Парите за заштита и спасување се трошат на бекатонки по општините – Национални шуми чекаат ДЗС и ЦУК да гаснат пожари, вели Максути

2 mins read

Авионот и хеликоптерот не можат да завршат работа, секогаш ќе мора копнени сили да проверуват, да гаснат и да чуваат стража, кажа директорот на ДЗС, Максути

Од денешната заедничка прес-конференција на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути

Во случај на пожар, веднаш затајува првата алка од ланецот за интервенција, па сите чекаат Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување да гаснат на терен, вели директорот на ДЗС, Беким Максути.

Тој се осврна на работата на јавните претпријатија и градоначалниците за кои вели треба да интервенираат во првите моменти од појава на пожарот – клучни за да се спречи негово понатамошно ширење. Посочи и пример.

„Ги нема на терен. Затоа на сите вести првата реченица со која се почнува е со Дирекцијата, со ЦУК, со авионите. Дали досега сме ги прашале Национални шуми колку се подготвени? Знаете која е нивната задача? Заштитата, не сечата, а да појдете да ги прашате, ќе испадне дека сечата им е главен приоритет зашто од тоа добиваат приход. Наидуваме на ситуации – 50 вработени од шумските служби, само четворица може да излезат на терен. Тоа е ситуација која не треба да биде дозволена“,

вели Максути.

Првиот човек на ДЗС посочи дека општините Кичево и Куманово не се на ниво на нивните задачи, додека Кавадарци е пример што треба да се следи.

„Можам да упатам навистина исклучително пофални зборови и кон одредени градоначалници од источна Македонија, како Берово, Пехчево и Делчево. Има и одредени општини каде градоначалници не сакаат да се помрднат и заштитата и спасувањето го сметаат како нешто последно, тоа е загрижувачко и противзаконско. Цело време мислат дека некој од Владата или од институциите на повисоко ќе им ги решава нивните првични задачи. Ние имаме општини каде се купени камиони за шумски пожари, кои со многу мала километража стојат паркирани затоа што имаат дефекти. Одржувањето на камионите не е во надлежност на ДЗС и на ЦУК“,

додаде Максути.

Тој кажа и дека општините имаат солидни приходи за заштита и спасување, но парите не ги трошат наменски.

„Две евра од секое моторно возило при регистрација одат директно во општинскиот буџет, којшто е наменет за заштита и спасување. Ќе си ја земам за пример мојата општина, Тетово, регистрирани 48 000 возила – тоа се 96 000 евра годишно. Еден градоначалник за четиригодишен мандат би можел да набави две до четири помали моторни возила и опрема. Ниту една општина овие средства не ги троши наменски и никој не одговара“,

кажа Максути.

На новинарско прашање на што се трошат парите, тој кусо врати – на бекатонки.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека треба системски пристап на проблемот.

„Национални шуми имаат, условни кажано пожарникари, но се недоволни. Ќе ги пишат сите пожарникари, но во реалноста ја немаат таа бројка која ја декларираат и раководството на Национални шуми не е виновно, тие се – нема луѓе. Законот е ригорозен. Решението е во една целосна реформа во системот за управување со кризи но тоа да го направат луѓе од браншата бидејќи ние ги знаеме реалните проблеми, професори не ни требаат. Професорите водат во погрешни правци, лесно е вие да направите одличен закон на хартија потоа тој е неприменлив во пракса“,

рече Ангелов.

Инаку, трите ертрактори се во исправна состојба и подготвени за дејствување во случај на големи пожари. ЦУК и ДЗС имаат напомош и хеликоптери од Министерството за внатрешни работи и од Армијата.

Но, и тие имаат лимити. На пример, авионите вода полнат на неколку точки, а бензин на едно место. Затоа, според директорите, важно е сите институции да бидат максимално подготвени кога доаѓа сезона на пожари.

„Авионот и хеликоптерот не можат да завршат работа, секогаш ќе мора копнени сили да проверуват, да гаснат и чуваат стража“,

кажа Максути.

Во моментов, на територијата на државата, нема активни пожари.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Српски функционери од БиХ и Република Српска на „црната листа“ на САД

Следно

Фабињо официјално е нов фудбалер на Ал Итихад

Latest from Blog