Ексшефицата на СЈО, Јанева, и поранешниот судија и претседател на Кривичниот суд Скопје, Панчевски, по првпат бараат помилување од шефот на државата, додека бизнисменот Сеад Кочан веќе еднаш се обиде да добие помилување во 2021 година, но безуспешно
Постапката за помилување е регулирана со Законот за помилување и почнува со поднесување молба до судот што ја изрекол првостепената пресуда, од каде што со останатата документација се доставува до Министерството за правда. Потоа ресорниот министер дава предлог до претседателот на државата кој ја носи конечната одлука откако претходно ќе добие мислење од Комисијата за помилување како постојано тело во служба на шефот на државата
Поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, и бизнисменот Сеад Кочан се обиделе да го искористат инситутот Помилување – еден од прерогативите на претседателот на државата, за да го скратат својот престој во затвор каде што издржуваат повеќегодишни казни.
Сепак, како што дознава „360 степени“, претседателот на државата Стево Пендаровски ги одбил нивните барања, односно одбил да ги помилува.
Инаку, Јанева и Панчевски по првпат бараат помилување од шефот на државата, додека бизнисменот Сеад Кочан веќе еднаш се обиде да добие помилување во 2021 година, но безуспешно.
Процедурата е регулирана со Законот за помилување, а во одделот насловен „Комисија за помилување“ на интерент-страницата на претседателот на државата е појаснето како тече целата постапка.
Имено, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот почнува со поднесување молба за помилување до судот кој ја донел првостепената судска одлука.
Потоа, молбата заедно со потребната документација судот ја доставува до Министерството за правда. Согласно законската постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи и дава свој предлог до шефот на државата.
Оттука постапката ја презема Комисијата за помилување на претседателот на државата, која на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.
Инаку, Комисијата за помилување е постојано работно тело во служба на претседателот.
Откако ќе ги разгледа документите, Комисијата со мнозинство гласови од присутните членови утврдува мислење, односно предлог кој потоа го доставува до шефот на државата.
„Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот/министерката за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука“.
Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, а нејзини членови се: Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Кимо Чавдар, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Сафет Алиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска,
За Јанева, Панчевски и Кочан исходот од целата процедура завршил безуспешно, бидејќи конечната одлука на претседателот била негативна.
Ексшефицата на Специјалното јавно обвинителство беше осудена на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, кој доби две години повеќе.
Пресудата за случајот „Рекет“ Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 18 јуни 2020 година, а правосилна стана кон крајот на јули следната година, откако Апелацискиот суд Скопје по повеќе од една од година ја потврди пресудата на првостепениот суд. За одлуката Апелација информираше преку соопштение на 21 јули 2021 г., а два дена подоцна Јанева беше спроведена во затворот „Идризово“ на отслужување на казната.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, затворската казна од две и пол години за злоупотреба на службената положба почна да ја издржува од 3 февруари минатата година, кога сам се пријави во затворот „Скопје“ или во јавноста познат како „Шутка“.
Тој беше осуден под обвинение дека како претседател на Судот местел, односно ги распоредувал предметите кај одредени судии, во периодот од 2013 до 2016 година, злоупотребувајќи го АКМИС – системот за автоматска распределба на предметите. Пресудата во неговиот случај беше објавена на 4 август 2020 г. и според неа тој беше осуден на три и пол години затвор, но Апелација му ја намали казната за една година.
Инаку, судскиот процес против Панчевски се водеше пред Основниот суд Велес.
Претходно, во декември 2019 година тој беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.
Бизнисменот Сеад Кочан, пак, пресудата во случајот „Труст“ на СЈО, во кој беше обвинет за злоупотреба при постапка за јавни набавки, првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје ја дочека на 20 јули 2018 година, со која беше осуден на затворска казна од шест години.
Но, по одлучувањето по жалбите, Апелацискиот суд му ја намали казната на бизнисменот на 4 години и 8 месеци, а со тоа таа истовремено стана и правосилна, со што на 31 август 2019 година тој беше спроведен во затворот „Идризово“ на издржување на казната.
Во меѓувреме, тој поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување, но тоа беше одбиено како неосновано од највисокиот суд во државата на 23 септември 2020 година и му беше потврдена затворската казна од 4 години и 8 месеци.
Нешто повеќе од една година подоцна, односно кон средината на декември 2021 г., медиумите објавија дека бизнисменот е на листата со затвореници кои бараат помилување од претседателот Стево Пендаровски. Но, судејќи по тоа што во периодот што следуваше неговото име не се најде и на некој од списоците на помилувани, кои обично кабинетот на претседателот ги објавува по повод некој празник, овој негов обид останал безуспешен.
Инаку, ако се земе предвид моментот од кога Кочан почна да ја отслужува затворската казна – 1 август 2019 година, на бизнисменот му остануваат уште 11 месеци да излезе од затвор.
ИЗВОР: 360stepeni.mk