Претор е на најсончевата страна од брегот на Преспанско Езеро, природата не штедела, напротив дала густа борова шума, прекрасни предели и вода, многу вода која допирала до патот што го одвојува езерото од туристичката населба.
Претор за првпат, систем за наводнување добива во 1958 година, електрична енергија во 1959 година, а со водовод се здобива во 1960 година. Хронолошки, првите телевизори се набавуваат во 1965 година, патот е асфалтиран во 1981 година, а првите телефонски приклучоци регистрирани се во 1988 година. Претор, во оваа 2025 година ќе добие канализациски систем и пречистителна станица.
Разликата во инвестициските периоди, според локалното население го дава резултатот на сегашните состојби во кои евидентни се запуштеноста на овој, но и останатиот дел од преспанскиот брег, а тежок удар задала и транзицијата по која работничките одморалишта целосно згаснаа, а дел пропаѓаат поради негрижа и нејасна сопственост.
На источната страна од Преспанско Езеро, сонцето најдолго грее, почнувајќи од раните утрински часови и се до доцно зајдисонце. Тоа е најсончевата страна на брегот и затоа Претор од секогаш беше најкористен за престој и капење, вели нашиот соговорник Панде Димитровски.
– Во туристичката населба Претор бев од 1974 година до 1987 година и најголем дел од волонтерскиот ангажман, воедно и најубавиот дел од мојот живот го минав во Феријалното летовалиште „Студент“ – Претор. Почнав како соработник и стигнав до управник на летовалиштето кое иако беше сопственост на УКИМ-Скопје, сепак, ние феријалците менаџиравме со објектот. Во тоа време, во туристичката населба имаше неограничен број на легла кои беа во шатори, камп приколки и бунгалови. На влезот на туристичката населба, таму каде што деновиве почна изградбата на инфраструктурен систем, порано беше кампот на Сојузот на извидниците, а до него и објект на Здружение на пензионерите. Сега таму нема ништо. На овој дел од туристичката населба беа и одморалиштата на „Црн бор“ и „Тутунски комбинат“ од Прилеп, потоа одморалиштето на фабриката за шеќер „4-ти Ноември“-Битола, „Макошпед“, трикотажа „Пелистер“, кожара „Битола“, „Транскоп“ и „Македонија пат“. Преполни беа детските одморалишта на Црвен крст, Феријално летовалиште „Студент“ и Феријално летовалиште „Преспа“. И тогаш, и сега, населението се соочуваше со ист проблем – немање инфраструктура. Немаше доволно вода за пиење и немаше систем за отпадните води. За жал, во тоа време, општината на која и припаѓа Претор, а тоа е Општина Ресен, не беше заинтересирана за вложување во инфраструктурни проекти, а населението во најголем дел се занимаваше со најпрофитабилниот бизнис, а тоа беше производство и продажба на јаболка. Туристичката населба Претор располагаше со над 5.000 легла, езерото имаше многу вода дури до патот, а при невреме патот често беше поплавуван, потсетува Димитровски.
Во дневникот со спомени за незаборав на Панде Димитровски остануваат забележани бројни настани и манифестации поврзани со животот во туристичката населба каде игралиштето под рефлектори се организираа турнир во мал фудбал, избор на Преторска убавица, маскенбал, Преторска свадба и други забавни манифестации. Тоа повеќе го нема.
Во Претор треба многу да се менува почнувајќи од сообраќајниот знак на главната сообраќајница што води до македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога, каде јасно се посочува дека езерото е на далечина од еден километар, но во шега преторчани велат дека знакот треба да се смени, бидејќи сега езерото е многу подалеку.
– Ќе се измориш додека стигниш до вода, а ако одлучиш да пливаш, тогаш треба уште толку одење низ вода се до пристојна длабочина. А, пред три децении водата беше на два-три метри од патот. Најчести викенд гости беа битолчани и прилепчани, но и работничките одморалишта беа на пелагониски фирми, ама и тогаш како и денес проблем беше водоснабдувањето особено во екот на сезоната, но и недостигот од канализациски систем. Таквата фалинка никому не пречеше, затоа што туристичката населба беше преполна, се сеќава Науме Ристески, кој пензионерските денови, од пролет до есен ги минува во Претор и со задоволство ни ја пренесе приказната од неговиот дедо дека името на населбата која е од доцноантичко време, се поврзува со поимот „претовар“ или „претоар“ затоа што токму во Претор врвеле карваните со стока која доаѓала и заминувала од југ кон север и обратно.
Сегашнава генерација преспани е едногласна дека езерото треба да се заштити, да запре деградацијата, да се обновуваат природните функции на езерото, да се подобри квалитетот на водата, а овоштарите доследно да користат агроеколошки мерки со рационално, штедливо водоснабдување на земјоделските површини.
– Не ме сликај мене, вели Науме, сликај ја оваа цевка која порано беше под вода. Порано на брегот стававме знаци со опомена да не се плива околу цевката и никој да не се качува бидејќи често пати храбрите момчиња или девојчиња се повредуваа скокајќи од цевката во водата. Сега цевката е обрасната со трева, а и големо дрво никна во ова време кога езерото се повлекува, исчезнува пред нашите очи, насолзено појасни Науме, неверувајќи дека главен причинител за намалување на водата во езерото е наводното истекување на Преспанско Езеро кон Охридско Езеро, бидејќи Преспанско Езеро е на надморска висина од 853 метри, а Охридското езеро е на надморска висина од 695 метри.
Со стартот на новиот проект на ЕУ и УНДП, како и со енергичниот пристап на локалната самоуправа за изградба на околу 35 километри потребна инфраструктура во Претор и други населени места на преспанското крајбрежје, зафат кој треба да заврши за 10 месеци, се охрабрува не само локалното население, туку и идните инвеститори кои ќе се приклучат на во моментов ретките хотелиери и угостители кои градат на брегот на Преспанско Езеро.
Моќта на проектот „ЕУ за Преспа“ директно ќе придонесе и за заштита на овој како што го нарекуваат споменик на природата со 50 ендемски видови на животни, 19 видови на ендемски растенија, девет ендемски видови на риба или пет во балкански рамки, а од нив во Преспа досега се пронајдени четири. Да потсетиме, Преспанско Езеро е една од најважните орнитолошки локации во Европа бидејќи 216 видови на птици се забележани во Езерани, а познатиот Далматински пеликан со околу 1.600 регистрани парови, живее, се гнезди и се размножува на Преспанското Езеро.
Езерото се повлече, но ќе се врати, впрочем самата преспанска населба Наколец името го добила од наколната населба која постоела, била оддалечена од езерото, па потоа со зголемување на нивото на водата, езерото ја потопила. Природата си го прави своето, но за Преспа, сега на потег е човекот.
Извор: 24vesti.mk