Средбата на високо ниво е продолжение на таа која се случи во Скопје минатиот месец, каде лидерите на земјите беа запознати со можностите кои ги нуди планот. Во фокусот на денешните разговори сепак, беше унапредувањето на регионалната соработка и реализацијата на Заеднички регионален пазар, како процес на постепено вклучување во Единствениот европски пазар. Со планот како што повтори еврокомесарот Вархеји, би можеле да се дуплираат економиите на земјите од регионот.
-Ние мислиме дека овој план е способен да ги дуплира економиите на земјите од западен Балкан во наредните десет години. Но, за ова да се придвижи напред, потребно ни е и регионот да се движи напред, брзо. Тоа значи, да се испорача на ЕУ реформите кои се потребни за овој план да биде функционален. Овој план е функционален ако примените ЕУ правила, ако брзо ги спроведете сите ЕУ правила бидејќи тогаш ќе влезете на Европскиот пазар и пред да станете членки на ЕУ,- – Оливер Вархеји – Еврокомесар за проширување.
Албанскиот премиер Еди Рама пак, кој е домаќин на самитот, оцени дека сложените прашања меѓу земјите од регионот мора да се решаваат преку билатерален дијалог. Според него, или земјите од регионот ќе се движат заедно напред или заедно ќе пропаднат.
-Со новиот план за раст кој е во игра, императивот е многу јасен. Или колективно ќе ги преземеме потребните чекори за да се приближиме кон ЕУ и едни кон други или ризикуваме да не успееме да обезбедиме место на масата на ЕУ. Или ќе склопиме мир за да работиме на нашиот просперитет или нашиот недостаток на просперитет ќе не направи да го загубиме мирот. Вака работи ЕУ, вака треба да работи и Западен Балкан,- – Еди Рама – Премиер на Албанија.
Македонија во Тирана е претставена од техничкиот премиер Џафери, а во делегацијата е и вицепремеирот Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Планот за раст кој се однесува на периодот од 2024 година до 2027 година, предвидува 6 милијарди евра за периодот до 2027 година, од кои 2 милијарди неповратна помош, а 4 во вид на поволни кредити. Сепак, помошта за земјите од регионот е условена од спроведувањето на неопходните европски реформи.
Извор: kanal5.com.mk