Пратеничка во градоначалничка трка: Со Стаменкоска Трајкоска за Кисела Вода, Орце, проектите и противниците

September 21, 2025
4 mins read

Од собраниската говорница каде како пратеничка гласно дебатираше за сите теми од интерес на народот, Бети Стаменкоска Трајкоска  влегува во трка за градоначалник на општина Кисела Вода.

Во интервју за КУРИР таа одговара што претставува за неа одлуката на владејачката партија токму таа да бидете личноста со која ќе бараат доверба во оваа скопска општина.

-Зарем има поголема чест, една партија која што е така моќна, така добро организирана, да даде доверба на една жена која што претходно се покажала и докажала? Од пратеничките клупи, со поддршката од партијата одлучив да бидам кандидат за градоначалник на Кисела Вода. Сакам да спомнам за големата и тежината на одлуката која што и тие како партија ја имаат донесено, но исто така и јас како личност што ја донесов. Јас како личност, колку и да човек размислува, сепак е предизвик голем бидејќи е голема одговорноста која што допрва следи, од една страна, но исто така и она ниво на работа која треба да се покажува во иднина за Кисела Вода, треба да биде уште поголемо, бидејќи знаеме во каква состојба е општината сега, а во каква беше пред 4 години. И не ме плаши и сум многу силна и храбра заради тоа што стои една одлична партија, еден одличен тим позади мене. Сигурна сум дека ќе имам поддршка и дека одлично ќе ја завршиме работата. Јас знам да се шегувам во овој дел, дека ќе бидам подобра од Орце со негова помош. Тој како градоначалник на Скопје ќе продолжи совршено добро да си ја работи работата, а со негова помош, тимски како што соработувавме и претходно, ќе продолжиме да ја градиме Кисела Вода во оној правец каде што навистина заслужува цела држава, рече таа во интервју за КУРИР.

Жителите на Кисела Вода ја познаваат, а состојбата во општината за неа не е непозната. Таа постојано е меѓу своите сограѓани, тука живее, се сретнува и разговара со нив. Ја прашавме какво место за живеење е Кисела Вода, а таа одговара – најубаво во цела Македонија.

-Кисела Вода е една од најубавите општини, нека ми простат сите општини останати во Република Македонија. Јас Македонија многу си ја сакам, ама секако најмногу тежи од каде што ни е грутката. Кисела Вода како општина изобилува со многу различности,различности кои на крајот се привлекуваат. Ние овде имаме еден урбан дел, но имаме и рурален дел. Имаме многу зеленила, многу паркови, имаме многу паркови, имаме многу организирана средина, но исто така можам слободно да кажам Кисела Вода изобилува со можност кога некој човек сака да ужива во мир, во тишина, да си го дозволи тоа, но кога сака да има поинтензивна атмосфера, нешто поатрактивно или покултурно и тоа да го има. Тие различности привлекуваат многу луѓе да се населуваат, тука да работат. Општината нуди многу, а и во иднина со плановите кои ги имаме, може да понуди уште повеќе, вели Стаменкоска Трајкоска.

Актуелниот градоначалник и кандидат на изборите за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, направи една преобразба на општината. По четири години, неговиот наследник ќе има тешка задача да го задржи темпото и да ги исполни очекувањата. Стаменкоска Трајкоска вели дека со голема посветеност може да се успее, а дека општината со која сака да раководи заслужува макотрпна работа

-Мене неговото темпо ни најмалку не ми е непознато. Многу убаво го знам заради тоа што многу добро соработуваме и знам што значи целосна посветеност. Пред сè за општината, за граѓаните и за секој еден човек. Орце е толку широк човек  што не се ограничува само на територија на Кисела Вода. Тоа е до карактерот. Свесна сум и знам дека со голема посветеност може да се успее и секако тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина. Општината го заслужува тоа и ние како луѓе треба да се стремиме секој еден период во нашиот живот да се искачуваме на ниво погоре. И работењето кое досега го имавме овде во Кисела Вода, јас како пратеник, на почетокот сме биле едни, со тек на време се изградуваме да бидеме уште подобри, така е во секоја област и предизвик кои ќе ги работиме, да бидеме подобри од она што сме биле претходно. Со работа може тоа да се направи, истакна кандидатката за градоначалник на Кисела Вода.

Образованието е во нејзиниот фокус. Таа по професија е професор, добитничка на орден „Витез од редот на академски палми” од Француската Република.

Поддржувач е на реформите кои водат до поквалитетен образовен систем во Македонија. На образованието ќе стави посебен акцент и во програмата за локалните избори.

Противниците со кои Стаменкоска Трајкоска ќе се соочи на изборите, веќе се познати. Вели дека очекува „прљава“ кампања додека таа најавува искрен пристап, чесност и позитивна кампања за граѓаните.

-Ќе употребам еден збор, многу „прљава“. Зошто? Заради тоа што на уште незапочната кампања, јас на лица кои се на нивните советнички листи сум предмет на невреди и омаловажувања, на дискриминација затоа што сум жена пред сè. Затоа што имам одреден стил на облекување или не знам што сум предмет на многу голема критика и навреди. Очекувам сè од нивна страна, но тоа ни најмалку не ме обесхрабрува, туку баш напротив ме прави посилна и поуверена во тоа дека во оваа битка, јас ќе успеам. Јас имам намера да водам една позитивна кампања за граѓаните. Од противниците кои ги имам, за дел имам сознанија дека се финансирани од некого за да бидат противници, но тоа е нивни избор. Јас знам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера, чесноста која лежи во мојот карактер и сум сигурна во успехот кој ќе го постигнеме, за сите нас, рече таа.

Довербата од граѓаните на избори ќе ја бара со богата програма полна со проекти за добробит на сите. Акцент ќе се стави на чиста и здрава средина, решавање на проблемите на граѓаните, а во фокус вели ќе бидат сите категории на луѓе и животните.

-Со многу проекти изобилува програмата. Најголем акцент ќе се стави на чистата и здрава животна средина, Кисела Вода да биде уште подобра. Општината изминатиов период не добиваше поддршка од Град Скопје и заради тоа е состојбата на незадоволително ниво. Иако самата општина и вработените со градоначалникот даваа максимум од себе да се одржуваат површини кои не се во нивна надлежност туку во надлежност на Град Скопје. Тимски тоа мораме да го надминеме. Ќе го решаваме  проблемот со паркирање затоа што иако беа направени повеќе од 1000 паркинг места, уште постои проблемот со паркирање. Детски катчиња ни требаат повеќе, треба наталитетот да се зголемува, општината треба да дава поддршка и мотив со организирање на секојдневното живеење на родителите. Ние во Кисела Вода немаме листи на чекање во градинките, но треба да се фокусираме и на тој декоративен момент. Фокус во програмата ќе ставиме на младите, на пензионерите, на сите категории на луѓе, но исто така и животните не се исклучени. Домашните животни знаат да бидат еден многу голем, близок дел од секојдневниот живот на граѓаните. Пријателска средина на повисоко ниво. Да продолжиме по патот на успехот и да ја направиме Кисела Вода многу подобро место за живеење, истакна Стаменкоска Трајкоска.

По немилите настани, каков што имаше и во Кисела Вода, таа оцени дека „Пожарите кои се случуваат не се резултат на случајност, туку на организирани дејствија со цел да се наруши безбедноста и да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните“.  Во интервју за КУРИР детално објаснува која е всушност нејзиното размислување на оваа тема.

Целото интервју со Стаменкоска Трајкоска за КУРИР, погледнете го во видеото

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

Меџити: Новите засилувања во ВЛЕН се гаранција за успешен Чаир

Следно

Меџити и поранешниот скопски муфтија Бериша ги обединија визиите за младите и иднината

Latest from Blog

БРАКО ДОНИРАШЕ ЕКГ ВО БОЛНИЦАТА ВО ВЕЛЕС

БРАКО донираше апарат за ЕКГ на Интерното одделение во болницата во Велес, на барање на болницата која се обрати до БРАКО за помош за итна неопходна замена на расипано EKГ, како елементарно

Леверкузен и Менхегладбах одиграа без победник! Унион Берлин во голеда со победа кај Франкфурт!

ФОТО: Bayer 04 Leverkusen/FB Леверкузен беше блиску до втората победа во сезоната досега, втора по заминувањето на Тен Хаг, но тоа не се случи. На крајот Леверкузен – Менхенгладбах 1:1 (0:0). Домашните

Меџити и поранешниот скопски муфтија Бериша ги обединија визиите за младите и иднината

Првиот вицепремиер и кандидат на владејачката коалиција ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари средба со поранешниот муфтија на Скопје, Зенун Бериша. За време на оваа средба, двајцата соговорници разговараа

Меџити: Новите засилувања во ВЛЕН се гаранција за успешен Чаир

Првиот вицепремиер и кандидат на владејачката коалиција ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари средба со г-ѓа Филиз Ндоци, магистер по Политички науки и Дипломатија, заедно со група храбри жени
Go toTop