од страна на шест кредибилни странски компании. Завршена е евалуацијата за избор на Надзор на поставувањето на ИТС на Автопатот А1 (Е75) – Коридор 10, велат за МИА од Министерството за транспорт.

Оттаму најавуваат дека тендерската постапка за реконструкција и адаптација на објектот за Националниот центар за управување со сообраќајот во Петровец треба да започне во јуни годинава, а работите да се извршат до крајот на август 2027 година.

Според планираната динамика за реализација на сите проектни активности, поставувањето на целокупната опрема за ИТС на скоро 200 километри автопатишта треба да заврши до септември 2027 година. Во овој период треба да се изврши и реконструкција на објектот на ЈПДП во Петровец за да се намени за Национален центар за управување со сообраќајот.

– Со оглед на планираното поставување на ИТС на Коридор 10 и Коридор 8, вклучувајќи ја и делницата на автопатот Миладиновци – Штип, а се со цел да не се создаваат повеќекратни трошоци за изведба на посебен центар за секој дел од Коридорот, се наметна потребата управувањето на сообраќајот на државните патишта да се регулира од еден заеднички центар. Националниот центар за управување со сообраќај ќе биде одговорен за следење, надзор и управување на сообраќајот и мобилноста на сите државни патишта и обезбедување информации за корисниците на Коридорите во врска со состојбата на патиштата, сообраќајот и патувањата, појаснуваат од Министерството за транспорт.

Целата мрежа на државните патишта е поделена на пет региони која ќе биде сервисирана од соодветен стручен кадар. Исто така, од НЦУС треба да се управуваат и сите тунели во државата подолги од 500 метри.

– Се очекува воведувањето на ИТС да доведе до зголемување на бројот на туристи кои го користат Коридорот 10 и индиректно да се поттикне локалната економија преку зголемен приход од туристите. Имплементацијата на ИТС ќе придонесе за економски развој на поширокиот регион и промоција на одржлив и безбеден транспорт и трговија, ефикасност во управувањето и одржувањето со патиштата. Овој проект ќе го поттикне транспортот, туризмот и трговската размена на стоки и услуги меѓу сите земји по должина на Коридорот 10, посочуваат од Министерството за транспорт.

Нагласуваат дека најважните придобивки се наменети за возачите и корисниците на автопатот во насока на унапредување на транспортните услуги, информации во реално време за патување, поголема безбедност преку употреба на напредни системи за предупредување и информации за состојбата на патиштата и несреќи во реално време, намалување на време на патување и намалени емисии на штетни гасови.

Имплементацијата на ИТС на Коридорот 10 во должина од 172 километри вклучувајќи го и делот   од Коридорот 8 (делниците Миладиновци – Хиподром и Хиподром – Петровец, во должина од 25 км), опфаќа поставување на неколку напредни системи и опрема.  Ќе се поставуваат светлосна сигнализација: неколку видови на знаци со променливи пораки и знаци со динамички приказ на информации; автоматски метеоролошки станици; опрема за снимање, обработка и анализа на видео-податоци: видео камери (CCTV), дистрибутивен систем, автоматски систем за видео детекција на инциденти: сопрено возило, сообраќајна незгода, пешаци, итн., систем за анализа на брзина на возила, броење и класификација на возила, мерење на висина на возила, систем за видео управување; уреди за контрола и управување на опремата и локалната комуникациска мрежа; потпорни конструкции (челични конструкции за опремата за знаци со променливи пораки, камери и метеоролошки станици).

Дел од тој пакет се и  реконструкцијата на постоечкиот објект на Центарот за управување на сообраќајот Петровец  со преминување НЦУС, оперативен центар, хардверска и софтверска опрема, напреден систем за управување со сообраќајот, како и Центар за контрола на сообраќајот Неготино – хардверска и софтверска опрема.

Од Министерството за транспорт појаснуваат дека имплементација на интелигентни транспортни системи стандардно вклучува употреба на повеќе иновативни решенија првенствено за подобрување на условите за безбедност на патиштата и дигитализација на управувањето со сообраќајот. Во наредните години, укажуваат, транспортната политика на Европската Унија е насочена кон имплементација на иновации за унапредување на безбедноста на транспортот и сообраќајот, чист и одржлив транспорт, интелигентни транспортни решенија и отпорност на патната мрежа кон климатските промени, дигитализација и управување со сообраќајот.

Транспортната политика  опфаќа и транспортни истражувања и иновации, логистика и мултимодални решенија во транспорт, а посебно се нагласува потребата за поврзување на национални центри за управување со сообраќај и итни случаи и обезбедување на информации за сообраќај во реално време за што поголем број на корисници на патната мрежа, како во рамките на Европската Унија така и кај нас во земјите на Западен Балкан.

За поставување на паневропските коридори Собранието во декември, лани усвои измени на Законот за јавни патишта. Со нив се имплементираат одредбите од Директива 2010/40/ЕУ, со која се предвидуваат правила за распоредување на интелигентни транспортни системи во патниот транспорт. Целта на таа Директива е  да го поттикне развојот на иновативни транспортни технологии за создавање интелигентни транспортни системи (ИТС).

На крајот на декември, лани, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорката на Светска банка за земјава Карол Межеван го потпишаа Договорот за грант помеѓу РС Македонија и СБ, со кој се обезбедија 13,56 милиони евра – дополнителни средства во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Средствата се наменети за ИТС од Табановце до јужната клучка Велес, што вклучува и поддршка за воспоставување и опремување на националниот центар за управување со сообраќајот со потребните ИТС системски решенија за Коридорот 8 и Коридорот 10, вклучително и за кракот 10д.

Паралелно со активностите кај нас, се имплементираат интелигентни транспортни системи на Коридор 10 и во Република Србија во рамки на истиот проект на Светска Банка. Со тоа примената на делот од ГП Табановце до ГП Богородица ќе биде надополнување и продолжување на ИТС за сите корисници на тој коридор.

МИА

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Ѕвездата на Сити од 75 милиони евра се сели кај директниот конкурент за титулата?

Следно

Јарецот да не претерува со активности, Ракот да се откаже од она што не го прави среќен

Latest from Blog

Фото: Српска пејачка во секси издание

Сексапилната пејачка на интересен начин одлучи да се збогува со 2025 година. Бресквица на изненадување на многумина на фотосесија позира во секси долна облека и го покажува голиот стомак. Анѓела Игњатовиќ Бресквица е

Исто како 10.000 чекори дневно, пробајте!

Пешачењето е евтино, достапно и неверојатно корисно за вашето здравје, подобрувајќи сè, од здравјето на срцето и крвниот притисок до вашата физичка подготвеност и расположение. Сепак, популарната цел од 10.000 чекори дневно,
Go toTop