ВАШИНГТОН (АА) – Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (Пентагон) соопшти дека е откриен разузнавачки балон за надзор на голема височина над САД и дека американската војска го следи неговото движење, пренесува Анадолу.
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, преку телеконференција даде изјава за медиумите во врска со тоа.
„Владата на САД откри балон за надзор од голема височина над копното на САД кој моментално се следи. Владата на САД, вклучувајќи ја Командата за воздушна одбрана на Северна Америка (NORAD), одблизу го следи балонот. Балонот моментално се наоѓа на многу голема височина од сообраќајот на цивилната авијација и не претставува никаква физичка или воена закана за луѓето на копно“, истакна Рајдер.
Тој потсети дека вакви случаи со балони се случиле и во минатото и нагласи дека преземени се потребните мерки со цел балонот да не собира разузнавачки информации.
По Рајдер, изјави за медиуми даде и друго официјално лице од Пентагон кое сакаше да остане анонимно: „Сигурни сме дека овој балон за надзор од голема височина припаѓа на Кина. Исто така и пред неколку години беа откриени вакви балони. Претседателот [Џо] Бајден беше информиран за ова“.
Официјалниот претставник нагласи и дека балонот има слаби капацитети за собирање разузнавачки информации во САД.
Американските власти стапиле во контакт со кинеските власти во врска со ова прашање.
Извор: www.aa.com.tr