Перински – Градот Скопје е пред колапс

July 14, 2024
6 mins read

Министре најавивте сто милиони евра за општините веднаш по ребалансот на буџетот. Зошто централната власт ќе ја врши работата и задачите на локалната власт, како што се реконструкција на водоводни мрежи, изградба на градинки или, пак изградба на локални патишта?

Идејата на ова ветување, предизборно морам да кажам, а потоа и преточено во програмата на Владата, не е централната влада да ја врши работата на градоначалниците.

Туку главната идеја е да немаме повеќе општини каде што немаме водоводи, каде што немаме канализации, каде што немаме патишта за нормално функционирање на граѓаните во рамките на тие општини и тоа е главната и суштинска цел која што е преточена во ова ветување, сега веќе и во владината програма.

Свесни сме дека во одреден дел, поготово во внатрешноста, општините имаат потешкоти нормално да функционираат и да ги извршуваат своите основни дејности и во многу зависат од ваква помош од страна на централниот буџет за да можат својата општина да ја развиваат исто како и останатите поголемите поразвнените општини кои што се финансиски помоќни и постабилни.

И во таа насока цениме дека е навистина важно во 21. век, веќе да немаме улици кои што се неасфалтирани, да немаме општини каде што нема водоводи, да немаме општини каде што нема канализациски системи и во таа насока ќе го реализираме ова предизборно ветување преточено во програмата на владата.

Точно е, го чекаме ребалансот на буџетот, кој што очекуваме да се случи некаде кон крајот на месецот. И веднаш потоа ќе се објави јавен повик, на кој што локалните самоуправи ќе можат да аплицираат со веќе изготвени проекти.

Што е поразлично од предходно, кога во првите две недели од поставувањето на оваа влада, примерот Христијан Мицковски, исто како и неговите предходници, се фотографираше и се појавува на настани од локално значење со народски кажано фрлање лопата, што според ПР експертите, испраќа една порака дека се што се гради во државата, се гради поради него или во блискост со него?

Јас не гледам навистина проблем да некој човек, како што е во моментот премиерот Христијан Мицкоски, се радува на нешто што се реализира во рамки на неговата држава за која што он е, ајде да кажеме, првиот човек во моментот.

Навистина не гледам ништо спорно, да некој проект кој што ќе се реализира без разлика дали е од локалната самоуправа, дали е од централниот буџет, како премиер, како носител на јавна функција, истиот да се појави и да се радува на тоа што се случило.

Ние сме сведоци дека изминатите седум години една шајка не се закова во Македонија, а седум буџети се потрошија. И затоа сме доведени до оваа ситуација да не знаеме кој правец да го фатиме.

Ние наследуваме тотално девастирани министерства, тотално девастирана влада, тотално девастирана држава и тотално девастиран народ. Навистина сакаме таа слика да ја смениме во целост.

До сега ниту еден градоначалник не поднел одговорност за презадолженост на општината и за блокираните сметки. Само во првите три месеци, најзадолжени општини се Тетово и Гостивар, од таму доаѓаат вашите коалициони партнери Билал Касами и Арбен Таравари. Нивните општини се задолжени со под 10 милиони евра само во првите три месеци од година. Кога некој градоначалник ќе одговара за недомаќинското работење во општината?

Јас навистина не сум лицето ниту пак институцијата која што може да каже кога некој ќе одговара. Претпоставам дека прашањето ви е во рамки на законот кога би одговарал. Тоа прашање ќе го адресирате на друго место.

Во принцип, ние кои што работиме јавна работа во политиката, секогаш одговорност имаме пред граѓаните. Конкретно спомнавте две општини, финансиската состојба, мислам дека таму е лоша многу пред да дојдат овие сегашни наши коалициони партнери, така да тоа е една генеза која што се протега може би повеќе од 10 години.

Мислам дека нема градоначалник кој што би сакал да остави негатива во смисла на финансии во својата општина, доколку тоа може да го смени на било кој начин. Навистина ми е жал што реалните состојби во рамките на општините се такви какви што се, имаме и повеќе општини кои што кубурат со финансиски средства.

Се согласувам со вас во степенот на менаџирањето од страна на градоначалникот дека можеби, може да се на некој начин подобри сето тоа, но најверојатно одговорността по секој случај ќе се најде и на следните избори, затоа што како тоа што им се случи на нашата моментална опозиција, претпоставувам дека доколку не работите согласно на она што се очекува од вас, може и на нас да ни се случи.

Во првите три најзадолжени општни, покрај Тетово и Гостивар, влегува и Град Скопје, со долг од 9,1 милион евра само за првите три месеци од годинава. Тоа е за три пати повеќе во однос на истиот период предходната година. Што мислите на што се должи таквата задолженост за толку краток период за главниот град?

Долгот кој што вие го споменавте, мислам дека се однесува само на градот Скопје. Јас морам да споделам со вас информации коие јас ги имам во моментот. Во овој долг не се влезени долговите на јавните предпријатија, што е уште попоразително за Скопје.

Ситуацијата во градот Скопје, јас лично ја имам доживеано за тоа што, како што веќе знаете, бев дел од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ одреден период.

Од ова времена дистанција можам да кажам дека Скопје е пред колапс. И ова не го кажам тенденциозно за да нападнам нешто или да креирам некаков нов политички циркус. Не, воопшто не ми е тоа идејата. Јас само можам од мојава позиција која ја имам во моментот да апелирам до градските власти да се разбудат од зимскиот сон.

Затоа што секоја приказка има почеток и крај. Утре ќе треба некој да се сврти зад грб и да каже дечки, јас ова го направив или јас ова не го направив. Состојбата е премногу загрижувачка во Скопје. Покрај тоа што ништо капитално не се инвестира, финансиската состојба е страшна. Јавните предпријатија ќе останат без вработени. Тоа е многу голем проблем.

И сите нас, без разлика на која позиција сме во моментот, зборувам сега како скопјанин, треба да не загрижи и тангира. Навистина голем проблем и голем ризик.

Вашата притходна соработка со градоначалничката на град Скопја, Данела Арсовска, заврши со ваше разрешување од позицијата директор на „Водовод и канализација“. Каква соработка ќе имате сега од оваа позиција – министер за локална самоуправа?

Ви ги спомена средбите кои што ги одржуваме во владата со градоначелниците по планските региони. Само Арсовска не се појави на таа средба. Уредно беше поканета.

Значи, навистина, немам потреба да ме влече гнев од минатото и сега да од позиција на моќ јас нешто да правам или репресирам некако. Напротив, стојам на располагање за секој оној кој што сака да направи нешто добро во оваа држава. Отворени му се вратите на Министерството. И во иднина, еве и апелирам, во секое време доколку мисли и цени дека можеме како Министерство некако да помогнеме, добредојдена е.

Во тој контекст, тогаш таа најави кривична пријава против вас, обвинување да ја цитирам дека сте биле „фатени со рачињата во мед“. Што се случи со таа пријава? Ве повика ли обвинителство на разговор?

На самата прес-конференција која јас ја одржав во рамки на „Водовод и канализација“ дента кога дојде да ме разрешува и кога ни упадна практично на прес-конференцијата, јас бев тој кој што ги повика институциите да ги проверат сите наоди, затоа што јас бев сигурен во тоа што го зборував тогаш, а еве и после две години практично тоа и се потврди. И самите банки инвеститори, странските банки инвеститори, ме потврдија дека тоа што тогаш го кажував било така како што е. И ние бевме отворени за соработка, јас дадов исказ секаде каде што ме повикаа и нема никаква кривична пријава, затоа што нема основ за таква кривична пријава.

Мене ми е жал, што во изминатите две години, после оној политички циркус кој беше криран од страна на Градот Скопје, освен потпишувањето на договорот за изградба на пречистителната станица во Скопје, ништо не се случува. Тоа нас суштински треба да не загрижи. Тука е главното прашање. Зошто не се случува?

Кога ја спомнувате пречистителната станица, Државниот ревизор утврди дека и после 10 години ништо не е направено и дека „Водовод“, Град Скопје, заедно со централната власт, неефикасно раководат со овој проект и постои можност да се загубат финансиите. Дали вие како министер за локална самоуправа имате можност да преземете некакви мерки за да не пропадне овој проект?

Ние како Министерство за локална самоуправа немаме големи ингенеренции во овој дел. Тука може би повеќе би било засегнато Министерството за животна средина, а како Влада би требало на некоја од следните седници да видиме до каде е овој проект, бидејќи ова е државен проект, овој е проект од национално значење. Покрај тоа што е многу битен за Градот Скопје, битен и за цела држава. Па можам слободно да кажам и за регионот.

Би го покрeнале oвa прашање на владина седница?

Зашто да не?

Кога седнавте на министерското столче, со какво наследство од вашиот предходник Ристо Пенов се соочивте?

Не би сакал да навлегувам тука во детали чисто поради политичка коректност, ева така да кажеме. Институционално можам да кажам дека наследувам комплетно девастирано Министерство.

Не можам да ги обвинам луѓето кои што работат тука затоа што тие не ни знаеле всушност што треба да работат. Што навистина е погубно, ние немаме 200 министерства, имаме 24 министри кои што се задолжени во рамките на владата и да превземете една таква институција која што можемо слободно да кажам дека е во распад, е навистина жалосно.

Имаме план, имаме стратегија, како тим се горе-доле оформивме и почнуваме да ги спроведуваме политиките на владата. Не гледаме назад што било, од она што ги запознав моите колеги тука, има елан за работа, луѓето сакаат да работат и се надеваме на одлични резултати во инднина.

Целото интервју со министерот за локална самоуправа Златко Пирински може да го погледнете во видето на почетокот на текстот.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

„Обидот за атентатот над Трамп го изведе 20-годишниот Томас Метју Крукс“, објави ФБИ

Следно

ФБИ го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс како лицето кое пукаше во Трамп

Latest from Blog

Македонија реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил сподели објава во која соопшти дека „нашата држава денеска беше реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското

Реслер: Хрватска може да и биде „спонзор“ на Северна Македонија на патот кон ЕУ

Во услови кога геополитиката е променета, нема место за билатерални уцени, вели хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој е и претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Тој смета дека треба да се

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат

Градоначалничката на Град Скопје нема да се кандидира на претстојните локални избори

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека

Најмалку 9 лица се убиени кога израелските сили бомбардираа училиште во кое се засолнети раселените жители на Газа

ГАЗА (АА) – Најмалку девет лица се убиени во израелски напад врз училиште во кое се засолниле раселени цивили во градот Газа, изјави медицински извор, јавува Анадолу. Очевидци изјавија дека израелските сили
Go toTop