„Подмолно“, „подметнато како тројански коњ“, „удар врз демократијата“, се дел од епитетите со кои независни советници зборуваат за начинот на кој беше зголемен прагот за бројот на потписи што во иднина ќе треба да го соберат независните листи доколку сакаат воопшто да учествуваат на избори.
Ваква промена не била дел ниту од предлозите што ги дала работната група за измени на Изборниот законик согласно препораки на ОБСЕ/ОДИХР, тврди претседателот на ова работно тело, адвокатот Александар Новаковски.
Новите правила значат дека независните листи за пратеници во Собранието и советници во локалните совети, како и независни кандидати за градоначалници ќе треба да соберат потписи од еден од отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица или општина за да може да се најдат на гласачкото ливче.
Во пракса ова значи дека ако за поднесување независна листа за пратеници во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, сега ќе бидат потребни од околу 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица. Во Градот Скопје, пак, на пример една независна листа за советници, според досегашните правила требаше да собере 1.000 потписи, а со новите ќе треба да има над 4.500.
Ваквите промени во јавноста поминаа незабележано на седницата во Собранието на 7 март бидејќи беа донесени во пакет со измените кои се направија со цел да им се овозможи на граѓаните кои немаат важечки лични документи да гласаат на претстојните претседателски и парламентарни избори, како и во пакет со измените според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Новаковски: Работната група воопшто не го разгледуваше ова прашање
За имплементирање на препораките од ОБСЕ/ОДИХР во изборното законодавство, Министерството за правда формираше работна група, која паралелно работи и на изработка на предлог за целосно нов Изборен законик.
Претседателот на ова работно тело, Александар Новаковски, во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека не само што тие не предложиле туку кога се подготвувал предлогот за измени според насоките од ОБСЕ, подигањето на прагот за потписи не се ни разговарало.
„Тоа прашање и тој член никој не го отвори, ниту беше предлог на разгледување ниту беше дел од препораките на ОБСЕ“, вели Новаковски, кој е и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Негов личен став е дека не е потребно зголемување на бројот на потребни потписи, пред се за кандидати за локални избори, но нагласува дека сепак пратениците имаа легитимно право да предложат измени и да имаат свој став и анализи зошто се прави одредено нешто.
Објаснување од пратениците, пак, јавноста не можеше да слушне на пленарната седница во Собранието, ниту на седниците на двете комисии (Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците), каде поминаа предлог-измените на Изборниот законик. Зошто сметале дека треба да се подигне прагот, до објавување на овој текст не добивме одговор ниту од координаторите на најголемите пратенички групи во Собранието – на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Партиите играат спротивно на препораките на ОБСЕ“
Наспроти нив, пак, бурно реагираа независните советнички групи, кои настапија на минатите локални избори во 2021 година и успеаја да влезат во советите во десетина општини. Меѓутоа, како што реагираа, овие измени може да ги истиснат од учество на следните што треба да се одржат есента 2025.
Меѓу нив е и иницијативата Зелен хуман град, која во Град Скопје успеа да освои две советнички места. Едното од нив го пополни Горјан Јовановски кој измените ги смета за катастрофални и вели дека се поднесени „во стил на тројански коњ“ и со цел да ги спречат независните да ги загрозуваат позициите на партиите. Ваквите правила, посочува тој, се наметнуваат во ситуација кога за формирање политичка партија на национално ниво се бараат само 1.000 потписи.
„Едноставно се игра комплетно спротивно на сите препораки на ОБСЕ за отстранување на барањето за воопшто собирање потписи бидејќи тоа претставува пречка за вклучување на граѓаните во работата на институциите. Со ова се обидуваат буквално да ги тргнат сите оние независни кандидати, вклучително и нас, кои на претходните избори успеавме да добиеме место и да работиме внатре во советите како претставници на граѓаните“, вели Јовановски.
Тој смета дека собирањето на повеќе од 4.000 потписи за независна листа во Скопје, како што налагаат новите правила, наспроти досегашните 1.000 може да биде и „скоро невозможно“.
Дека воопшто и не би требало да има потреба од потписи зошто секако истите граѓаните потоа својата (не)поддршка ќе ја покажат на изборите, смета и независната советничка и претседателка на советот на Општина Битола од редовите на кандидатската листа Поинаку, Габриела Илиевска. Која е потребата да се малтретираат граѓани за собирање потписи, прашува таа.
„Со кревањето на прагот, ние се соочуваме со можеби повеќе од дупло потписи кои ни требале пред две и пол години. Самиот начин на кој е ова направено покажува дека политичките партиите не сакаат во нашето општество да постојат независни ниту советници ниту пратеници ниту градоначалници. Мене ова ми изгледа дека сакаат да живееме во буквално партизирано општество“, вели Илиевска.
Сепак, нагласува, не е прашање дали е тешко или не да се соберат потписи, туку дали ова воопшто е прифатливо. Нив, како независни, никој не ги ни прашал иако Иливска смета дека требало да бидат вклучени во подготовката на измените.
Од листата на Поинаку во актуелниот Совет во Битола има тројца советници. На изборите во 2017, пак, освоија два мандати.
И тие и Зелен хуман град заедно со уште шест други независни листи кои освоија советнички места во останатите општини покрај реакцијата за подигање на прагот, побараа нови итни измени на Изборниот законик со кој, како што велат, би се отстраниле и други апсурдни услови за независните.
Меѓу нивните барања е да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, рокот за собирање да биде 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде целосно наведено на гласачкото ливче, како и да имаат пристап до избирачкиот список.
Последните измени на Изборниот законик на седницата на 7 март беа усвоени без никаква дискусија, а ниту еден збор објаснување за подигање на прагот за потписи не може да се најде и во писмениот предлог што се најде на собраниска седница.
Вкупно „за“ гласаа 84 пратеници, двајца беа воздржани – Маја Морачанин од ДОМ и Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците на Македонија. Ниту еден не гласаше „против“.
Измените беа донесени на неполни два месеци пред одржување на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април. Вториот ќе се одржи на 8 мај кога ќе се гласа и на парламентарни избори.
Извор: Радио Слободна Европа