Пожари насекаде во регионот: Албанија, Бугарија, Грција, Турција… мака мачат со гаснење на огнените стихии

July 27, 2025
3 mins read

Со денови беснеат пожари во соседните Албанија и Грција, при што огнените јазици зафатија стотици хектари, предизвикаа материјална штета и доведоа до евакуација на население.

Во двете земји состојбата е алармантна, а надлежните служби водат жестока борба за локализирање на пожарите, кои поради високите температури и силниот ветер се шират со голема брзина.

Во Албанија, пожарот што избувна пред неколку дена досега уништи 21 куќа и една црква. Поради неговото ширење кон нови населени места, евакуирани се жителите на три села. Во интервенцијата се вклучени 60 пожарникари, четири армиски возила, хеликоптери и екипи од унгарската поддршка. Медиумите јавуваат дека началникот на полициската станица во Делвина, Агим Троци, за време на гаснењето успеал да спаси дете и повозрасна жена, но се здобил со изгореници и е хоспитализиран. Покрај него, уште пет лица се соочиле со задушување.

Според податоците, во Албанија дневно се регистрираат во просек по 25 пожари, а досега изгореле над 450 хектари вегетација, маслинови насади и шумски површини.

Ситуацијата е драматична и во Грција, каде во изминатите 24 часа се пријавени 29 пожари, од кои 13 се сè уште активни, а шест под надзор. Огнот беснее во источниот дел на областа Атика (во близина на Атина), на островите Евија и Китира, во северна Грција, како и во јужниот дел на Пелопонез. Од бројот за итни случаи 112 беа испратени пораки за евакуација на жители во неколку погодени области.

Во пожарот во централна Евија изгореа две противпожарни возила, а четворица пожарникари со полесни повреди на рацете и очите, како и со респираторни проблеми, се пренесени во болница. Во оваа област интервенираат 115 пожарникари, шест пешадиски тимови, 24 возила, седум хеликоптери и шест авиони.

И во Дросопиги, на околу 30 километри од Атина, пожарот се шири неконтролирано, со неофицијални информации дека се зафатени неколку куќи. Слична е ситуацијата и на островот Китира, каде се евакуирани неколку населени места, како и во Месинија на Пелопонез и во делот меѓу Птолемаида и Кожани, на северот од земјата.

Грчките власти предупредија дека опасноста од пожари за денешниот ден е на највисокото ниво – категорија 5 – во Атика, Евија и делови од Пелопонез, според Министерството за цивилна заштита и климатски кризи.

За активните пожари на неколку различни локации низ целата земја, Грција побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да се испратат шест авиони, информираше портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракојанис, јави дописничката на МИА од Атина.

Но, ништо поразлично не е ниту во соседна Бугарија, а ситуацијата во Турција е уште подраматична.

Турската Дирекција за управување со вонредни ситуации (АФАД) евакуираше 2.619 лица откако оваа недела Турција се соочи со серија интензивни шумски пожари во повеќе провинции, јави весникот „Дејли сабах“.

Пожарите, поттикнати од екстремно високи температури, силен ветер и сушно време, мобилизираа илјадници спасувачи и доброволци кои учествуваат во гаснењето на огнот. Екипите се активни од воздух и копно, а според АФАД, ангажирани се 4.231 лице, 45 летала и 1.236 копнени возила.

Најтрагичниот инцидент се случи во средата, во руралниот дел на провинцијата Ескишехир, каде животот го загубија десет лица – пет шумски работници и пет припадници на организацијата АКУТ за пребарувачко-спасувачки операции, додека се бореле со огнената стихија.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, изјави во петокот дека во гаснењето учествуваат 27 авиони, 105 хеликоптери, 6.000 возила и 25.000 лица. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Бугарскиот премиер Жељасков исто така побарал да се активира Европскиот механизам за цивилна заштита.

Очекуваме четири хеликоптери – од Чешка, Унгарија, Словачка и Франција, како и два авиона од Шведска да се приклучат денеска во гаснењето на пожарите на територијата на Бугарија во рамките на Европскиот механизам за цивилна заштита. Ова го изјави премиерот на Бугарија, Росен Жељазков, кој коментираше на темата за време на неговата официјална посета на Република Молдавија, јави БТА.

Желјазков истакна дека пожарите во државата во овој момент се околу 240, кои предизвикуваат штета, вклучително и прекуграничен ефект.

Росен Жељазков нагласи дека 95% од пожарите се предизвикани од човечка небрежност и ги повика луѓето да бидат внимателни и одговорни, особено во текот на летната сезона и високите температури.

Според премиерот на Бугарија, ситуацијата во врска со пожарот кај Струмјани останува тешка, каде што, покрај воените хеликоптери, ќе бидат вклучени и 50 воени лица од Министерството за одбрана.

Луѓе се евакуирани од пожарот во близина на селата Тран, а пожарот кај Лесово ја премина границата со Турција.

Европскиот механизам е активиран и европската солидарност функционира, рече премиерот на Бугарија, Росен Жељазков.

Проблем со пожари има и Црна Гора.

Ситуацијата со пожарот на планината Ловќен во јужна Црна Гора се подобри по интервенцијата на пожарникарите од Цетиње и Котор, кои минатата ноќ останаа на терен, изјави началникот на Службата за заштита и спасување, Милош Чечановиќ.

„Монтираме резервоар за вода и очекуваме хеликоптер да пристигне за да го изгасне пожарот“, изјави Чечановиќ утрово за порталот на РТЦГ. Според него, ноќта била напорна, но со помош од колегите од Котор ситуацијата е ставена под контрола.

Во вчерашната операција учествувале две специјализирани возила со десет пожарникари од Цетиње, како и 12 пожарникари од Котор со четири возила.

Пожарот започнал покрај магистралниот пат кон Котор, зафаќајќи ниска вегетација, а силниот ветер дополнително го отежнал гаснењето.

Чечановиќ додаде дека е активен и друг пожар во Очиниќи, во јужниот дел на земјата, и дека се очекува воздушна поддршка од Дирекцијата за вонредни ситуации.

Во меѓувреме, Радио-телевизија Никшиќ јави дека еден пожарникар е повреден за време на интервенција во градот Грахово, каде што е вклучено и хеликоптерско одделение.

Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора предупреди дека топлотниот бран ќе продолжи најмалку уште два дена, со температури над 40 степени, поради пристигнување на уште потопол воздух од централниот Медитеран.

Извор: kurir.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ристоманов: Нè трујат за профит, а никој не истражува

Следно

Дури 33 пожари на отворено – 12 активни, 5 под контрола, 16 изгаснати

Latest from Blog

ФОТО Мицкоски во Лабуништа: Искрен разговор за состојбите и заедничката иднина

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска ја посети Лабуништа – населено место во општина Струга, каде што оствари средба со локалното население и претставници на заедницата. „Посета на пријателска Лабуништа. Искрен разговор за состојбите

„По свадба тапани“, откако пламените јазици ја сардисаа Македонија, власта на Мицкоски вежба патриотизам

АКТИВНИ ПОЖАРИ (12): 1. Василево / Радовиш / Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); 2. Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки

Израел го приведе екипажот на хуманитарен брод, меѓу нив и пратенички од Франција

Хуманитарниот брод „Хандала“, кој беше пресретнат од израелската војска, пристигна во пристаништето Ашдод на југот на Израел, јави француската телевизија BFM. Членовите на екипажот, меѓу кои и две пратенички од француската партија

Активни пожари во кумановските и селата од општина Старо Нагоричане Бељаковце, Стрезовце, Сув Ора и во Руѓинце

Активни се пожарите во кумановските и селата од Старо Нагоричане, информираа денеска од противпожарните единици. Пожар зафати поголема површина во кумановските села Облавце, Бељаковце, Стрезовце, Руѓинце, а се прошири и кон Сув

Израел го одвлече бродот со помош за Газа до пристаништето Ашдод, ги испрашува активистите на бродот

АНКАРА (АА) – Израелските сили денес до пристаништето Ашдод во јужен Израел го влечеа запленетиот брод со хуманитарна помош, кој се обиде да ја пробие опсадата на Појасот Газа, соопштија локалните медиуми,
Go toTop