Познати цитати, други перспективи

May 29, 2025
3 mins read

(Обраќање по повод врачувањето на наградата Роман на годината за 2024)

Калина Малеска

Во романот Тешки времиња од Чарлс Дикенс, Томас Гредграјнд, кој води училиште што го моделира според своите визии за тоа како би требало да изгледа училиште за пример, ги предупредува учителите да избегнуваат употреба на имагинацијата. „Учете ги овие момчиња и девојчиња на факти и ништо друго освен факти. Само фактите се важни во животот,“ извикува Гредграјнд со ентузијазам, обраќајќи им се на учителите.

Потоа Гредграјнд им се обраќа и на учениците. Бидејќи учениците ги означува со бројки наместо со имиња, тој бара од „девојчето број дваесет“ да дефинира што е тоа коњ. Девојчето се збунува и не умее да артикулира соодветна дефиниција според мерилата на Гредграјнд. Потоа тој се врти кон едно бледо момче кое успева ја даде следнава дефиниција за коњ:

„Коњот е четириножно животно. Тревопасно животно. Има четириесет заби, имено дваесет и четири моларни заби, четири песјаци и дванаесет секачи. Ја менува гривата во пролет.“

Веројатно никој, дури ни момчето принудено да ја каже оваа дефиниција, значи никој освен Гредграјнд, не го доживува коњот на ваков начин, до кој се доаѓа, повторно според Гредграјнд, со употреба само на факти, и без (за него непосакуваната) имагинација.

Необично е за мене да го дадам овој пример за примарноста на имагинацијата во однос на фактите, бидејќи јас сум голем поборник за фактите. Но токму тоа е и поентата што сакам да ја истакнам. Наспроти идејата на овој шармантен, духовит и ироничен извадок од Дикенс, фактите и имагинацијата не се спротивставени поими. Тие не постојат во чиста форма – како само факт, од една страна, и само имагинација, од друга. Тие се надополнуваат меѓусебно и егзистираат во илјадници нијанси.

Имагинацијата всушност овозможува да се видат и фактите на поинаков начин, да се види коњот како нешто многу повеќе од она што го содржи дефиницијата. Тоа не е напуштање на фактите, туку нивно гледање низ различна призма. Имаганинацијата овозможува да се формулираат безброј светови, да се навлезе во меѓучовечките односи, да се откријат релациите меѓу луѓето и другиот жив и нежив свет. Имагинацијата не претставува негација на фактите. Напротив, таа овозможува да се сфатат фактите и да се формулираат визии за подобрување на делови од светот.

Книжевноста, или попрецизно, онаа книжевност што навлегува подлабоко во суштината на нештата, книжевноста што вознемирува, што не е удобна, што им дава израз на различни гласови, на поинакви перспективи на она што веќе сме го виделе и мислиме дека го знаеме – само таквата литература овозможува да ги увидиме овие феномени.

Убавината и една од препознатливите карактеристики на книжевноста може да биде нејзината непрагматичност или она што се чини дека е или се стреми да биде непрагматичност. Од друга страна, убавината и една од препознатливите карактеристики на книжевноста може да биде и нејзината ангажираност и инсистирање гласно да зборува за општествените феномени од своето опкружвуање, затоа што тие го засегнуваат секој човек, а со тоа и секој писател и писателка.

Она на што сакам да се задржам овде е еден феномен поврзан со односот кон литературата. Имено, постои општа и забележителна тенденција – и кај нас и во светот – да се повторуваат цитати од еминентни автори кои останале запаметени во националната и светската книжевност. Ваквите цитати можеме да ги видиме, сретнеме, прочитаме во медиумите, на социјалните мрежи, во книжевните статии, во обраќањата за време на литературни настани, во меѓусебните разговори. Некои од нив толку често се цитираат и преповторуваат што стануваат митологизирани изрази на мудроста на еден писател, а некогаш се прифаќаат и како народна мудрост.

Но убавината и една од препознатливите карактеристики на книжевноста се состои во потенцијалот да им даде глас на обезгласените, да овозможи нови, претходно неслушнати, гласови, поинакви перспективи на светот, книгите, на настаните што ги сведочиме, со употреба и на фактите и на имагинацијата.

Затоа перцепцијата на познатите книги и познатите цитати преку други гласови, обидот тие да се промислат критички, да се разбере идеологијата и светогледот што тие (и нивните ликови) го носат зад видливите зборови, е суштинска карактеристика на литературата многу повеќе отколку повторувањето цитати со цел тие да се востоличат како безвремени мудрости.

Во Тешки времиња на Дикенс, ликовите, дури и Гредграјнд, учат дека, освен фактите, во животот е неопходна и имагинацијата. Тука фактите и имагинацијата се спротивставени и меѓусебно се исклучуваат. Тоа не значи дека мора да ги прифатиме така. Напротив, критичкото промислување и увидувањето на она што е зад зборовите може да ни каже многу повеќе и за времето во кое живеел писателот и за животот во нашето време. Меѓусебната интеракција на фактите и имагинацијата, на романот на Дикенс и различните перспективи за него, создаваат нови можности за разбирање и менување на светот, на општеството, на животот, на книжевноста.

Постоењето на наградата Роман на годината повеќе од две ипол децении, преку поттикот на развојот на романот како жанр, придонесува да стане видлив потенцијалот на литературата да овозможува други, претходно исклучени или неслушнати гласови. Затоа ми е голема чест што ја примам оваа награда. Благодарна сум на сите кои оставија печат врз мене и со тоа и врз романот „Светот што го избрав“, особено сум благодарна на издавачот и на неколку личности кои директно ми овозможија и ми дадоа поттик да го напишам романот, како и на членовите на жирито и на читателите кои препознаа вредност во романот и го доживеаја како свој.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Имер Селмани за лидерската трка во ВЛЕН: Изет Меџити ја доби битката со Таравари!

Следно

ЈКП „Тетово“ и натаму е во криза, бара од општината 5,9 милиони денари помош

Latest from Blog

Од УКЦС отпуштени последните двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани – лекувањето продолжува во Македонија

Последните двајца пациенти кои се лекуваа во Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС) во Белград поради повреди здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани, денеска беа отпуштени од болница. Станува збор за

ДСЗИ: При инспекциските надзори во врска со смртта на детето од Кавадарци не се констатирани недостатоци од наша надлежност

При инспекциските надзори не се констатирани недостатоци од надлежност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со починатото тригодишно дете од Кавадарци, информираа денеска од ДСЗИ за МИА. Имајќи во

Курбан Бајрам, празник на солидарноста, благосостојбата и помирувањето

Муслиманите во Македонија и ширум светот денеска го слават Курбан Бајрам, најзначајниот празник во исламкиот верски календар по Рамазанскиот Бајрам (Фитр Бајрам). За да го одбележат овој празник, муслиманите принесуваат жртва –

Македонија вечерва ја пречекува Белгија во мундијалските квалификации

Македонската машка фудбалска репрезентација вечерва во Скопје ја пречекува Белгија во рамки на квалификациите за пласман на Светското првенство 2026. Избраниците на селекторот Благоја Милевски се очекува да имаат поддршка од околу
Go toTop