Сања Божиновска работела за сопственикот на „Руднап Груп“ поврзан со аферата за офшор компании „Панама пејпрс“

October 14, 2024
9 mins read

Бугарската агенција БГНЕС неколку недели се занимава и истражува за министерката за енергетика рударство и минерали Сања Божиновска, која овојпат ја поврза со сопственикот на компанијата „Руднап Груп“, Воин Лазаревиќ, каде таа беше управител.

Лазаревиќ има има крајно контроверзна репутација и неговото име беше дел од т.н. „Документи од Панама“, пишува  БГНЕС.

Работен бекграунд на Сања Божиновска

Период: 2006-2011 година

„Езпада“ – Одговорна за стратегиски анализи, тргување и прекугранични активности во Северна Македонија, Србија, Косово, Бих, Албанија и др. „Езпада“ е со седиште во Швајцарија, а оперира и во Прага и Лондон.

Отворила и фирма во Северна Македонија. Во јануари 2008 година, РКЕ и издава на компанијата-ќерка „Езпада ДООЕЛ Скопје“ лиценца за вршење трговија со струја. На 29 декември 2022 година, македонската „Езпада“ побарала престанок на лиценцата за енергетска дејност, бидејќи донела одлука за ликвидација на фирмата.

Период: 2011 – 2014 година

„Руднап Груп“ – Извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија и била одговорна за активности во С. Македонија, Србија, Бугарија и други земји од регионот.

Формирана е и компанија во земјава – „РУДНАП ДООЕЛ Скопје“ во мај 2008 година, а истата е избришана од Централниот регистар во февруари 2022 година.

Период: јули 2014 – мај 2018 година

„ЕНГ Сервице Траде“ – Коосновач и управител заедно со Оливер Несторовски.
Дејност – трговија со електрична енергија.

„Лазаревиќ е еден од најголемите бизнисмени во областа на енергетиката, не само во Србија, туку и во земјите од Западен Балкан. Тој купуваше струја од Бугарија, а имаше и бизнис во Русија поврзан со банка формирана за да ги заобиколи санкциите наметнати на преостанатиот дел од Југославија на покојниот диктатор Слободан Милошевиќ. Според официјалната биографија на Лазаревиќ, кариерата ја започнал во адвокатската канцеларија на неговиот татко, а во 1989 година започнал сопствен бизнис, основајќи ги ПИМА Котор во 1989 година и ПИМА Белград во 1994 година. Во 1998 година бил министер без ресор во владата на Црна Гора , а во 1998 – 2000 година бил советник на премиерот на Црна Гора Филип Вујановиќ. Од 2000-та година е косопственик на EFT Ltd. во Велика Британија. Во 2003 година ја приватизира компанијата „РУДНАП“, а по напуштањето на ЕФТ Груп во 2005 година ја предводи сопствената компанија „РУДНАП ГРУП“, пишува БГНЕС.

Бугарскиот медиум потсетува и на тоа дека српските бизнисмени се најдоа и во евиденцијата на адвокатската фирма „Моса фонсека“ со седиште во офшор даночниот рај на Панама, која им помага на клиентите ширум светот да избегнат ревизии и даноци. Детали за нивните активности беа откриени во „Панамските документи“, низа внатрешни податоци добиени од германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и споделени од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) со Проектот за известување за организиран криминал и корупција и повеќе од 100 медиумски партнери од 76 земји.

Во базата се појавува и бизнисменот Воин Лазаревиќ. Неговата српска компанија „РУДНАП ГРУП“ АД во 2007 година во даночниот рај на Сејшели отворила компанија наречена „Гиралија ресурсис лимитед“, за која не се знае што работи, пишува БГНЕС.

Во 2016 година милиони документи и 2,6 терабајти информации протекоа од базата на една од најголемите адвокатски фирми од Панама, „Мосак Фонсека“, кои откриваат како богаташите ги перат парите, што е едно од најголемите протекување на информации во историјата, поголемо и од „Викиликс“, откритието на Едвард Сноуден.

Документите покажуваат дека компанијата со децении им помагала на клиентите да ги перат парите и да избегнуваат плаќање даноци.

Документите наречени „Панама пејперс“ ги добил германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари од Вашингтон и со други медиуми, вклучувајќи ги „Би-Би-Си“ и „Гардијан“.

Документите докажуваат поврзност на сегашните и на поранешни светски лидери со сметки на офшор-компании преку кои се переле пари.

Пријави за незаконско работење

Македонските институции – Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа и МЕПСО покренале три различни постапки за прекршување на законите и тоа за „Руднап ДООЕЛ Скопје“, фирма ќерка на српската „Руднап Груп“, каде Божиновска била нејзин извршен директор и за „ЕНГ Сервице Траде“, македонска фирма во која Божиновска била една од двајцата сопственици.

Пријавите се за картелско тргување со електрична енергија, даночно затајување, а државна институција и барала на нејзината компанија да врати долг од 700.000 евра.

Првата постапка датира од 2012 година, кога Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗД) отворила предмет, истражувајќи го работењето на четири компании кои тргуваат со електрична енергија на пазарот.

Сомнежите на Комисијата биле дека компаниите, „Езпада ДООЕЛ Скопје“, „Руднап ДООЕЛ Скопје“ потоа „ЕФТ Македонија“ – компанија основана од Кочо Анѓушев, која подоцна ја напушти како и „Ген-и Македонија“ и „Ген-и трговање ин продаја електричне енергије до.о.о Кршко“, формирале „картел со цел да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во јануари истата 2012 година“.

Речиси две години од отворањето на предмет за случајот, односно во 2014 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдила дека овие компании се здружиле како „картел при јавни набавки“. Тие доставувале понуди за продажба на електрична енергија со цени и количини претходно одредени на начин кој им овозможувал да ги делат количините на електрична енергија која требало да се испорача на АД ЕЛЕМ.

Антимонополската комисија избројала дека „Руднап ДООЕЛ Скопје“, „Езпада ДООЕЛ Скопје“ и „ЕФТ“ во временскиот период од 28 октомври 2011 до 29 февруари 2012 направиле прекршоци во 11 наврати, додека „Ген-и Македонија“ во 4 наврати.

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата на 21 октомври 2014 година донела решение со кое утврдила дека компаниите во повеќе наврати учествувале во „забрането усогласено однесување со кое се нарушува конкуренцијата на пазарот“. Со решението им била изречена и вкупно глоба од над 3.000.000 евра.

Но, судски епилог и плаќање на казната во милионски износ на сметка на фирмите, меѓу кои и „Руднап ДООЕЛ Скопје“ сепак немало. Причина за тоа е што Управниот суд го потврдил решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, но, во повисока инстанца, Вишиот управен суд го поништило решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Постапувајќи по пресудата на Вишиот управен суд, Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата на 20 јули 2017 година ја запре постапката“, тврдат од Антимонополската комисија за исходот од постапката.

Божиновска отфрла директна поврзаност со секојдневното работење на „Руднап Македонија“, иако, во нејзината биографија доставена до Собранието, пишува дека „учествувала и во многубројни тендери, одговорна за финансиските операции во групацијата и за оперативните процедури и активности во Македонија“.

Наплатена отштета, избегната кривична одговорност

Само неколку месеци подоцна, во ноември 2012 година, кај дел од компаниите за кои имаше обвинување дека се дел од картелски договор, тропнала и Царинската управа. Меѓутоа, со друга цел – инспекторите да направат споредбена анализа на количеството електрична енергија што ја поминала царината со бројките за увоз, извоз и количеството на струја кое поминало низ системот за време од 2010 до 2012 година.

Цариниците откриле големи нерегуларности при проверка на податоците и поднеле кривична пријава за затајување на данок во износ од 1,8 милиони евра.

Иако Царинската управа не ги сподели имињата на компаниите ни тогаш, а ни сега кога им побаравме информации за случајот, онлајн медиумот „Фактор“ во 2012 година напиша дека станува збор за македонската „Руднап“ , а другата фирма била „Ген-и Македонија“.

Од Царинската управа за РСЕ велат дека за овој предмет успеале да ги наплатат парите од четирите фирми.

„Ве известуваме дека покрај кривични постапки спроведени се и управни постапки, постапка за проверка на имотна состојба и со решение за присилна наплата блокирани се сметките на фирмите. Службата за присилна наплата по овој основ наплати 130 милиони денари (2,113,821 евра) по 39 решенија. Во однос на пресудите ќе Ве молиме да се обратите до Основно јавно обвинителство.“, одговорија од Царинската управа за РСЕ.

За подетални информации за конкретниот случај, министерката Сања Божиновска ни посочи да стапиме во контакт со одговорното лице во тоа време и нивниот правен застапник.

„Информациите со кои јас располагам се дека правните постапки кои ги водела Царинската управа во тој период биле отфрлени од страна на надлежните судски инстанци во Македонија и како резултат на тоа, случајот е целосно затворен. “, изјави Божиновска.

За случајот, и покрај наплатените пари од Царинската управа, изостанала кривичната одговорност.

Кривичниот суд во Скопје во 2016 година донел ослободителна пресуда за обвинетите од компанијата „Руднап“.

РСЕ успеа да ја пронајде пресудата од 2016 година, донесена од Кривичниот суд во Скопје кој донел ослободителна пресуда. Во неа, се ослободуваат од вина за царинска измама управителот Горан Чогеља и фирмата „Руднап ДООЕЛ Скопје“. Чогеља во 2018 година бил именуван како претседател на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Во обвинението се наведува дека компанијата извршила увоз на електрична енергија во 25 случаи без да поднесе увозни царински декларации за дел од електричната енергија која не била опфатена со извозни царински декларации. Обвинетите се теретеле дека дале лажни податоци за количината на увезената електрична енергија и ги довеле царинските службеници во заблуда бидејќи не ја декларирале реалната количина на увезената електрична енергија и не го пресметале и платиле
вистинскиот износ на ДДВ. Со тоа обвинетите за електричната енергија не поднеле увозни царински декларации во количина од 417.551 mw’h и вредност од 20.686.762,оо евра.

Но, судот пресудил дека не е докажано дека е извршено кривичното дело царинска измама.

„Станува збор за увезена електрична енергија која не била пуштена во слободен промет на територијата на РМ, туку за електрична енергија која транзитирала преку територија на РМ и е пуштена во слободен промет во други држави. Имајќи ги во предвид одредбите од Царинскиот
закон според кој стоката ставена во транзитна стока, односно стоката е увезена заради извоз не подлежи на царински давачки, обвинетиот Г. Ч. и обвинетото правно лице Р. ДООЕЛ по законот немале обврска да платат давачки и даноци при увоз на електрична енергија“, пишува во пресудата.

Долг од 400.000 евра на наплата кај извршител

Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.

Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била Сања Божиновска. Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.

На прес конференција, тогашниот директор на МЕПСО Симон Шутиновски најави суспендирање на компанијата од пазарот како снабдувач на електрична енергија.

Нецели седум години подоцна, во јули 2024 година, РСЕ праша во МЕПСО – дали компанијата на Божиновска ги подмирила обврските кон државата и како завршил спорот со оглед на тоа дека фирмата веќе не постои како правен субјект. Но, МЕПСО не даде конкретен одговор дали ги наплатиле долговите од фирмата на Божиновска.

„Поради неисполнување на условите за учество на пазарот на електрична енергија по истекот на времената суспензија и ненавремено плаќање на долг за преземена електрична енергија, компанијата е суспендирана од пазарот на електрична енергија. Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител“, одговорија од МЕПСО за РСЕ.

Ниту министерката Божиновска не одговори конкретно дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО. За својата поранешна компанија на која МЕПСО и поднел и кривична пријава, Божиновска вели дека била „одбиена и пријавата не била процесуирана“.

„Вреди да се присетиме дека тоа беше период во кој, за жал, многу компании и поединци се соочуваа со кривичен прогон заради, најразлични причини, губејќи го пристапот до македонскиот пазар, а за сметка на тоа, привилегирани и фаворизирани беа компании чии сопственици беа во пријателски врски со тогашната власт“, вели Божиновска.

Но, такви обвинувања своевремено имало и на сметка на компаниите „Руднап“ и „Езпада“. Стенографските белешки покажуваат дека во собраниската дебата за увозот на струја во 2011 година, опозицискиот пратеник Николче Ацевски посочува на нивна блискост со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако видите кои фирми увезле, тоа се фирми „ЕВТ Скопје“, на пријателот на Груевски, поранешен заменик генерален директор на АД ЕЛЕМ на Македонија. Понатаму, фирмата „Руднап“ каде што работи, или главна е личноста која што ги водеше протестите со таканаречената невладина организација Светлина, против продажбата на ЕВН Македонија во 2006 година. Понатаму, тука се фирмите „Еспада Македонија“ и „Еспада Чешка “за кои што не треба ни да зборувам до кои се блиски, на сите ви е јасно. Значи, овие цифри покажуваат почитувани колеги пратеници од ВМРО ДПМНЕ нешто друго“, изјавил Ацевски во 2011 година.

Изјавата на Божиновска се коси со тврдењето на тогашниот директор на МЕПСО, Симон Шутиновски кој истакна дека „од вкупниот долг, најголемиот дел е направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“. Според оваа изјава, временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е се уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.

Изјавата на Божиновска алудира на политички мотиви против оние кои не биле блиски на тогашната власт на СДСМ и ДУИ. Во нејзината биографија не пишува дека некогаш била член на некоја политичка партија. Но Божиновска стана дел од Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ годинава, откако беше избрана на седница на Централниот комитет на 31 јануари 2024 година.

За нецели осум месеци откако фирмата на Божиновска беше јавно опомената за нерегулирани обврски кон државната МЕПСО, се случуваат промени. Во мај 2018 година, Сања Божиновска излегува од „ЕНГ Сервис Трејд“, со што фирмата добива ново сопствеништво.

Се менува и името – од „ЕНГ Сервице Траде“ во „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Овие измени на компанијата ги евидентира и Регулаторната комисија за енергетика. На 19 ноември 2020 година, и РКЕ врши промена на одлуката за издавање лиценца, заменувајќи го старото име со новиот назив на фирмата.

На 15 февруари 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ е избришана како правен субјект од Централниот регистар. Како причина се наведува дека основата за бришење е тоа што компанијата не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.

Таа имала и бугарско државјанство, но за македонските медиуми изјави дека не го пријавила пред да стане министерка затоа што се откажала од него. Но, таа има и чешко државјанство.

„Руднап Бугарија ЕООД“ е сè уште активна компанија која работи во енергетската област. И на бугарската и на македонската „Руднап ДООЕЛ Скопје“ (која веќе не постои) како краен сопственик е компанијата Алтериа Рисрч Лимитед (Altaria Research Limited) од Кипар. И оваа компанија е поврзана со контроверзни бизниси на Балканот на српскиот енергетски магнат Воин Лазаревиќ.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Хоџа: Доколку ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се паметни, утре ќе одат на избори

Следно

Винс Картер и Чонси Билапс официјално примени во „Куќата на славните“ на НБА лигата

Latest from Blog

Николоски: Промовираме зимско асфалтирање на автопатот Кичево-Охрид, до крај на 2026 ќе го изградиме целиот автопат

До почеток на летната сезона ќе пуштиме за сообраќај околу 40 километри од автопатот Кичево – Охрид на потегот од Врбјани до Охрид, а до крај на 2026 година како што ветивме

Украина тврди дека синоќа соборила 50 руски дронови

ИСТАНБУЛ (АА) – Украина денес соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 50 руски дронови лансирани над земјата во синоќешните напади, пренесува Анадолу. Во соопштението на Украинските воздухопловни сили се тврди дека во

ФОТО: По 61 година ООУ „Наум Охридски“ доби училишна сала- решен проблемот на околу 200 деца

За мене денеска ова претставува посебно задоволство што сум овде во Општина Гази Баба, во ова населено место бидејќи тука започнавме практично и го поставивме камен темелникот пред неколку месеци, а сега

Камата од 1,95% за компаниите кои ќе аплицираат за пари од унгарскиот кредит

Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека каматата за компаниите кои ќе аплицираат за пари од унгарскиот кредит, ќе биде 1,95%. Компаниите ќе може да инвестираат во средства за производство, обновливи извори на
Go toTop