Отпадоци пронајдени недалеку од „Титаник“, експерти истражуваат дали се од исчезнатата подморница

June 22, 2023
1 min read

Експерти од тимот за пребарување и спасување ги анализираат собраните информации, пренесува Би-би-си

Брод со далечински управувач кој трага по исчезнатата подморница „Титан“ пронајде отпадоци во делот за пребарување недалеку од „Титаник“, објави американската крајбрежна стража.

Експерти од тимот за пребарување и спасување ги анализираат собраните информации, пренесува Би-би-си.

„Не е јасно дали овие отпадоци се поврзани со исчезнатата подморница“,

соопшти крајбрежната стража.

Брод со далечински управувач кој може да стигне до дното на Атлантикот и да испрати слики на површината е нарачан од француски истражувачи.

Мултинационален тим за пребарување и спасување ја продолжува морската и воздушната потрага по исчезнатата подморница по име Титан.

Претходно денеска беше објавено дека потрагата по подморницата влегла во завршна фаза, бидејќи достигнала граница од 96 часа по што ќе остане без воздух за дишење за петчлениот екипаж.

Гилермо Сонлајн во изјава за Си-ен-ен, зборувајќи од свое име, а не во име на компанијата „ Оушнгејт експедишнс“, рече дека извршниот директор и ко-основач на компанијата, Стоктон Раш, кој е на подморницата, и остатокот од екипажот знаат дека треба да останат смирени што е можно повеќе за да заштедат повеќе кислород и да им дадат на спасувачите повеќе време да ги најдат.

Властите се надеваат дека подводните сондажи би можеле да помогнат да се намали потрагата, бидејќи се проценува дека областа на можната локација е широка илјадници километри и длабока околу четири километри.

Вчера имаше знаци на надеж со оглед дека американските и канадските екипи слушаа звуци, но по неколку часа Американската крајбрежна стража објави дека не успеале да го идентификуваат изворот на звуците.

Туристичката подморница исчезна во неделата во близина на потонатиот брод „Титаник“ во средината на Атлантикот, а целосен траг ѝ се губи еден час и 45 минути по нурнувањето.

Станува збор за подморница која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри. Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.  

Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина. 

Извор: 360stepeni.mk

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

VERO marketi

Претходно

Сон сака да остане во Тотенхем

Следно

Вучиќ од Брисел: Се плашам дека сè отиде предалеку, не го гледам клучот за решавање на ситуацијата

Latest from Blog

Низ Европа се шири нова инфекција: Болест од коњи и говеда почна да се пренесува меѓу луѓето!

Здравствените експерти предупредуваат дека низ Европа се шири нова инфекција која ја промени досегашната динамика и почна да се пренесува од човек на човек, пред сè преку сексуален и близок физички контакт.

Претседателот Гаши на 67. Генерално собрание на ПАБСЕК во Тбилиси

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на 67. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), што се одржува на 30 јуни и 1 јули 2026 година во

Проданоски: Отворен Центар за дневен престој на стари лица во Прилеп

Во Прилеп денеска и официјално беше пуштен во употреба Центарот за дневен престој на стари лица за активно стареење, кој ќе обезбедува грижа, поддршка, социјализација и различни активности за повозрасните граѓани. Градоначалникот

Општинскиот штаб во Прилеп ги активира мерките за превенција од пожари

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Прилеп започна со интензивни подготовки за претстојната сезона на пожари, со цел навремена превенција и ефикасно справување со евентуални пожари на отворен простор. Од Општината
Go toTop