ИСТАНБУЛ (АА) – Првиот турски електричен автомобил ТОГГ ќе им биде достапен на купувачите преку поединечни нарачки преку преднарачки овој месец, а испораките се очекуваат во текот на тековната година, јавува Анадолу.
Поединечните нарачки на турскиот автомобил ТОГГ преку интернет-платформата ќе бидат можни од 16 до 27 март, а испораките на возилата на купувачите ќе бидат реализирани во текот на 2023 година, се потврдува денес од оваа компанија.
Моделот „T10X“, што излезе од производната лента на Денот на Републиката, 29 октомври 2022 година, наскоро ќе се најде во гаражите на поединечните купувачи, кои ќе решат да нарачаат однапред преку интернет-платформата на компанијата.
Цената на основниот модел започнува од 953 илјади турски лири (ТЛ) или приближно 46 илјади евра, а на купувачите им се достапни опции со посег на батерии од 523 и 314 километри, чие основно полнење од 20 до повеќе од 80 отсто е можно во помалку од 28 минути.
– Производство на домашниот автомобил во Туркије
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пушти во производствена линија првиот домашен електричен автомобил ТОГГ на 99-годишнината од Денот на Републиката, 29 октомври 2022 година.
Со иницијатива на претседателот Ердоган оживеа турскиот сон за домашен и национален автомобил, а за кратко време заврши потрагата по инвеститори под раководство на Сојузот на комори и берзи на Туркије (ТОББ).
Домашното производство на автомобили се врши под координација на Министерството за индустрија и технологија на Туркије и ТОББ, а Протоколот за соработка за заедничко вложување во автомобилскиот проект беше потпишан на 2 ноември 2017 година од компаниите Анадолу Груп, БМЦ, Кирача Холдинг, Туркчел Груп и Зорлу Холдинг.
Кон крајот на 2019 година беше одредена локацијата каде ќе се гради фабриката, а со присуство на претседателот Ердоган беа претставени карактеристиките и прототипите на двата модели на турскиот електричен автомобил Ц-СУВ и Ц-седан.
Изградбата на фабричкиот комплекс за производство на електрични автомобили во областа Ѓемлик во Бурса официјално започна во јули 2020 година на површина од 1,2 милиони квадратни метри.
Новото лого на ТОГГ беше претставено на 18 декември 2021 година. Двете стрелки во дизајнот на логото, што се спојуваат во скапоцен камен во средината, го симболизираат спојувањето на источните и западните култури и нагласуваат дека ТОГГ е технолошка компанија која ги спојува технологијата и луѓето на раскрсницата денес и утре.
Тестирањето на турскиот автомобил ТОГГ беше извршено на лиценцирани писти во Туркије, Шведска и Аргентина, а успехот во таа фаза го отвори патот за свеченото отворање на комплексот на фабриката за сериско производство на електричен автомобил што се издвојува по својот богат дизајн и технолошки карактеристики.
– Напредни системи
Опремен со долготрајна батерија, обезбедена со напредни системи за нејзино управување и системи за активно управување со топлинска енергија, автомобилот може да забрза од 0 до 100 km/h за помалку од 7,6 секунди со 200 коњски сили и за 4,8 секунди со 400 коњски сили.
Со батерија интегрирана во платформата, компатибилна со нивото на Euro NCAP од пет ѕвезди, ќе има висока отпорност на удар и 30 отсто поголема отпорност на торзија.
По завршувањето на хомологациските тестови, првиот СУВ во сегментот Ц ќе биде лансиран на пазарот на крајот на првиот квартал од 2023 година. Тогаш во производствената линија ќе влезат моделите седан и хечбек во сегментот Ц. Во наредните години, со додавање на Б-СУВ и Ц-МВП, ќе биде комплетиран асортиманот на ТОГГ што се состои од пет модели.
Кога производствениот комплекс ќе достигне капацитет на годишно производство од 175.000 возила, ќе вработува 4.300 луѓе. ТОГГ планира да произведе еден милион примероци на возила до 2030 година.
Извор: www.aa.com.tr