САД, Британија и Австралија решени да ѝ одговорат на Кина во Индопацификот: Објавени деталите за нуклеарни подморници – АУКУС

March 14, 2023
3 mins read

Партнерството, кое првично беше објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се технолошки понапредни и одбранбено поспособни од оние на конвенционален погон. Американскиот претседател Бајден во своето обраќање нагласи дека подморниците се на нуклеарен погон, но не носат нуклеарно оружје

Лидерите на Соединетите Американски Држави (САД), Австралија и Велика Британија го објавија планот кој предвидува Австралија да купи подморници на нуклеарен погон за да ја обнови својата поморска флота и како одговор на се поголемото влијание на Кина во Индопацифичкиот регион.

Американскиот претседател Џо Бајден по повод објавувањето на планот вчера отпатува во Сан Диего на разговори со австралискиот премиер Ентони Албанезе и британскиот премиер Риши Сунак за партнерството наречено АУКУС, акроним од имињата на Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави.

(Од лево кон десно) Австралискиот премиер Ентони Албанезе, претседателот на САД, Џо Бајден, и премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, на церемонијата во Сан Диего/Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Партнерството, кое првично беше објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се технолошки понапредни и одбранбено поспособни од оние на конвенционален погон, наведува Асошиејтед прес.

Американскиот претседател Бајден, во своето обраќање, нагласи дека подморниците се на нуклеарен погон, но не носат нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.

„Овие подморници нема да имаат никакво нуклеарно оружје од каков било вид“,

рече тој на церемонијата во воената база Поинт Лома во Сан Диего, каде што беше придружуван од Албанез и Сунак.

Австралискиот премиер рече дека договорот „претставува најголема поединечна инвестиција во одбранбената способност на Австралија во целата наша историја“. Тоа е, исто така, првпат во 65 години САД да ја споделат својата технологија за нуклеарен погон, „и ние ви благодариме за тоа“, рече тој.

Сунак, пак, го нарече АУКУС „најзначајното мултилатерално одбранбено партнерство“. Тој истакна дека Велика Британија, исто така, ќе го сподели своето 60-годишно искуство во управувањето со сопствената флота на подморници со австралиските инженери „за да можат да изградат сопствена флота“.

Во заедничка изјава пред официјалната церемонија, лидерите соопштија дека нивните земји работеле со децении на одржување на мирот, стабилноста и просперитетот низ целиот свет, вклучително и во Индопацификот.

„Ние веруваме во свет кој ја штити слободата и ги почитува човековите права, владеењето на правото, независноста на суверените држави и меѓународниот поредок заснован на правила“,

се вели во соопштението, објавено пред нивниот заеднички настап во Сан Диего.

Момент во церемонијата по повод партнерството меѓу Австралија, САД и Велика Британија/Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

„Чекорите што денеска ги најавуваме ќе ни помогнат да ги унапредиме овие заемно корисни цели во децениите што доаѓаат“,

најавија тие.

Што предвидува договорот?

Според договорот, САД имаат намера на почетокот на следната деценија на Австралија да ѝ продадат три американски подморници на нуклеарен погон од класата „Вирџинија“, произведени од „Џенерал динамикс“, со можност Австралија да купи уште две доколку е потребно, се наведува во заедничкото соопштение.

Се наведува дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници ССН-АУКУС, односно „трилатерално развиена“ подморница заснована на британски дизајн.

Следната генерација на подморници ќе биде изградена во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка.

Тајното посредување за АУКУС вклучуваше откажување на договорот вреден 66 милијарди долари што Австралија претходно го имаше склучено со Франција за набавка на подморници на конвенционални подморници. Ова предизвика дипломатски конфликт во западната алијанса кој траеше со месеци, потсетува агенцијата АП.

Кина го осуди партнерството АУКУС

Пекинг го осуди партнерството АУКУС оценувајќи го како нелегален чин на ширење на нуклеарното оружје.

„Планот предизвикува  сериозни ризици од ширење на нуклеарното оружје, го поткопува меѓународниот систем за неширење на овој вид оружје, поттикнува трка во вооружување и им штети на мирот и стабилноста“,

објави на Твитер постојаната мисија на Кина во Обединетите нации.

Прашан дали е загрижен дека Кина може да го сфати договорот за подморницата АУКУС како агресија, Бајден одговори – „не“. Тој исто така додаде дека наскоро очекува да разговара со кинескиот лидер Си Ѓинпинг, но не кажа кога.

Проект вреден 245 милијарди американски долари

Проектот ќе чини 368 милијарди австралиски долари (245 милијарди американски долари) до 2055 година. Како дел од АУКУС, Вашингтон споделува нуклеарна технологија за прв пат од 1950-тите кога тоа го направи со Велика Британија.

Прв пат по 65 години САД ќе ја споделат својата технологија за нуклеарен погон/Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Австралискиот премиер ги брани големите трошоци, нагласувајќи дека тоа е „економски план, а не само план за одбрана и безбедност“.

Тој рече дека очекува АУКУС да резултира со 6 милијарди австралиски долари инвестирани во индустрискиот капацитет на Австралија во следните четири години и да отвори околу 20 000 директни работни места во следните 30 години.

Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс вели дека тоа е инвестиција во безбедноста на нацијата која не треба да ја пропуштат.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

AUTO SHKOLLA BEKO

MATINA DENTAL CLINIC

Претходно

Кина продолжува да издава визи во сите категории

Следно

Грушко: Договорот за извоз на жито продолжен за 60 дена

Latest from Blog

Трамп ги повика Републиканците да гласаат за да се објават сите досиеја поврзани со педофилот Епстајн

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека ги поддржува напорите на пратениците во Претставничкиот дом на САД да објават повеќе досиеја поврзани со осудениот педофил Џефри Епстајн, и покрај тоа што

Филипче докажува секој ден дека не сака силен СДС, туку само да ги исполнува желбите на Заев, оваа политика значи крај за СДС

Венко Филипче воопшто не е заинтересиран ниту за партијата, уште помалку за граѓаните и државата. Филипче секој ден се интересира само за една работа, а тоа е како да ги задоволи желбите

Познатиот комичар случајно го прозва Енис Бешлагиќ во публиката, видеото сега е вирално

Во клипот, насловен како Филмски актер на шоуто на Макс Амини, може да се види босанско-херцеговскиот актер Енис Бешлагиќ како седи во првиот ред. Во еден момент, комичарот се сврте кон актерот,

ФИФА идентификуваше над 30.000 навредливи пораки на социјалните медиуми во 2025 година

Во извештајот за Меѓународниот ден на толеранција, ФИФА изјави дека, благодарение на својата Служба за заштита на социјалните медиуми, 11 прекршители беа пријавени до органите за спроведување на законот, а еден случај
Go toTop