Полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора во интервју за МИА вели и во Брисел на билатерално ниво се работи на приближување на ставовите меѓу Скопје и Софија. Тој нагласува дека полското претседателство сака да го придвижи процесот на проширување, со надеж на конкретни чекори и конкретен напредок во процесот, но оти обврските преземени од нашата држава треба да се исполнат. Бримора посочува дека земјава треба да продолжи со борбата против корупцијата, којашто е проблем број еден во општеството и оти Владата и сите политички чинители треба да се борат против корупцијата и да ги стават работите под контрола. Тој вели дека реформите, парите од Планот за раст, плус неопходните услови што треба да се исполнат што се однесуваат на уставните измени, ќе ги отворат вратите за почеток на преговори.
-Полското претседателство сака да го придвижи процесот на проширување, со надеж дека ќе покажеме конкретни чекори и конкретен напредок во процесот. Работиме на ова, не само во Брисел, туку и на други билатерални нивоа. На крајот од февруари, заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, ја посети Софија и имаше разговори таму, вклучително и за проширувањето на ЕУ и патот на Северна Македонија кон Унијата. Така што, правиме се што можеме, но повторно, кога ме прашувате за следниот чекор, мојот одговор е ист – треба да ја исполните својата обврска. Има една стара поговорка „Pacta sunt servanda“, односно договорите мора да се исполнат. Оваа обврска на Северна Македонија стана дел и од позицијата на Брисел. Комесарката Кос јасно кажа дека очекува Северна Македонија да ја исполни обврската со цел да се придвижи процесот. Што и да кажеме повторно доаѓаме до истиот заклучок – се почнува со уставната обврска – а потоа процесот може да продолжи, вели Бримора во интервју за МИА.
На прашањето дали е можен нов договор со Софија и дали т.н. „тивка дипломатија“ што се води, може да донесе резултати, вели дека секогаш има простор за разговор и оти претставниците на Владата ја користат секоја можност при средбите со нивните партнери на меѓународни форуми да разговараат за овој проблем, но како што вели, потребно е исполнување на обврска согласно договорот од 2022 година.
-Убедени сме дека проширувањето на ЕУ ќе ни помогне да ги исполниме нашите безбедносни цели, така што тоа останува приоритет и на полското претседателство. Мислам дека не треба да бидете загрижени за датумот 2030 година. Вистината е, како што сите знаеме овде, дека треба да го почнеме процесот на пристапување. А, за да започне пристапниот процес, Северна Македонија треба да ја исполни својата заложба и да го промени Уставот, поради обврската што ја презедовте во 2022 година при потпишувањето на договорот. Откако ќе го направите тоа, можеме да го планираме процесот и да ги отвориме преговорите речиси веднаш. Значи, датумот сега не е проблемот. Најголемиот проблем и проблемот што го имаме овде и сега е да го овозможиме почетокот на преговорите, рече Бримора.
Тој вели дека очекувањата од Владата се дека ќе покаже политичка волја да го придвижи процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и комплетирање на процесот на реформи.
-Потребна ни е политичка волја, потребно ни е комлетирање на реформите во Северна Македонија, и потребно е да се осигураме, мислам на политичарите тука, дека нема да ја изгубат поддршката од македонското општество за членство во ЕУ, бидејќи веќе знаеме од анкетите на јавното мислење дека оваа поддршка оди надолу, бидејќи општеството е веќе заморно од чекање. Затоа мора да бидеме многу внимателни да не ја изгубиме поддршката од општеството. За среќа, последните истражувања на јавното мислење што беа објавени пред само неколку недели, мислам дека се уште беа на нивото малку над 60 отсто така што мора да го искористиме тој ентузијазам, вели Бримора.

Тој посочи дека во моментов, Комисијата, Брисел, Претседателството, секој е подготовен за процесот на проширување.
-Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите-кандидати. Проблемот со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидивоста, проблемот е дека ваквиот моментум може и да не трае вечно. Значи, задача на Владата на Северна Македонија е да го искористи овој моментум се додека трае, истакнува Бримора.
Во однос на билатералните односи со Полска, амбасадорот вели дека политички тие се одлични, но оти треба да се работи на зајакнување на економската соработка. Истакна дека полски експерти работат на неколку проекти што се однесуваат на безбедноста во сообраќајот и транспорт на патници и стока.
Во однос на односите меѓу ЕУ и САД, како земја претседавач со Унијата, амбасадорот вели дека Брисел го гледа САД и понатаму како нивен најважен сојузник и како партнер со кој мора да ја градиме безбедноста во Европа.
-Иако имаше одредени предизвици на почетокот, како проблемот со царините, веруваме дека тие треба брзо да се решат. Ова не е време да дозволиме таквите прашања да влијаат врз соработката меѓу Европа и САД, затоа што, како што реков, безбедноста е сега најважното прашање, додаде тој.
Бримора нагласи дека САД ги гледаат како најважен сојузник и во контекст на трансатлантските односи и во рамките на НАТО.
-Полска и полското претседателство имаат намера да работат на изградба на одбранбена инфраструктура, а новата американска администрација можеби и нè поттикнува ние, Европејците, да сфатиме дека навистина треба повеќе да се ангажираме во однос на одбраната и безбедноста. Тоа претставуваше еден вид сигнал до Европа дека треба да размисли за поголеми инвестиции во одбраната и за преземање на поголема контрола. И тоа веќе се спроведува, го имаме планот за 2030 година како краен рок до кој треба да ја подобриме европската безбедност. Но, тоа не ја менува суштината дека сето тоа сакаме да го направиме во рамките на соработка со Соединетите Американски Држави, додава полскиот амбасадор.
ИЗВОР: racin.mk